Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 563780 Постинги: 749 Коментари: 120
Постинги в блога
<<  <  56 57 58 59 60 61 62 63  >  >>
  Ова е мој препев на сонетот бр.20 од Вилием Шекспир. 1. O,господарски учителу на моето страдање - нежност и срце меко Природата ти дари но без шминкерајот и блуткавото бладање што жената ги применува за маж да ќари. 2. Со поглед поблескав од било што денски но без кокетност и дволичност воспитан, ти како виножито, и на мажи и на женски, им крадеш воздишки за да ти се восхитат. 3. И откако Природата првин жена те створи се премисли и за себе машкост ти насади па иако за тебе ко за жена срце ми гори поразена ми е мислата за твоите наслади. 4. Но,ако, бар за твојта љубов уши ми ѕунат а Стојко твој нека ги љуби женските руна. ————— Еве го оригиналот: XX A woman’s face with nature’s own hand painted, Hast thou, the master mistress of my passion; A woman’s gentle heart, but not acquainted With shifting change, as is false women’s fashion: An eye more bright than theirs, less false in rolling, Gilding the object whereupon it gazeth; A man in hue all hues in his controlling, Which steals men’s eyes and women’s souls amazeth. And for a woman wert thou first created; Till Nature, as she wrought thee, fell a-doting, And by addition me of thee defeated, By adding one thing to my purpose nothing. But since she prick’d thee out for women’s pleasure, Mine be thy love and thy love’s use their treasure.
Категория: Поезия
Прочетен: 495 Коментари: 0 Гласове: 0
   

Ова е мој препев на песната “Меко место за паѓање“ што ја пее кантри-пеачката Алисон Мурер во видео-клипот подолу. Под клипот е текстот на оригиналот на песната. Меко место за паѓање 1. Еве, пак крај тебе ме затече зора рујна да се послужиш со мојата љубовна кујна; но,значајните нешта одбегнуваат раѓање кога стално бараш меко место за паѓање. 2. Молам,бејби,немој погрешно да ме сфатиш, со враќање на филмот не сакам да платиш, но ти треба добро да знаеш зошто реков дека и јас за паѓање барав место меко. 3. Барав меко место,не ти го барав тронот, туку сал мало ќошенце со твоја склоност за трошка љубов, како во детска басна, со порака божем скриена а секому јасна: не бев јас со умисла и за одмазда гладна само топол кревет барав во ноќта ладна! 4. А кога ќе се разбудиш и ме побараш надвор јас ќе бидам далеку од љубовниот затвор - ти си оној што ми покажуваше често како се наоѓа за паѓање меко место. ========= ======== А soft place to fall Daylight has found me here again You can ask me anything, but where I’ve been Things that used to matter seem so small When you’re looking for a soft place to fall Don’t misunderstand me, baby, please I didn’t mean to bring back memories You should know the reason why I called I was looking for a soft place to fall Looking for a soft place Nothing more than a small taste Of a love that ended long ago Looking for a place to hide A warm bed on a cold night I didn’t mean to hurt you No, no, no Looking out your window at the dawn Baby, when you wake up, I’ll be gone You’re the one who taught me after all How to find a soft place to fall

Категория: Поезия
Прочетен: 575 Коментари: 0 Гласове: 0
15.08.2010 17:48 - АГЕНТ ЗА СЛАВА
 
- Ѕрнн! - Повелете, јас сум агентот на скулпторот Филип Димитровски. - Видете, сакам да прашам прелиминарно и анонимно. - Добро, господине, ви гарантирам дискреција во секој случај! - Е па види вака: јас сум самец и под старост станав интернет-писател па за мојата вечна слава сакам маестрото да ме  изработи во мермер и во природна големина да ме постави во центарот на Скопје. Колку пари ќе ме чини тоа? - Хахаха, многу необична замисла, господине! Ама не и невозможна! По правило, статуите на стари луѓе се поскапи. - Е зошто бе? - Е па има повеќе работа бидејќи фигурата е веќе искривена, треба да се додаде бастум за потпирање. Натаму, ликот е брчкосан и обично се прикажува натрупан со алишта. Мислам, сфаќате дека тоа се компликации во однос на една мазна младешка фигура која обично се прикажува со минимум алишта. - Добро, ама кај мене само брчките на лицето малку ќе ја качат цената. Инаку, мене не ќе ми требаат алишта бидејќи вежбам секој ден, исправен сум како пушка, мазен сум а башка пак, и се бричам метросексуално. - Хммм, а како замислувате да ви биде позата, господине метросексуалец? - Па би сакал маестрото да ме прикаже обуен во патики, облечен само во шорц и во поза зад неговата статуа “Шмизла“, во обид да ја пофатам за газ. - Хахаха, малце перверзна ви е замислата, господине! - Е што бе, баш би била интересна толкувачка приказна: шмизлата на телефон безуспешно лови некој млад богат за да го заведе а ваму зад неа еден пензионер прчовито и`се пушта! Симболика на животните судбини кои обично се криво споени! - Зошто би било криво споено? - Па младиот богаташ е и паметен, зарем шмизла ќе земе за жена? Сигурно е дека она ќе си остане стара мома. А да е умна, ќе си го земе стариот, колку-толку обезбедено стан,пензиичка а наскоро и целосна слобода, оти стариот ќе си умре. - Хахаха, господине, вие навистина имате фантазија. - Ти кажав, јас сум интернет-писател и се токмам да бидам славен, затоа и ми треба споменик во центарот на Скопје. - Е па славата чини доста пари, господине. Значи вака: без гаранција дека ќе биде поставена токму на местото кое го посакавте, вашата статуа од италијански мермер ќе ве чини 100.000 евра а од прилепски мермер 50.000 евра.Самото вадење дозвола вашата статуа да биде до “Шмизлата“ ќе ве чини 10.000 евра. - Леле, ме закопа со воа цените, ебаго! Не бива бизнис со вас! Ќе пробам самиот наживо да се статуирам! - Како мислите тоа `наживо`? - Секој ден по неколу саати ќе стојам покрај шмизлата и одвреме-навреме ќе ја пофаќам за газ! Белким така уште повеќе ќе се прославам па градот ќе посака да ме овековечи и со споменик што секако пак маестрото ќе го изработи ама на државен трошок. - Хахаха, пробајте господине, од мене ја имате сета уметничка поддршка! - Да бе, ќе го наречам Перформанс “ Старечки апетит“, за да не ме чачка полицијата! Е па фала ти многу, агенту, сепак колку-толку ме оправи и ако навистина станам славен, ќе те земам за мој агент! ===========

Во меѓувреме ми текна како самиот да си направам скулптура a најдов и упатство на интернет.

http://www.wikihow.com/Create-a-Packing-Tape-Sculpture

Категория: Поезия
Прочетен: 591 Коментари: 0 Гласове: 0
  Мој препев на песната Funeral blues од американскиот поет Вистан Хју Оден, кого пошироко го претставува Шарлот на својот блог.

1.

Запрете ги саатите, телефонот исклучен да е, спречете кучето лигаво по сочна коска да лае, клавирите и тапанот тишината да не ја кршат - изнесете го ковчегот за тажачките да свршат.

2.

Нека пуштат авиони, по Небото да Му нишанат за веста дека Тој е Мртов да биде испишана. Беловратните гулаби нека си врзат црна пафта а сообраќаецот со црни ракавици нека мафта.

3.

Кон сите страни на светот Тој ми беше очи, моја секојдневна надница но и ден за почин, пладне и полноќ ми беше и мој омилен чешит, но дека во љубов ќе сме довека – тоа згрешив.

4.

Ѕвездите не се веќе пожелни, секоја да згасне, Месечината на шестка – и без Сонце сум јасен, иссипете го океанот а ветрот шуми нека смете - нешто добро засекогаш веќе нема да ме сретне.
Категория: Поезия
Прочетен: 646 Коментари: 0 Гласове: 1
Последна промяна: 08.08.2010 22:00
03.08.2010 22:33 - СЛАМЕН ПОКРИВ
   

- Здраво батко Милчо! - Кај си бе Бочвар! Ебате адвокатот, си спаднал на интернет-писател! - Да бе, токму збирам податоци за напис “Свети Николе во Втората светска војна“. - И како било? - Па, според кажувањата, мирно било, немало воени дејствија ни цивилни жртви. Цело време во градот имало стационирано германска единица за врски што ја опслужувала регионалната релејна радио-постројка. На крајот на војната, се спакувале и си отишле. - Може во градот така било ама кај нас во селото, имаше жртва. Јас тогаш имав само три години ама добро запомнав. - Е како било тоа? - Знаеш, нашето село е веднаш до макадамскиот пат од Велес кон Штип. Нашата куќа беше единствената над патот, до главната чешма и школото а сите други куќи беа на падините под патот. Во телото на патот имаше изѕидано околу метар и пол висок и метар широк одводен тунел, ние децата таму си игравме криенка-миженка. Татко ми беше писмен, пред војната имал нешто земја ама претежно бил полски чувар. Имаше негова пушка манлихера која во близина на селото уште како дете во Првата светска војна ја прибрал по еден судир на српските со бугарските војници . По окупацијата во Втората војна, сам се понудил и Бугарите го ставиле да биде кмет на селото. Единствено нашата куќа беше покриена со тенки камени плочи, сите други куќи имаа сламени покриви. Кога го правеле школото, по грешка нарачале повеќе покривни плочи па преостанатите тате ги купил за ефтино. - Снаодлив бил татко ти а ти на него си се метнал! - Е што, легално било, борба за живот, ебаго! - Така е, батко Милчо! И што било понатаму, конкретно за жртвата. - Е па Германците уште на почетокот на окупацијата издале проглас што бил читан насекаде за секој што има било какво огнено оружје, во одреден рок, да го предаде на воените власти, без страв од последици. Било објавено дека по истекот на рокот ќе се врши претрес на секоја куќа и дека ќе биде стрелан секој кај кого ќе се најде оружје. За оружје најдено во јавни објекти, ќе одговара кметот на градот или селото. На татко ми не му се давала пушката и ја скрил, ја заѕидал во нашата кочина. Потоа, откако цела година немало претреси, се видело дека ѓурултијата се` завршила со повикот. Татко ми се олабавил, си ја извадил пушката и ја користел за лов на крупен дивеч. Арно ама, кога на крајот на војната Германците решиле да се повлечат, за да си обезбедат мирен помин по патиштата, почнале претреси во сите крајпатни села. Без било какво предупредување, ги сардисувале селата и вршеле детален претрес по куќите. Кога дојдоа во нашето село, возилата ги паркираа во дворот на школото а татко ми прв ги виде и разбра што ќе прават. Немаше време пушката да ја крие како порано. Мајка ми ја фана паника, почна да кука ама тате ја смири и рече дека ќе се снајде. Брзо ја зеде пушката од таван и заедно со пачките муниција, затскриен се спровна низ одводниот тунел и пушката и пачките ги боднал во нискиот сламен покрив на првата куќа под патот и пак брзо и незабележано се врати дома. - Е па нели можел да ги фрли пушката и муницијата во тунелот, немало кај него да ги најдат. - А бе нели ти реков – во прогласот било кажано дека за оружјето најдено во јавни објекти ќе одговара кметот. Тате морал да игра на сигурно. - Да, извини, и што било после? - Што било – кај нас претресоа прво, ништо не најдоа, го проверија и одводниот тунел и во првата куќа под патот го забележаа пресно надуениот сламен покрив и ја најдоа пушката и муницијата. Го прибраа соседот, татко на две деца колку јас што бев тогаш и го доведоа за еден војник да го чува во школото. Човекот ја знаеше пушката на татко ми, молеше и колнеше на цел глас ама само ние го разбиравме, Германците си го гледаа претресот и го завршија. На крајот, двајца го одведоа соседот долу под селото кај што беше дупката за фрлање умрени животни и го ликвидираа по кратка постапка. Ете, тој беше единствената цивилна жртва во германската окупација на светиниколската околија. - Да, тажна приказна, навистина. Инаку, ти како си, како судиската работа? - А бе ти кај живееш? Не сум веќе судија, присилно ме пензионираа, мамето нивно комунистичко, а 40 години верно им служев! - Како мислиш – присилно? - Па наполнив 40 години работен стаж а имав 63 години. По новиот закон, нема улога стажот, битна е староста од 64 години и требаше уште една година да си работам ама на комунистиве им се брзаше да турат некој млад нивен и без да ме прашаат, ме разрешија, божем правев приговор до Собрание ама ништо, не ми дадоа ни збор да кажам, ме ликвидираа по кратка постапка! - Добро, па слободен си сега, немаш стрес од работата! - Каков стрес бе, во наша фамилија нема стрес, јас сум стар волк а примањата ми се преполовени! - Е па постави се спрема неправдата филозофски – да речеме, прифати ја како еден мал реванш на судбината за постапката на татко ти со криењето на неговата пушка во соседовиот сламен покрив. - Хмм! Бочвар, понекогаш и ти имаш бистри моменти!

Категория: Поезия
Прочетен: 702 Коментари: 0 Гласове: 0


- Ѕрнн!

- Да, молам, повелете, централа на “Порцуланка“!

- Ај сврзи ме со директорот!

- Извинете, зафатен е, држи стручен колегиум!

- За малку е работата, кажи му дека го бара Ацо Димовски, јавниот обвинител.

- Добро, почекајте малце!… Повелете, го имате директорот на линија!

- Алооо, кај си бе директоре, многу си се разработил отсабајле!

- Е па мора бе Ацо, знаеш како е – голема фабрика, големи проблеми!

- Добив кривична пријава од вашата самоуправна работничка контрола, против тебе, за Несовесно работење во стопанството – сте правеле голем чкарт со гипсените калапи и сте фрлиле неколку тони на депонија.

- Нема врска тоа бе Ацо, технологијата е таква, во сите фабрики за порцулан е така! Ако сакаш ќе ти дадам споредбени податоци од другите фабрики во Југославија, сегде е исто!

- Добро, прати ми ги тие податоци, да се повикам на нив кога ќе го пишувам решение за отфрлање на пријавата.

- Уште денес ќе ги добиеш, фала ти на разбирањето.

- Нема проблем, не за џабе сме школски другари, треба да си помагаме!

- Така е, фала ти уште еднаш!

- Туку, знаеш што?

- Кажи бе Ацо!

- Јас уште од мал сликам, тоа ми е хоби и доста напреднав. Сликам и репрезентативни слики за во големи канцеларии, може и за во приемни холови.

- Знам, имам видено твои слики, стварно многу добри, моментално не ми текнува каде беа.

- Е па јас изложби не правам, сигурно си ги видел во хотел “Интернационал“, неодамна купија од мене три слики.

- Да бе, таму ги видов, многу убави пејсажи.

- Слушај, имам три и за тебе, тазе мотиви, од пошумувањето на бреговите на езерото. Многу убави облаци сум фатил, за мерак се сликите, масла на платно.

- Аха… и колку би требало да се плати?

- Секоја е по 150.000 динари, ама топтан за сите ќе ти дадам 12% рабат, значи ќе те фане околу 400.000 динари.

- Аман, многу пари бе Ацо, тоа колку мојата месечна плата, за таква набавка ми треба одобрение од работничкиот совет!

- Е па ако де, ќе си го регулираш тоа, не оставај опашки за самоуправната работничка контрола!

- Добро Ацо. И како ќе ти платиме, ти како државен службеник на приватно не смееш да работиш.

- Не се коси, тоа е средено кај мене. Уште утре по факс ќе добиеш фактура од Авторската агенција на Македонија и ќе платиш на нивната жиро-сметка. Штом ќе платите, прати шофер со тоа тамчето дома кај мене да ги земе сликите.

- Добро Ацо, ти знаеш како треба по закон.

- Морам така, брат, лесно ви е вам, се средивте и маж и жена на работа.

- Е па жената изучи за професорка, гревота е да седи дома кога се бара таков кадар!

- Така е, не велам ништо против. Ич не бери гајле, мое име во фактурата и во Агенцијата нема да фугурира, сликите јас ги продавам во име на жена ми. Она е со основно школо, не бива работничка да ја праќам! Си ги гледа децата а они растат ама растат и трошоците и затоа морам вака.

- Добро Ацо, како што рече преѓеска, не за џабе сме школски другари, треба да си помагаме!

- Таков те сакам бе златен, ај догледање! Не ми е лесно ни мене, како што викаат старите - двете нозе во еден чевол ми се! 
Категория: Поезия
Прочетен: 914 Коментари: 1 Гласове: 0
 

Касапите уште од времето пред преселбата од старата градска кланица во новата фабрика за месо, традиционално, за верскиот празник Св.Архангел Михаил – Душовадникот, добиваа свинско месо како подарок од фирмата – некогаш ребра, некогаш потколеници, зависно од галантноста на директорот. Новата фабрика, изградена на ледина десет километри надвор од градот, според социјалистичкиот канон, доби величествено име “месна индустрија“ а и нов директор од редот на доверливите удбашки кадри – еден недоквакан професор по географија. По неколкумесечно работење во новата фабрика, и оваа година дојде празникот и тројца постари душовадници, уште претпладнето, по одморот за појадок, онака работно опремени во бели со крв замачкани гумени чизми и комбинезони и  со по 2-3 ножеви во футролите на појасите, се најавија кај техничката секретарка барајќи прием кај директорот, за во име на сите други касапи да договорат што ќе им биде поделено на одење накај дома. Но, ѓаволот замешал прсти во традицијата – новиот директор не ја ни прими касапската делегација туку само преку секретарката порача дека стриктно ги следи партиските директиви за штедење во стопанството – веќе нема да се растура народниот имот за негување на затапени традиции. Се вратија делегатите кај колегите касапи и пред да го дадат неповолниот извештај, потегнаа по две-три добри голтки од шишињата ракија што и покрај забраната секој ден си ја внесуваа како духовна поткрепа во крвавото работно секојдневие. - А има за да се носи на генералите да не прават проблем за бомбажата на конзервите! – рече еден од помладите касапи, откако ја чуја неповолната вест. - Е има, а има и за да се подмачкуваат партиските буџовани на Водно оти без тоа не ќе бидеш директор! – нададе друг незадоволник. - Имало и за да се носи на професорите по факултетите, да положуваат синчињата и ќерките на раководителите! – дополни трет. - А може и да се лажат муштериите – да им се продаваат како свински чварки расипаните салами вратени од продавниците, измешани со мисиркини копани од Америка со изминат рок на употреба  и сето тоа замаскирано со свежа сланина! –  тури капак на незадоволството најстручниот од нив. Се растурија и мрзоволни продолжија со работата. Потоа, на одење со автобусот, кога тој беше веќе полн и сите  нестрпливо пекаа за да тргне, возачот кој си ги следеше редовните патници забележа дека ги нема тројцата постари касапи и рече дека мора да ги почекаат. И чекаа речиси пол саат ама ги немаше да дојдат. Другите работници нестрпливо се расправаа – едни дури и викаа дека ги виделе тројцата касапи како си отишле порано со едно комбе на муштерија. Конечно притисокот стана неподнослив и возачот го запали автобусот и тргна кон градот. А еден час потоа, тројцата касапи, кај сточното депо на фабричкиот круг се извлекоа под оградната жица и натоварени секој со по една наполу полна црна најлон вреќа за ѓубре, испотени избија напреку на асвалтниот пат за кон градот. За два саати веќе беа стигнати во фабричката продавница за месо во градот и најстариот од тројката на тамошниот касап  му рече: -  Фала ти, брат, што си ни зачувал свински потколеници за пача! Тој збунето им рече дека нема, се распродале. А тројцата пијано му намигнуваа и најстариот рече: - Ако, брат, ти само кажи дека ние од тебе купивме по 4 кила потколеници и не бери гајле! А кога вечерта, дежурниот стражар во месната индустрија отиде да ги нахрани дваесетте свињи оставени во сточното депо, се зачуди зошто тие не јурнаа кон коритата со концентрат – само изнемоштено грофтаа неподвижни како квачки. Поразгледа внимателно и виде – на сите им беа пресечени предните потколеници.

 
Категория: Поезия
Прочетен: 759 Коментари: 0 Гласове: 0
 
1922-та година, во Војската на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, никаква беше веројатноста едвај писмен војник со така очигледно бугарско име Крум да биде примен на курс за болничари . Тоа беше привилегија обично давана на Србите но овој речиси Бугарин од велешкото село Скачинци ја доби во нишкиот гарнизон бидејќи молбите за курсот ги одобруваше санитетскиот капетан Никола Дачиќ кој во август 1914 година, тогаш како српски окупационен потпоручник, ја имаше среќата случајно да го одбегне атентатот врз возот со кој патуваше од Велес кон Гевгелија. Имено, осумчлената бугарска чета на војводата Владе Сланков беше разбрала дека со тој воз кон Гевгелија ќе патуваат Иван Бабунски, Трбиќ и Бошко, војводи на српските контра-чети, па, за да ги ликвидира, на пругата кај с.Грнчишта меѓу Градско и реката Бабуна, постави адска машина. Но, прв на неа нагази  еден вонреден товарен воз од Гевгелија и се урна во Вардар, па војводите а и потпоручникот Никола  Дачиќ куртулија. Откако вечерта оддалеку бугарските четници ја чуле експлозијата, задоволни, ноќта се засолнале во една куќа во Скачинци ама за тоа селскиот кмет Христо Поп-Павлов ги известил српските окупациони власти во Велес па утредента, по целодневно сражение со четата на српскиот војвода Бабунски, биле убиени седуммина комити а осмиот, ранетиот Георги  Аврамов, успеал да избега. Така за Скачинци првпат се чу нешто значајно и влезе во историјата – инаку беше едно забаталено село на западната страна на планината Клепа кај Градско а неговите жители сами со себе се мајтапеа ставајќи му го името: се сметаа за скакулци што од првичното село покрај Вардар, бегајќи од неволји по турската наезда,  три пати скокаа преселувајќи се на запад кон планината. Значи, само благодарствениот спомен на капетанот Никола Дачиќ за неговото случајно куртулување од атентатот и ликвидацијата на атентаторите во Скачинци беше причината да го стави Крум Бачваревиќ во списокот на курсисти за воени болничари. И не се покаја капетанот за својот невообичаен избор : на крајот од курсот, Крум имаше најдобри оценки по теорија и по пракса па иако почетник, доби должност старешина на болничка барака. Старешина на соседната барака беше еден Србин, Пантелија кој секогаш со потсмев и надмено се однесуваше кон “Бугарашите“ како што ги нарекуваше војниците од Македонија. Крум со своите болни имаше близок однос, уште како дете ја имаше нужната посветеност да се помага на болното пиле, на болното маче. Сега, како болничар на луѓе, со елан се посвети на грижата за нив. Покрај она кое на курсот го научи од докторот-капетан Дачиќ, и самиот смислуваше помагателни процедури. Еден болен не можеше сам да се храни а и ни да голта. Докторите го препуштија на судбината. Ама Крум изделка една полукрива штичка што, откако ја стерилизира во врела вода, ја користеше со едната рака да му ја држи на болниот устата отворена а со другата му сипуваше чорба во хранопроводот. А болниот постепено од храната зеде сила а можеби повеќе и од сомилоста што ја добиваше од Крум, почна да се опоравува. Сереше и мочаше во глинени садови под себе, а Крум прибираше и чистеше. Такви работи го прават човека омилен кај другите – и Крум беше таков кај своите пациенти и кај надредените старешини. Кога капетанот го виде успехот со примената на изделканата штичка, веднаш нареди справата да се заведе и употребува како дел од медицинската опрема. Таквата популарност на Крум, обичен Бугараш, не му се допаѓаше на соседниот старешина на болничка барака,Пантелија. Постојано поттсмевачки дофрлуваше навреди ама Крум не реагираше. Тоа уште повеќе го збесна Пантелија. Едно летно попладне, во страничната сенка, секој на својата барака, тој и Крум пладнуваа со своите подвижни болни. Кај Крум беше весело, луѓето раскажуваа шеги. Пантелија реши да се шегува на гаден начин. Зеде еден нокшир и се измоча во него а потоа ја зеде малата метличка со која во лопатка од масите се прибираат ронките. Неговите пациенти тоа го видоа ама ништо не рекоа. Пантелија со нокширот се прикраде откај задниот дел на бараката на Крум и намакувајќи ја метличката во мочката, само со раката испружена зад аголот, испрска врз групата на Крум а потоа се повлече кон своите фалејќи се  “Ево како поп Пантелија светом водицом благосиља Бугараше!“ За тоа време, напрсканите Крумеви пациенти а и самиот тој се чудеа како тоа одеднаш од ведро небо зароси. Крум на неговиот бел мантил забележа жолтеникава лочка што кога ја помириса веднаш знаеше дека е мочка. И веднаш му текна што е работата. Со прст и мимика им навести на своите пациенти да молчат, ја нагазна големата прачкова метла и со мало развртување ја извлече дебелата рачка па држејќи ја со двете раце, се притаи концентриран на аголот од бараката. Пантелија се разочара што нема реакција од соседството а фактот дека некои од неговите пациенти се насмејаа на неговата гадна постапка го окуражи да ја повтори. И токму кога Пантелија пак ја спружи раката за да благослови, одмерениот Крумев удар со стапот му ја скрши и таа му висна а тој списка пцуејќи “Јао, уби ме, маму ли ти јебем бугарашку!“ Крум веднаш ги прибра како докази метличката и нокширот со ознаки на соседовата барака и си се повлече во својата соба. Тој го стори тоа кое мислеше дека во моментот е исправно и беше спремен јавно да ги сноси последиците. А Пантелија, по првичниот шок, стана свесен за својата бедна положба. Знаеше дека ни сето српство да е негово, капетанот доктор Никола Дачиќ нема да го заштити – напротив, ќе го казни за инцидентот. И затоа со подвиена опашка прати емисар од своите пациенти кај Крум и замоли овој да не го пријавува случајот и да дојде да му помогне за скршената рака. Крум се согласи, само рече дека нема тој да оди кај повредениот туку да му го донесат и плус на сите негови пациенти да им се извини што ги попрскал со мочка. И така се стори: Пантелија се извини, Крум му ја намести скршената рака и му ја загипсира. Утредента при визитата на капетанот му кажаа дека Пантелија бањајќи се, се лизнал на сапунот. Се разбира, Крум од капетанот доби уште една пофалба, на што според правилата на службата одговори “ Служим краља и отаџбину!“
Категория: Поезия
Прочетен: 515 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 09.09.2010 15:15
    Во кралството Македонија мудриот крал Филип Втори реши да чести, ама немаше доволно пари. А бидејќи во Македонија се сноваа по разноразни причини многу странци а  живееја  и доселени малцинства, кралот, за  да си ја наполни касата, го прогласи македонскиот јазик  за национално богатство и почна да им го продава на немакедонците на следниот начин: - одреди дека македонскиот јазик како приватен и службен јазик смеат да го употребуваат само припадниците на македонскиот народ кои тоа својство го потврдиле со нотарски заверена изјава и се обврзале постојано да носат радио-предавателен ѓердан што со посебен сериски број е поврзан со државниот центар за заштита на македонскиот јазик од неовластено користење - сите други, без оглед на државјанството, кога службено или приватно комуницираат со припадник на македонскиот народ, должни се да си обезбедат преведувач - припадник на македонскиот народ, на територијата на  Македонија, не смее да комуницира со други лица на јазик различен од македонскиот - преведувач на македонски јазик може да биде само припадник на македонскиот народ кој има писмен доказ дека најмалку 12 години во училиште го изучувал македонскиот јазик - наградата на преведувачот не смее да биде помала од 10 евра на секој започнат час - наградата се плаќа однапред за првиот час, и потоа за секој понатамошен час расте - на наплатената награда, преведувачот е должен да издаде фискална сметка од мобилен фискален апарат - на преведувачката награда преведувачот плаќа данок на услуга во 50% од наградата Кралот Филип Втори својот закон го зајакна со казнени одредби, според кои: - кој на територијата на Македонија го употребува македонскиот јазик спротивно на овој закон, ќе се казни со глоба од 100 евра за секој неовластено изговорен или напишан збор на македонски, при што и графичките знаци ќе се сметаат како зборови - припадник на македонскиот народ кој со умисла или од крајна небрежност одбегнува да го носи комуникациониот ѓердан или на друг начин ја спречува контролата врз неговата правилна употреба на македонскиот јазик, ќе се казни со глоба од 100 евра за секој час неконективност со државниот центар за заштита на македонскиот јазик од неовластено користење - во случаите кога од осудениот не може да се наплати паричната казна, таа ќе биде замената со казна затвор пресметана во размер од 100 евра за еден ден затвор. Залудни беа протестите на странците и малцинствата – кралот на сите им рече дека никој не ги бие по уши да комуницираат со Македонците, нека си се дружат и тргуваат меѓу себе и не ќе треба да плаќаат преведувач. Арно ама, бидејќи малцинствата и странците сакаа по мирен самоукинувачки пат Македонците да си ја растурат Македонија како држава, мораа да ги убедуваат постојано  за тоа што би требало да прават за да им биле добри перспективите кон иднината. А кога виде мудриот крал Филип Втори дека од новиот закон произлегуваат многу нови работни места преведувачи и дека од данокот се полни државната каса, пушти на странските телевизии реклама дека Македонија е привремена и дека е подведувачки рај за странци кои би можеле да ги убедат Македонците како поданици да се приклонат кон нивните кралеви . И верно, дојдоа од цел свет такви подведувачи со своите свити та кралот Филип Втори собра од преведувачките даноци доволно пари за да чести. А подведувачите и ден-денес сеуште ги убедуваат Македонците.

====================

Насловот го украдов од еден српски писател кој пред 40 години во белградски “Јеж“ објави хумореска “Кралот Филип што реши да чести“.  
Категория: Поезия
Прочетен: 507 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 22.07.2010 11:26
Категория: Поезия
Прочетен: 421 Коментари: 0 Гласове: 0
26.06.2010 12:47 - РЕДСКО МААЛО
  Во времето кога власта одобри припадницитe на турската народност да можат да се исселат во Турција, на чело на општинската финансиска управа во малото градче С. беше другарот Асен , 40-годишен поранешен терзија кој веќе десетина години на Комунистичката партија щ беше проверен и докажан кадар што напредна благодарение на протекцијата обезбедена од неговиот братучед, уште од пред војната комунист а сега лидер на Републиката. Републичкото партиско раководство на Асен му го довери надзорот врз исселувачкиот процес што во општинскиот суд го водеше единствениот судија-претседател Ридевски, со писарска помош од младиот ќопав уписничар Гене кој пред неодамнешното основањето на судот, неколку години како архивар-среднист работеше во регионалниот историски архив во соседниот град, седиште на околијата. Вистински, квалификуван судија, со претходно адвокатско искуство, беше 38-годишниот судија Ридевски. Роден и израснат во околискиот град, Ридевски на почетокот на војната стана дипломиран јурист на Правниот факултет во Софија а по приправникувањето, и еден од многубројните тамошни адвокати. За свој најголем професионален успех го сметаше случајот во кој за време на војната, како бранител по службена должност, молбата за помилување во име на еден на смрт осуден комунист од Македонија ја напиша толку емотивно и заколнувачки на верност кон бугарскиот цар и бугарштината што  излезе `благополучна`. Спасениот беше Асеновиот братучед, комунистот кој по војната стана лидер на Републиката. Десет години по војната, Ридевски со писмо му се обрати на својот поранешен клиент за помош бидејќи во неразјаснети околности во Софија му биле убиени жената и детето а тој поради закана од тамошното подземје морал да се врати во својата татковина. Не толку од благодарност колку од претпазливост неговиот адвокатски спасител да не разгласува деталите од бугарофилската молба, лидерот му обезбеди претседателско-судиско место во новооснованиот роднокраен општински суд. Инаку, лидерот на Републиката знаеше дека за неговиот спас заслужна беше единствено молбата што, од  `Редското маало` на градчето С., до бугарскиот цар ја пратил  неговиот посвоител-татко а всушност чичко, кој `за време српско`, како бележит комита, стекна репутација на маченик за “майка Бьлгария“ бидејќи беше осуден на 20 години робија од која во нишкиот затвор го ослободи окупацијата што врз Југославија ја извршија германските и бугарските  сили. Околноста дека за време на неговата робија посвоеникот стана огнен приврзаник на револуционерното движење на југословенските комунисти не го поколеба стариот комита да ги покрене во Софија сите свои врски за спас на заблуденото чедо. Смртта, на крајот од војната во 1945 година, го спречи комитата да го проследи бурниот растеж на својот посвоеник до позицијата лидер на  Републиката. Така испадна финансиерот Асен  и судијата Ридевски да се поврзани со заеднички протектор. Поради роднинството со лидерот на Републиката, Асен кај сите државни служби и кај граѓаните имаше огромен авторитет па за судијата, иако беше вдовец и самец, успеа да издејствува решение од народниот одбор со кое, од фондот на општонародниот имот, му се  даде на користење куќата што во текот на војната, на периферијата покрај патот за горните села, ја изградиле Германците за во неа да ја сместат регионалната радио-релејна постројка и екипажот. Куќата беше приземна, со претсобје и 3 соби а кон неа имаше прилепено кружно ѕидана, шест метри висока кула во облик на минаре, на која биле намонтирани антените. Имаше и мала бавча што војниците педантно ја работеле а на одење, покрај празни метални кутии од муниција, го оставиле и градежниот и градинарскиот алат.  Судијата, иако големоградско дете израснато на калдрма, по совети и со помош од пријателот Асен  ја обнови градината и, до појавата на исселувачкиот процес на Турците, во слободното време со мерак ја обработуваше бидејќи во неа Германците беа ископале и оѕидале бунар длабок 8 метри кој и во лето не секнуваше. Во општината немаше адвокат но еден од неколкуте адвокати од околискиот град, во пазарниот ден доаѓаше во градчето и во изнајмена просторија ги опслужуваше клиентите. Подоцна тие толку се згустија што адвокатот смисли начин како и во другите денови и без негово лично присуство да им се врши работата. Бидејќи му беше сограѓанин и колега од студиите, адвокатот имаше смелост да му понуди на судијата Ридевски таен договор што овој без многу размислување го прифати: за награда во износ  50% од адвокатскиот хонорар, судијата во име на адвокатот да им ги составува на клиентите пропишаните поднесоци. За нивна автентикација адвокатот му остави дупликат од својот адвокатски  штембил а му понуди да му даде и една машина за пишување. Но, судијата кажа дека има своја, малоформатна и леснопренослива, згодна да пишуваш на неа и држејќи ја на колена. Ја купил уште додека за време на војната и потоа работел како беден ходничарски адвокат во судовите на Софија.  “Јака фирма – бедно положение!“ – му го објасни судијата на адвокатот сопствениот адвокатски биланс. Се разбира, судијата беше доволно умен самиот директно да не се изложува туку за општење со странките се договори со уписничарот Гене , за овој од странките да прибира податоци и да наплатува пари за судските такси и адвокатскиот хонорар, од кој на уписничарот да му припадне една четвртина. Испаѓаше вкупниот динарски трошок да е во вредност од речиси две турските златни лири – половина за судски такси и половина за адвокатскиот хонорар. Така, а во склад со комунистичкото начело дека во постапката народниот суд е должен да ја поучи странката за остварувањето на нејзините права, се устрои една процедура во која кандидатот за исселување првин му правеше чест на судијата да го праша што треба да прави во врска со преселбата во Турција а овој љубезно му советуваше за сите нужни работи да се обрати до уписничарот кој пак, потоа, откако на рака и без признаница и без детални објаснувања ќе го примеше купчето пари нагалено наречено “џеза“, со молив на лист хартија ги запишуваше податоците на молителот и го упатуваше уште кои други докази дополнително да ги донесе. Навечер, во куќата на судијата, тој и уписничарот собраните пари ги распоредуваа а потоа, според белешките, по диктат на судијата, уписничарот на машината за пишување ги составуваше молбите. Адвокатскиот штембил на нив го удираше судијата и истовремено молителите ги потпишуваше со  знакот “ х“ –  како исламска алтернатива на крстот со кој неписмените христијани се потпишуваа. Бидејќи затрупани со работа, судијата и уписничарот се договорија приоритет во решавањето на молбите да дадат на странките кои пропишаната џеза ја плаќаа во златни лири. Како судска пракса, тоа го забележаа странките и молкум го прифатија а некои од нив, сакајќи уште поголем приоритет, правеа “здравоживо“ со судијата подмачкувајќи му ја раката со една златна лира. Адвокатот не се интересираше за деталите бидејќи беше задоволен од текот на работите а уште поќефлија стана кога судијата почна половината адвокатски хонорар, по поволен курс, да му го исплатува во златни лири и плус од него со лири да купува динари нужни за судските такси. На големо, локален државен дистрибутер на сите видови таксени марки беше општинската  финансиска управа која на државното книжарско претпријатие од главните град кое имаше една книжара во градчето, со рабат од 10% му продаваше марки, за тоа понатаму да ги продава на мало по номиналната вредност. Но, финансиерот Асен, добро информиран за лавината од исселенички молби, посака и успеа неа да ја искористи за да си ја вработи сопругата. Му требаше само едно јавувања по телефон до лидерот на Републиката за на плоштадот да осамне нова трафика на државното новинско претпријатие и во неа Асеновата сопруга, како договорна работничка со плата во висина од 8% од прометот,  почна да продава весници, разни ситнурии и таксени марки. И одеднаш, според распределителната евиденција во финансиската управа,  излезе дека сите општински молители-исселеници сакаат да купуваат таксени марки од новата трафика – бидејќи за нив, по налог на судијата, марките оттаму ги купуваше уписничарот Гене. Пропишано беше таксените марки да се лепат на поднесокот на странката и на примерокот од решението што остануваше во судската архива. Уписничарот беше должен залепените марки  веднаш  да ги поништи со печатот на судот. Во сиот тој калабалак од јавни и тајни дејствија што ги вршеше, уписничарот Гене набргу увиде дека четвртинката од адвокатскиот хонорар не е доволна рамнотежа за неговата претовареност па смисли начин како самиот да си ја зголеми наградата. Наместо да купува таксени марки и за молбата и за решението со кое таа се уважува, тој марки купуваше само за решението и пред судијата ритуално ги лепеше и поништуваше а на молбите ги прелепуваше таксените марки кои ги одлепил од  завршените и архивирани судски предмети. Се разбира, при новото поништување нишанеше судскиот печат со свежото мастило соодветно да ги поклопи веќе отиснатите букви на марките. Бидејќи не знаеше за со по една лира подмачканите здравожива, уписничарот Гене, со својата печалба од тричетврт лира од човек, почна младешки да си ласка дека, во однос на судијата, испаднал двојно попаметен. Тој беше син на прочуениот комита Ордан, од Редското маало, и израсна без татковата грижа. Комитата беше многу силен човек и имаше репутација на тивок давител бидејќи неколкуте ликвидации  на `српските  шпиони` што пред војната со жрепка му се паднаа, ги изврши задавувајќи ги жртвите со голи раце. По војната остана засолнат во Бугарија цели две години, сй додека син му Гене не го убеди дека во војната се изгорени сите архиви од  српското време. По враќањето, комитата  се смири како превозник – со голема запрежна кола влечена од биволи, разнесуваше товари од железничката станица до градчето и обратно. А сега, кога неговиот ќопав син го праша каде е најдобро да се скријат веќе спечалените двеста лири, педесетгодишниот силник се увери дека `паметта царува а силата е амал` бидејќи тој од својот комитлак спечали едвај десет лири со кои, на периферијата, наспроти `германската кула` купи мала нива во која изгради плевна и штала за запрегата. И не му беше тешко за синот да најде добро скришно место – под калдрмисаниот батак од шталски лајна во стариот градски ан веќе 25 години неоткриен гниеше првиот негов задавен шпион. Сега беше полесно – во својата штала со ашов ископа половина метар длабока и широка дупка и металната кутија од муниција, полна со златните лири на умното синче, ја завитка во вреќа убаво намачкана со коломас,   неа ја стави во голем ѕембил и го закопа распостилајќи озгора слама и лајна од биволите. Се разбира, истиот проблем каде да ги крие своите 300 лири го имаше и судијата Ридевски. Нему антенската кула во неговиот двор му се виде најпогодна. Бидејќи беа под суво, тој внатрешните спирални скали од делкан камен ги користеше како остава за градежниот и градинарскиот алат. Запотувајќи се речиси цел час во тесниот простор, рано наутро, тој успеа со  добар чекан и тенка ќускија да разниша едно од камените газишта на скалите, го тргна настрана и во полненицата под него извади доволно ситен камен за да ја собере металната кутија од муниција во која ги беше собрал лирите. Тој потоа го врати газиштето врз неа а процепите ги посипа со прашината што ја смете од погорните скали. И додека двајцата судски учесници ги спастрија своите големи печалби, финансиерот  Асен преку својата евиденција за изминатиот месец забележа 50% намалување кај продажбата на судските таксени марки а тоа значеше и двојно намалување на платата на неговата сопруга. Бидејќи молителите-исселеници  доставуваа до судот и потврда од управа за приходи дека ги платиле даноците, тој провери во таа архива и утврди дека немаше намалување на барањата за такви потврди. Сепак, по телефон, го праша судијата Ридевски дали можеби се намалил бројот на предметите за исселување. Судијата и без да проверува во архивата знаеше дека бројот на предметите не е воопшто намален и тоа му го кажа на Асен. Тогаш, една по друга, се развија две неофицијални истраги. Во првата, уште истиот ден, судијата Ридевски го повика уписничарот за да провери дали овој ги купува судските марки како што му беше речено. Гене претпазливо излажа дека, додавајќи и свои пари,  наеднаш купил поголема количина судски марки од соседниот околиски град, од трафика во која работела една малку ќопава мома што сакал да ја земе за жена па се  трудел да ја импресионира правејќи щ голем промет. Судијата одби да го прифати тоа оправдание и му наложи на Гене да ги врати преостанатите купени марки и исто толку да купи од локалната трафика на сопругата на финансиерот Асен и непремено во иднина само оттаму да купува. Гене вети дека така ќе постапи ама беше решен да ја забошоти работата, бидејќи за да го оствари ветеното, требаше да ископа лири од под лајната во шталата на татко му. Во другата истрага, следниот ден, финансиерот Асен, под изговор дека од централата добил известување за откриени  фалсификувани судски марки во главниот град на Републиката, побара од судијата  Ридевски одобрение тој самиот да изврши проверка на работењето со судските марки во судот. Судијата без размислување одобри проверка и заедно со финансиерот појдоа во судската архива. Уписничарот Гене беше затечен. Финансиерот, наоружан со јака лупа и со тенки гумени ракавици што ги набави од трафиката на жена му, набрзо, во 5 предмети што беа на бирото, откри дека на молбите за исселување налепените таксените марки се всушност по втор пат залепени еднаш веќе поништени таксени марки. Гене се правдаше дека тој така ги добил молбите од странките па од многу работа не забележал дека марките не се нови. Судијата знаеше дека Гене лаже, но ништо не рече. Во понатамошниот преглед, финансиерот откри прелепување на употребени судски таксени во сите исселенички предметите од претходниот месец. Вредноста беше безмалу 150 турски лири. Одејќи наназад во проверката, финансиерот ја прекина штом во неколку предмети по ред од предминатиот месец утврди дека судските марки се нови, непрелепувани. Тогаш тој ги собра во папка сите молби од изминатиот месец за дополнително стручно вештачење и побара канцеларијата на судската архива веднаш да биде запечатена, за евентуална понатамошна дополнителна проверка на сите предмети, наназад до основањето на судот. Судијата одобри. Финансиерот му ги зеде клучевите и печатите на Гене и вратата на архивата беше заклучена и запечатена. Финансиерот, знаејќи чиј син е Гене, претпазливо му укажа на судијата дека деликатноста на случајот налага веста за откриените фалсификувани судски марки да не се шири кон милицијата. А на Гене, како превентивна мерка, само му нареди да не го напушта градчето до следна наредба. Асен веднаш појде во Одделението за внатрешни работи, кај матичарот кој беше надлежен и за евиденцијата на личните карти. Му ги побара а овој пресретливо му ги даде на реверс картончињата за издавање лични карти со отисоците од прстите на судијата Ридевски и на Гене. Потоа по телефон му се јави на началникот за финансии во околиски град и под  изговор за проверка и вештачење, го замоли овој да му го обезбеди таквото картонче со отисоците на адвокатот  чиј штембил беше на молбите, нагласувајќи дека наскоро самиот ќе дојде да го земе, на пат со општинскиот џип кон крим-лабораторијата во главниот град. Така и се случи: со сите списи финансиерот се обрати до младиот крим-инспектор во таа лабораторија што го знаеше бидејќи овој беше роден и израснат во градчето С. Вештачењето беше извршено неофицијално, брзо и стручно, со нова и прецизна опрема. За финансиерот, наодот беше збунувачки: на молбите биле најдени отисоци само од прстите на уписничарот и на судијата што не беше логично – требаше да има отисоци барем уште од адвокатот што молбите ги составил. Но, ништо не му кажа на инспекторот туку се заблагодари, локалпатриотски напомнувајќи работата да не се шири, и оттаму, по телефон, побара прием за попладнето, дома кај лидерот на Републиката. Овој обично не примаше странки дома и одбегнуваше непотребни зближувања со своите роднини и поранешни сограѓани од С. но кога финансиерот Асен му спомна дека се работи за случај со потенцијал за голема криминална афера во неговата родна општината, се согласи. Попладнето, седнати во огромната бавча на лидерот, по опстојното разгледување на фактите,  обајцата се согласија дека во случајот  мора да е замешан и судијата Ридевски. “Правиш добрина а еве како ти се враќа!“ – прокоментира налутено лидерот. “Ова е ставање клипови во тркалата на револуцијата! Во тркалата на напредокот на нашиот град! Го заложив мојот авторитет за основањето на судот! И  не можам да допуштам да пукне ваква афера! За татковината се работи! Ти, братучед, умно си направил што досега ништо не излегло во јавноста. И јас ништо не знам за случајот, ме разбра? Нека се разреши по турски: ти одбери на кого ќе му го дадеш свилениот гајтан!“ Со овој налог што не постоеше, лидерот всушност го устоличи финансиерот Асен за цар на градчето С. На враќање накај дома, Асен ја обмисли целата работа и најде дека  одговорноста на судијата Ридевски е многу голема – се ујдисал со адвокатот, му ја врши работата и сигурно си ги делат парите. А уписничарот Гене забележал што прави судијата па се полакомил и он да печали нешто од тоа судските таксени марки. Ах, Гене, наше дете од Редско маало! Да, прочуеното Редско маало.  А тоа маало така се вика бидејќи во него живееја локалните комити што во матните турски и српски времиња тураа ред не само во градчето туку и во сета околија! “Аха!“ – му текна на Асен. Познавањето на традицијата  му го покажа патот на свилениот гајтан. Уште истата вечер појде во Редското маало кај таткото на Гене и насамо и доверливо му кажа дека судијата Ридевски сака неговиот син да биде пријавен на обвинителството за голема проневера со судски таксени марки. Делото е тешко, ќе избие афера и Гене во околискиот суд би бил осуден на повеќегодишна казна строг затвор. Но, на локалните и на државните власти таква афера во новооснованиот суд не им одговара.  За татковината се работи. Треба да се поклопи таа смрдлива рана на нејзиното младо тело. “Аха!“ – рече на разделувањето со Асен стариот комита. Значењето на изреката `За татковината се работи!` тој многу добро го знаеше. Иако порано татковината се викаше `родина`, суштината беше иста: му обезбедуваше мирен сон во текот на целиот негов комитски живот посветен на егзекуција на српски шпиони. И покрај сета омраза кон сй српско, мораше да си признае дека е точна нивната поговорка  `Татковината е како здравје!`. А сега се работеше и за повеќе од татковината –  слободата и имотот на неговиот син беа загрозени од желбата на судијата да се додвори на власта. Ама се заебал учениот дојденец – корењата на власта не се на знамето та секој да ги знае. Беше веќе стемнето ама беше средината на јуни па од здебелената месечина се гледаше. За да стигне од Редското маало до германската кула на кракатиот и  висок комита му требаа само 15 минути. Тој првин ја извиде работата. Меѓу последната куќа и кулата имаше околу 100  метри гол простор долж патот. Спроти кулата, од неговата штала залајаа неговите врзани кучиња ама се смирија кога тивко им се јави. Знаеше дека судијата нема куче. Кај него само бавчата беше оградена, за да не ја оштетуваат кокошките кои комитата слободно пуштени ги чуваше. Во една од собите гореше газиена ламба – од прозорецот го виде судијата  дека чита легнат в кревет. Комитата почна да го остварува својот план. Од чекркот на бунарот на судијата, внимателно ја одврте  и ја одврза ортомата долга речиси 10 метри. На едниот крај ја подврза како окце а другиот крај го спровна низ него и направи јамка. Потоа на голо ја опаша пресполу а крајот со јамката, долг околу еден метар, откај градите го префрли преку рамо наназад. Се покри со кошулата и отиде кај својот кокошарник. Таму првин од под стреата зеде едно кусо парче тенок тел, го скина надве и потоа го грабна задреманиот петел и го  стисна на земја па со едното парче тел му го врза клунот а со другото парче нозете. Држејќи го петелот под мишка, се врати во дворот на судијата и со едната слободна рака ја отвори само со клин блокираната вратничка на кулата. Потоа му го ослободи од телот само клунот на петелот и го фрли во кулата. Петелот исплашен а сопнат, се развика. Комитата ја затвори вратата, телот го тури в џеб и веднаш пријде до влезната врата на судијата и потропа. Судијата ги навре гофите и отвори. Комитата поздрави “добровечер“ и се извини што досаѓа, ама изгледа неговиот петел заглавил во кулата на судијата, па моли овој да му отвори да си го земе. Судијата ги чу непрестаните викотници и прпелкања на петелот и појде добродушно напред кон вратата на кулата. Комитата зад него ја дофати спремената јамка и му ја наглави затегнувајќи ја со рацете и веднаш потоа  така се сврте поднаведнувајќи се нанапред што го зеде грбот на судијата како товар врз својот грб. Давеникот беше шокиран и беспомошен, дигнат целосно во воздух. Попрета со нозете и рацете околу половина минута и се смири – му пукна срцето. Цело време душмански затегајќи ја јамката на товарот,  комитата во неколку чекори стигна до вратата на кулата и си ја ослободи само едната рака за да ја отвори вратата. Петелот виде троа светло и силовито излета надвор, спрпелкано атерирајќи. Комитата,  внимателно со нозете пипајќи и пишкајќи запотен со тешкиот товар на грб, се искачи по спиралните скалила до врвот на кулата каде тесното одмориште беше покриено со лимена натсрешница. Таму, комитата се распаша  од ортомата и одмерувајќи отприлика три метри од неа, ја врза удвоена за едниот дрвен столб на натсрешницата а најамченото тело на судијата полека го висна долж надворешниот дел од ѕидот на кулата.  Не го фрли телото плашејќи се да не се скине ортомата или да попушти дрвениот столб за кој таа беше врзана. Потоа олеснето се симна, излезе од кулата оставајќи ја нејзината врата отворена. Ја остави отворена и вратата на куќата на судијата. Во дворот, го фати петелот кој сеуште одвреме-навреме се прпелкаше и со телот од џебот пак му го врза клунот и си го прибра под мишка. За 15 минути комитата се врати дома во Редско маало, му ја скина главата на петелот и го даде на жена си со наредба да му го зготви варен па печен за вечера, со ладно вино. Утредента, на кулата виснатиот судија први  го видоа двајцата милиционери кои рано беа тргнале во патролна обиколка кон горните села. Едниот остана како обезбедување на лице место  а другиот се врати и јави на својот началник. Овој, бидејќи ја почитуваше неофицијалната локална хиерархија, пред да ја пренесе веста кон надлежниот јавен обвинител од соседниот околиски град, по телефон му се јави на финансиерот Асен со додворувачко барање совет како да се постапи во случајот. “За мене нема сомнение дека судијата самиот си пресудил, додуша, со преголема строгост.“ – рече Асен и на началникот му кажа дека претходниот ден, во контрола на работењето со судски таксени марки во судот, утврдил дека судијата, користејќи го штембилот на еден адвокат, не само што се полакомил незаконски да печали правејќи им на странките молби за исселување туку и дека на нив лепел веќе употребени таксени марки кои ги одлепувал од архивираните предмети. “Аха!“ – целосно информиран рече началникот и истата верзија за самоубиствено бесење му ја посочи потоа по телефон и на јавниот обвинител. Овој беше стар правнички лисец и знаеше дека во вакви случаи е најдобро очигледното многу-многу да не се проверува па го овласти началникот овој и без негово присуство да изврши увид на лице место и да состави записник. Така и се стори. Записникот, со констатираното самоубиство со бесење и бегло навестените индиции за откриеното криминално дејание на судијата што му претходело како мотив, до крајот на денот по специјален курир му беше доставен на обвинителот и тој го архивираше “ад акта“, известувајќи го по телефон за таквата своја одлука милицискиот началник од С. Овој таа вест му ја пренесе на финансиерот Асен кој потоа, без многу помпа а како загрижен пријател на покојниот судија, преку службата за комунални работи му организираше погреб уште истиот ден попладнето. Тој исто така ги прибра од куќата кај себе на чување и малкуте лични предмети на покојниот самец, меѓу нив и машината за пишување и штембилот на адвокатот. Куќата ја исчистија, ја заклучија и ја запечатија. Утредента општинското раководство на С. со писмо се обрати до претседателот на околискиот суд со молба веднаш да биде делегиран еден судија од соседниот голем општински суд, за два дена во неделата да доаѓа во судот во С. и да ги решава молбите за исселување. Тоа беше одобрено. Финансиерот Асен лично појде кај адвокатот во околискиот град, божем за да му го врати штембилот. Во разговорот, по изнесувањето на жалните сеќавања за судијата како вреден и напатен човек, финансиерот Асен така лигаво и трогателно му ги опиша на адвокатот маките на странките кои во општината останале без правна помош што овој се осмели како една нова идеја да му го предложи понаполу-аранжманот што функционираше со судија Ридевски. Асен тоа и го чекаше и по договорот си се врати дома пак со штембилот на адвокатот. Го викна уписничарот Гене и му ги врати печатите и клучевите од судот, заедно со списите кои ги беше зел за вештачење, јасно ставајќи му на знаење дека ќе мора со него да го продолжи понаполу-аранжманот но со изричита закана во иднина да се задоволи само со едната четвртина од адвокатскиот хонорар. Гене, среќен што вака ефтино се искуба од својата пропаст, целосно прифати да соработува. И така, уште еднаш жителите на Редското маало турија ред во општината.
Категория: Поезия
Прочетен: 524 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 10.04.2013 13:23
25.06.2010 00:07 - ЌЕФ МИ Е
  Мој препев на една песна на руската поетеса Марина Цветаева 3 мая 1915 1. Ќеф ми е што од мене не сте болен а ни јас за вас од земја не се траќам, па така, мирно е гравитационото поле и планетава гувее како кротка сваќа. Ќеф ми е што можам да сум забавна - иако развратните алузии ги сопрев и да не црвенеам со трема задавна од што бегло со ракавот ве допрев. 2. И пак ќеф ми е што при мене жива мирно друга гушкате иако е груба и во адскиот катран не ќе пливам зашто вместо неа јас не ве љубам. А ни името нежно мое нема спомен, од ваште усни моите уши не го чуја - а и што ако црковниот камен ломен не ќе одекнува над нас со Алелуја! 3. Фала ви многу, и од срце и од рака, за тоа што вие самиот немате поим колку вашето срце моето го сака и мојот ноќен мир со мечти го пои - за ретки средби кога сонце се крене, за непрошетки при месечев одраз, за жалта што сте болен но не од мене, за жалта што сум болна но не од вас! ========================
Еве го оригиналот и слика на духовитата поетеса
image Марина Цветаева Мне нравится, что вы больны не мной, Мне нравится, что я больна не вами, Что никогда тяжелый шар земной Не уплывет под нашими ногами. Мне нравится что можно быть смешной - Распущенной - и не играть словами, И не краснеть удушливой волной, Слегка соприкоснувшись рукавами.    Мне нравится еще, что вы при мне Спокойно обнимаете другую, Не прочите мне в адовом огне Гореть за то, что я не вас целую. Что имя нежное мое, мой нежный, не Упоминаете ни днем, ни ночью - всуе...Что никогда в церковной тишине Не пропоют над нами: аллилуйя!    Спасибо вам и сердцем и рукой За то, что вы меня - не зная сами! -Так любите: за мой ночной покой, За редкость встреч закатными часами, За наши не-гулянья под луной, За солнце, не у нас над головами, - За то, что вы больны - увы! - не мной, За то, что я больна - увы! - не вами!  
Категория: Поезия
Прочетен: 517 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 25.06.2010 00:22
<<  <  56 57 58 59 60 61 62 63  >  >>
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 563780
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502