Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 562970 Постинги: 749 Коментари: 120
Постинги в блога
<<  <  1 2 3 4 5 6 7  >  >>
10.04.2017 13:02 - Хафиз Ода 155
 1

Без добро старо вино, пролетта не е пролет за мене!

Без твоите образи што како лалиња си ги потпалила,

милослив воздух од градини и ливади не ќе се крене

и розите не се рози ако ти со очите не си ги погалила.

2

Половина од неговата милина телото твое секако губи

но кога јас со копнежлививе очи го гушкам, таа е цела;

устата твоја мед лачи само кога мојата сака да ја љуби

инаку за други усти, отров токми како збеснета пчела.

3

Напразно кипарисот за галење на зефирот му се нуди,

само ако славеј слета на него, ќе има кој да го слави.

Умот создава фантастични слики за рајата да се чуди,

ама само сликата на љубената него мудрец го прави.

4

Сигурно е дека добро однегувано вино е лек згоден,

зелената градина без пријател во неа е како загубена.

Хафиз, твојата душа залегна на метал неблагороден,

не копаничари го врз него лицето на твојата љубена.

***********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 483 Коментари: 1 Гласове: 1
Последна промяна: 10.04.2017 19:20
07.04.2017 23:33 - Хафиз Ода 174
 1

Едно време пред порта ти живеев и не бев згрозен,

очите ми блескаа наросени од невидливиот прав

што се дигаше кога во близина минеа твоите нозе;

а лице штом ти видев, срцево имаше ритам здрав.

Мислата на твојата душа ја повторуваше мојот јазик,

кога разумот срцето мое за доверлив совет го праша,

претпочитав твојата мудрост довербата да ми ја пази,

и не се плашев дека ќе згине таквата блискост наша.

Тука, во тој комшилак, ко во розна градина спастрен,

можеше да се гледа дека Хафиз како здравец расте.

2

Но, за жалост, таквата моја сигурност сега е минато!

Љубена, која е причината што крадешкум те снема?

Прашав сѐ живо зошто пријателството ни е раскинато

но за заздравувачки одговор сечија уста остана нѐма.

Сношти, барајќи си утеха од бедноста што ме снајде,

во меаната отидов и во врчвата со вино се вгледав,

мислев како она од ногарките нема никакво фајде,

во глиненото подножје изгледаше ко сопната беда,

меанџијата со винска крв грубо ја наполнил до горе -

и ете, токму таква врчва полна јадови јас сум сторен.

3 

 

А потоа, мислев на Абу Ишах, мил и побожен човек,

кој две децении на Шираз градоначалник му беше:

сите очекувавме дека со него ќе ни биде убаво довек

а загина од превратници што светов им бил грешен!

Воздигање и пад се темелите на нестабилнава сфера,

сега прȧв е оној што законодавен печат беше вчера!

Хафиз, зар до неодамна ти не беше еребица на раат,

што се кокореше несвесна за несреќата што веќе иде:

заслепена, единствено гледаше пердувите да ѝ сјаат

и дебнечкиот сокол на трагичната судбина не го виде!

***********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 614 Коментари: 0 Гласове: 0
06.04.2017 11:48 - Хафиз Ода 364
1

Еве го мигот кога низ воздухот чудна сладост се шири,

од љубената е замајувачкиот оддалеку дојден мелем,

и ширум летната ноќ сѐ живо под небесата се смири,

како од нејниот пламен божествена мȧна да сме зеле.

И за момент се осветлени бавноизодените километри,

растојанието потскокнува во дневниот сјај и се светри,

како да е мимолетна насмевка на љубената, го снема,

а јас ги видов камилите како наидоа во поворка нѐма.

2

Камилогоничи, растоварајте, голем одмор нека биде,

богат е товарот што трговците нестрпливо го чекаат,

но ветерот Северец сигурно навести дека таа ми иде

а телово и душава одамна по неа изгладнети пекаат.

Ах, летна молњо, знакот твој за разгатнување е лесен,

вели дека во душата на ова лето радоста ќе се внуши:

кога од едно до друго срце громовниот лак ќе блесне

и сѐ ќе биде добро во длабоката тишина на тие души.

3

Не биди нестрпливо, срце, жалта никому не носи мираз,

иако љубената е многу долго далеку од погледот твој,

ќе дојде таа пак, за тебе и за восхитот на целиот Шираз,

како чудесија на изгрејсонце, заедно со славејниот пој,

ќе дојде за да ги утеши седумте виножита во очите мои,

кои се вцрвени од крвта на солзите што за неа истекоа,

се мешаа боите на розите со крвта на срцето многу често

и висеа како таписерија од солзи за која мнозина рекоа:

мојот ткајачки дуќан треба да се прогласи за свето место.

4

Љубена, болните мисли на изгладнетото срце си ги чула,

кога разгласував дека легендарната уста на лицето твое

ги инспирира математичарите да го воведат бројот нула,

дека бисерот на невидливоста од твоето семе е скроен,

дека сум човек кој животот го потроши во залудна беда

барајќи ја устата толку многу малечка што да не се гледа:

ќе има ли друг ваков горделив бајрактар на лудите чеда!

5

Хафиз, јаремот на љубовта кон љубената тешко се носи,

никој заради твојата величествена љубов не ќе те слуша!

А дали некогаш Хафиза лутина против љубената го коси?

Зар воопшто е можно човек да биде лут на својата душа?

Љубена, од љубов за тебе Хафиз сигурно е скршен молив
не бој се да дојдеш на неговиот гроб зарад твоите злости,

праведно беше што ти неговата крв игнорантски ја проли

на гробот прочитај го неговиот епитаф: Хафиз ти прости!

**********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 415 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 06.04.2017 11:54
05.04.2017 08:04 - Хафиз Ода 606
 1 Пролетта изникна со сите спреми, лалињата и трендафилите пак се тука; само ти, спанко мал, остана вземи, безгрижен во сонот за мојата скука. 2 Спанко мал, пролетта сега ми е друшка додека залудно твојот гроб го гушкам; априлскиот дожд по лицето ми ползи но не успева да ги измие моите солзи. 3 Но што ако солзите не залудно течат, ако ти како цвет малечок ми никнеш! Бол и тага нема помалку да ме печат но бар срцево на загубата ќе свикне.
*Се верува дека Хафиз песнава ја напишал по повод смртта на неговиот мал син.
Препев од англиската верзија: https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/odesfromdivanofh00hafiuoft_djvu.txt  
Категория: Поезия
Прочетен: 341 Коментари: 0 Гласове: 1
05.04.2017 01:32 - Хафиз Ода 71
 1

Црна ноќ ми е секој ден ако не го видам лицето твое,

со него ти на розите им наметнуваш пелерини од роса

и сиот живот е правлива смрт ако со тебе не е скроен,

и за светови не ги сметаат тие што твој белег не носат.

Нажален, заплакав кога неодамна ти збогум ми рече,

силата на моето видело беше испрана од очите мои,

твојата слика, кралица на глетките, кажа реч која сече:

дека руина каква е моето око, за свој дом не го брои.

2

А до неодамна ти беше моја и секој ден бев како нов,

но сега денот на мојата смрт оддалеку веќе ме плаши,

пропаста ми е во најдобро издание а јас, нејзиниот лов,

животот си го мерам со здивот помеѓу винските чаши.

Мракобесниците, што секому удираат последен печат,

за тебе, љубена, далеку нека се од денот кога ќе речат:

 “Од тебе ништо не остана за в море или за на небо!“

 Ах, јас тоа нема да го исползувам како кец од џебот,

да мислам дека си се покајала и дека пак си мој ќар:

та јас тогаш ќе бидам сал здив прашина, сенка на зȧр,

сурова анатомија, облека од пепел и споменик стар.

3

Од толку многу плачење исцедени и суви се моите очи,

и ако ти, љубена, сакаш да го видиш најмачниот врв,

слободно кажи, немој задоволството да си го кочиш,

остана можноста да ти плачам со солзи од мојата крв!

Хафиз, трпението и смеата треба доктори да ти бидат

но како, растворен во слабост, би имал сила трпелива?

И тага и радост немаше денес, а ни во дните што идат,

не може да очекуваш дека, за лек, утехата ќе те целива!

**********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 298 Коментари: 0 Гласове: 0
04.04.2017 11:16 - Хафиз Ода 74
1

Љубовта е замамното море кое нема ниту еден брег,

на тоа мориште за напомош никој нема да се крене,

кој плови по него веќе нема да види ни песок ни снег

а сепак, ќеф ми е што таа пловидба ми се падна мене.

Ах, колку е убаво по тоа море и најдолго да се плови!

Па што и ако горделивиот брод мора да сведне глава,

мојата љубена на ист тој брод со мене радоста ја лови,

па ако е ред она да тоне, кабил сум и јас да се давам.

2

Со заљубен маж разумен муабет не може да се води,

исто е како да трошиш аргументи против добро вино,

љубовта има мудрост што со мудрост под рака не оди,

разумот не знае како нѐ обира божественото казино.

Среќното срце лесно си го наоѓа својот среќен плен,

не му се потребни патоказни знаци од субјект вишен;

со љубов ќе го исполнам секој момент од твојот ден,

ко што меанџијата со вино го полни грлестото шише.

3

Како што меанџи-Саки ги полни нашите чаши до врв,

така ти твојата чаша наполни ја со живот длабок и јак;

во неа , за смрттта не оставај ни талог од винската крв,

нема човек што заспал а во сонот од чашата пиел пак.

Сал невини очи може да го видат лицето што го сакам,

тоа е лице што, едвај приметно, како месечина млада,

личи на далечен дух кој врз заспаните дрвја немо ака

а неговите сребрени чевлиња сјаат во таа променада.

4

Не прашај кој го отепа Хафиза, очите прашај ги твои,

не криви го Небото ни Фортуната за таа случка бедна;

да бев сигурен дека за мртвите воскресение се крои,

ќе сакав пак да ти дојдам да ме заколеш уште еднаш.

Иако тврдо и ладно, твоето срце восхитот ми го плени,

толку студенило не зрачеле дури ни најстарите стени,

но и покрај тоа јас истрпев тортура и ич не ми е мака

бидејќи повеќе се восхитував на љубовта што те сака.

*************

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 392 Коментари: 0 Гласове: 0
02.04.2017 20:30 - Хафиз Ода 32
1

Сѐ избледува и се лизга во овој нестабилен свет

и исчезнувајќи длабоко долу, несомнено се топи;

како празен ветар е дури и нашиот животен лет,

прилив и одлив сме, пимплачи што суетата ги опи,

а ни колку прекршен дрвен покрив немаме цена,

заборавени ко виножитен прелив на морска пена.

2

Надежта е самовилска палата но од песок е сета,

дрвото на животот пушта корења во виорен ветар,

исчезнува сето, а ако некој за пријател ме праша,

јасно ќе му кажам: еве го, виното во мојава чаша!

Саки, слуга сум на пријателот, човек ми е тоа вино!

Пред едикојси, на колена клекнат под небото сино,

со дух силен сум, светот нека си оди ако му е фино!

А ти, налеј ми пак и за чудна новост биди спремен!

Минатата ноќ, во меанава чадна, во ниедно време,

додека од виното опиен и слуден, клапнат дремев,

блесок како од Сонцето почна лицето да ми го пече

и пред мене Ангелот на Невидливиот свет вака рече:

3

“Хафиз, велик си, со умот продорен и острото око,

поетски мисли бркаш и ловиш како кралски сокол,

но оваа планета што проблемите ги раѓа без почин,

овој свет на маки и солзи, оваа земја на тажни очи,

не е гнездо за тебе, ти тука стануваш Болен Дојчин!

На седмото небо, со Ангел Габриел тебе ти е место,

во рајскиот предел, во близина на божјиот престол!

Слушни како твоето име на празното небо чест дава,

на рајски брегови ангелите ја опеваат твојата слава,

канат да го напуштиш светов и маките што те штават!

Бегај од невеста која на илјада младоженци им била,

таа древна нацртана жена што со иста лага зема сила,

што ни на еден од нив не му покажала трајна грижа,

додека вљубени славеи ко на розни трној се нижат“.

Да, ангелот блескотен таква беседа на Хафиз му кажа,

во земниот рај кајшто пијаниците маките си ги блажат.

***********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 409 Коментари: 0 Гласове: 1
01.04.2017 01:02 - Хафиз Ода 290
1

Ветре источно, те молам, намини дома кај љубената

и донеси ми свежи вести за тоа како ги минува дните;

не одбивај ја молбата на бедникот вљубен во жената

на која тој ни колку едно зрно афионско не ѝ е битен.

И тебе, розо од нејзината градина, љубезно те молам,

воздишката на љубената кога таа го впи твојот мирис

пренеси ја на славејот за со песна мисливе што болат

да ги лекува и душата моја барем малку да се смири.

2

Љубена, та јас тебе веќе сум те љубел кога ти беше
сал нежно резне нова месечина на небесниот свод,

мала гола самовила со нос прчлест , малку смешен,

ги следев твоите сребрени чевлиња во лелеавиот тд.

Ах, тогаш те сакав и те придружував со душевна сласт!

А сега ти си возрасна месечина, со цицлеста убавина,

и за твој кавалер саноќ пак да ти бидам се борам јас,

и мислам, тоа би можело да биде вселенска правина!

3

Ама ако и ти ме засакаш, јас ќе го закопам твоето име

далеку, преку пустите мориња, во неоткриена земја;

убавице, стори атер и биди мила умница, за пример,

рацете на поетот наполни ги со злато, сребро и темјан.

Сето идно време ќе мечтае за тоа што чудо ти си била,

со таква магична цврстина и свежина на твојот здив;

Хафиз во песнава ќе го чува твоето лице ко китка мила

наспроти смртта која насекаде го сее заборавот див.

**********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 741 Коментари: 1 Гласове: 1
Последна промяна: 01.04.2017 19:29

1

Имав дванаесет години зелени,

прват се симнав од моето село

и во тоа гратче тебе те сретнав,

како дотогаш најубавото дело

што го видела мојава глава глупа!

Малечка моја од Босанска Крупа!

2

Дали ти си ме видела не знам:

во оклопот од опинците стегнат,

селски ученик, плавуш синоок,

во детско љубопитство спрегнат,

гледав како трговецот пари трупа.

Малечка моја од Босанска Крупа!

3

Ти наиде како облаче лесно,

твојот поглед за миг ме шекна,

заборавив дури и како се викам,

и за ништо паметно не ми текна.

Изневерив како да сум сабја тупа!

Малечка моја од Босанска Крупа!

4

Течеа така гимназиските денови,

споменот на тебе не ми згасна,

ми го шепотеше твоеото име

модрата Уна во пролетта красна!

Ти лебдеше пред мојата клупа!

Малечка моја од Босанска Крупа!

5

Брзо поминаа ученичките денови,

како пеперутка со крилја златни,

сепак, во срцево тебе те зачував,

низ бурите на дните воени матни.

Тие сеќавања не може да се купат!

Малечка моја од Босанска Крупа!

6

Сега е доцна, веќе сум остарен,

ја гледам Уна, молчи како нѐма,

залудно лутам по улиците знајни,

сѐ е пусто оти тебе веќе те нема.

Последното од мене годините го лупат!

Збогум, малечка моја од Босанска Крупа!

Оригиналот тука:

http://www.poezijasustine.rs/branko-copic/mala-moja-iz-bosanske-krupe
Категория: Поезия
Прочетен: 448 Коментари: 0 Гласове: 1
Последна промяна: 29.03.2017 01:35
26.03.2017 13:22 - Хафиз Ода 253
1

Не ги заборавај, срце мое, твоите пријатели стари,

помни ја прекрасната верност на тие мртви лица;

дружбите со нив  беа повредни од сите наши пари,

ги нема а беа живи и мили како песнопојна птица.

О, има ли нешто повредно од пријател да се ќари.

2

Времето изневерува но ти помни ги тие што те сакаа;

нивниот пријателски поглед тебе веќе не те погалува

бидејќи тие се избледени и далеку како духови акаат,

но твојта љубов кон нив времето нека не ја намалува,

спомените за нивната љубов ко штрци нека штракаат.

3

Помни го и црвеното вино и розите со опоен мирис,

слатките песни на славеите што го красеа часот ран,

поточето кое трчаше за во прегратката да се смири

на реката обрабена со рајските градини на Исхафан;

споменот за минатите убави мигови нека ти се шири.

4

Да се сеќаваме на мртвите кои чувале и тајни наши,

но да не се радуваме што ги поклопи гробна плоча.

Хафиз, сега од растајнување ни малку не се плашиш,

но заради тоа спомените за нив нека не ти се кочат. 

 

***********

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 297 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 26.03.2017 17:32
24.03.2017 20:51 - Хафиз Ода 79
1

Никој не го видел твоето лице ама илјада очи бдеат

да го дочекаат денот кога ќе го кренеш твојот вел;

Пупки на рози увилени, славеи збудалени, не пеат,

нестрпливо воздиваат, твоето појавување им е цел.

И не е чудно што и јас навраќам пред твојата порта,

и колку и да изгледа дека сум многу далеку од тебе,

мечтаам да ме сакаш со надеж среќата да ми е ортак,

иако си знам, многумина таа среќа ја сакаат за себе.

2

Љубовта е црква која сите религии ги спојува кроце,

Исламот, или Христијанството или Кафеаната се едно;

твоето лице на секој планетарен систем му е сонце,

а твојот сокак, љубена, ова сонце го осветлува вредно.

Не требаат манастирски ѕвона кај љубовта царува, ,

за живот посветен на неа не требаат мантии свети ;

со манастирски клепала времето не се оптоварува,

каде благоста вирее и божјата угодност ќе се сети.

Познато ми е дека најљубената моја тага ќе биде,

заради неа ќе страдам и болка кон мене веќе иде.

3

За секоја друга агонија и болка се наоѓа некој илач,

но за мојава треска само љубената утеха ќе ми даде.

Хафиз, Господ знае дека не е кукавички твојот плач,

има здрава причина што со тажни зборови се јадеш.

Едино проблем е што не знаеш дали таа ти ги слуша!

Та, од толку многу тажни песни и небесата се гушат!

************

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 373 Коментари: 0 Гласове: 0
24.03.2017 12:49 - Хафиз Ода 48
1

Не, Саки, тргни го виното подалеку од мене!

Денес не ми треба за висхитот да ми го крене!

Моето битие е опијането со обожувачка почит,

за тој банален опијат не се лакомат моите очи.

Како би можел човек што со нив од убавина пие,

што неа ја гледа ко да е небесната Северна круна,

и во прекрасна размисла со восхит в срце си рие

и понатаму да биде задоволен и напнат ко струна

пиејќи вино што само го тера сред бел ден да спие?

Не, Саки, тргни го виното во некој забатален крај,

иако е верно дека оно истекува од небесниот рај!

Ако не го тргнеш, ќе го истурам на кафанскиот под,

денес без него срцево го роди восхитот како плод.

2

Се разбира, јас пак ќе си бидам опијанет и за пеза

но на друг начин, со возвишеност ко да сум цезар!

Ти, си, Саки, стариот кафеански заратустрен монах

ама вратите на твојата кафеана на тревога ѕвонат

оти Хафиз ја надмина својата винска деформација

и за тебе веќе нема ќар од неговата реформација.

*****

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 265 Коментари: 0 Гласове: 0
<<  <  1 2 3 4 5 6 7  >  >>
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 562970
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502