Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 562584 Постинги: 749 Коментари: 120
Постинги в блога от Ноември, 2014 г.
20.11.2014 14:33 - Витман 26-32
 26 Сега само ќе слушам, нови звуци песнава да ќари: слушам мафтањa на птици и како пченицата расте, како в огнот прачки пукаат дури јадењето се вари, слушам звук што го љубам зашто е мил и спастрен, гласот човечки кој напоредо со другите звуци трча, или го прерипува остриот звук на скршената срча, или соединети со ветрот во дует на ридот се прчат; гласовите на градот и дивината што го опкружува, гласот на момчакот кој со ласкања се наоружува  опседнувајќи и ноќе и дење една скржава мома, гласна смеа на работник на неделен ручек дома, лут бас на урнато пријателство, болникав шепот, смртна пресуда што бледоустиот судија ја чита, повиците на растоварачите од бродското депо, ѕвонењето на запрегата која кон пожарот ита, звукот од пружена лесвица кон огнената суита, звуците на два по два музиканти во марш тажен во поворка на мртовец што жив бил многу важен, писокот на локомотивата од возот што се ближи, виолончело во соло на срце во младешки грижи, некој ме прободува, на шеговитиот фагот свири, од уво во гради и стомак лудослатки маки шири. Слушам хор, голема опера приказна раскажува, ох, тоа е права музика која весели и растажува. Тенор, голем и свеж како создавањето на светот, ме заплиснува и ме поплавува во музичката бура, слушам и сопранистка, на гласовите таа е цветот, оркестарот ме вивнува отаде орбитата на Уран, дур околу моите боси нозе морето со пена ткае во мене се распалува жарта за која не ни знаев, но вчас мразен град ме удри, ми го крати здивот, втонат во меден морфиум, смртта ми бара живот, но вкрај се спасувам да ја сетам загатката врвна: зашто за него се грепчиме со волја така стрвна? 27 Што значи тоа да се постои во било која форма? (сите ние се врткаме наоколу и пак во неа назад); и да нема посложено, школката е доволна норма, во нејзиниот корав оклоп неа чувства не ја газат. Школката моја молневити спроводници ја красат, право в душа насочуваат сй што до нив ќе стаса. Јас сум среќен тоа да го примам како мил допир, во една целина моето тело со друго да се стопи, јас стојам исправен иако од восхит сум се опил. 28 Ме стресува допирот, во нова личност ме втерува, пламења и етер се јагмат за моите артерии и вени, предавничкиот дел од мене расте, ме изневерува, мојта плот грми против нешто што сака да ме плени, развратнички дразби опсаднички кон мене ползат, ги здрвуваат моите краци со секоја нивна стапка и вимето на моето срце распуштенички го молзат, залудно се тегавам, ме цицаат до последна капка, ме раскопчуваат и ме зграпчуваат за голиот струк, ме збунуваат лажејќи за мирно сонце и пасишта, безобразно ми всадуваат чувства дека сум друг, ме подмитуваат за да се пофаќаме без алишта, безобѕирни дека снага губам и отпор давам јасен тие го доведуваат сето нивно стадо за да ме пасе па така собрани успеваат на мојот рт да се качат за истрајно и ненаситно со копнежи да ме мачат. Од секој друг дел од мене дезертирале стражарите, ме оставаат тој црвениот да ми ги пљачка дамарите, дошле предавниците на ртот да ме видат паднат; но чекај, кога малку ќе размислам со глава ладна, па јас самиот сум си најголем предавник на тој рт но таа вистина ја изглодал мојот измамнички крт!  Ти, допиру подол, што правиш, од тебе се гушам, отвори ги браните за разумот пак да си го слушам. 29 Допиру љубовен, заблест, што се пикаш ко пеливан, толку ли те заболе што ме остави и сега си стаен? Разделбата и пристигањето се во тајфа неделива, исплата постојана за лакомо и олеко земен заем, а плачот е цена за ќефот што со мене си се маел. Крај меѓници патни никулци твои пупат и се множат во мажествен предел што пак ќе се пика под кожа. 30 Сите вистини помирувачки тлеат во сите нешта, нивното откривање не е квадратура на кругот, за ослободување не им треба хируршка клешта, безначајното ми е исто важно ко и сето друго. За посложеното од допирот имало умни воведи, но никој не ме увери со високопарни проповеди, иако многу логички разгледувања сум слушал - влагата на ноќта подлабоко ми продира в душа. Само она што самото на луѓето им се покажува никој не го оспорува и не треба да се докажува. Моментот и капка од мене мозокот ми го средува, јас верувам, земјата своите чеда ги произведува, во љубовници и ламби грутки глина ќе се кренат, извод од изводите е плотта на секој маж и жена, цветен изблик се нивните чувства еден за друг што страсно се сврзуваат во нераскинлив круг, за да се извишат во крошна ширна и влијателна, на сеопшта радост и поука за моќта создателна. 31 Ливче трева не е помало од патот на една ѕвезда а небесните аули ги красат јазечка жаба и капина. Ремек дела на создателот на вселенската бездна се мравка, зрно песок, јајце во кое плодот напина. Крава што прежива било која статуа ја надминува, со машините се подбива мојот најмал рачен зглоб, глувчето е чудо што и корав неверник го аминува па расколебан, на својот атеизам му спрема гроб. Моето тело содржи маховина, јаглен, јак кремен, разни плодови, корења за храна и секакво семе и за моја заштита премачкан сум со малтер жив, од птици и четвороножни створој од светот див. Добри причини има што тој багаж сум го оставил но ако духот мој сака, тие елементи ќе ги состави. Залудно итаница или плашливост светов го мачат, залудно вулкански карпи топлина кон мене зрачат, залудно џинот-мастодонт се претворил во фосил и под правта на своите столчени коски се скрил, залудно во далечина предмети исправени стојат и со зраци светлина застрашувачки сенки кројат, залудно океанот тоне во дупка и в страв се ежи  од чудовиштето кое таму во мрза блажена лежи, залудно мршојадецот дом свој на небото црта, залудно змијата се токми како шаман на смртта, залудно еленот во шумата искрчил патеки и двор, залудно корморан остроклун лета кон Лабрадор, јас сето тоа миговно го следам и не ме измачува, барајќи гнезда, по пукнатини на карпа се качувам.    32 Мислам дека можам со животните да се сплотам, да живеам со тие спокојни и задоволни персони. За својот статус ич не се јадосуваат и не се потат, не плачат за своите гревови во ноќите бессони, не ми се згадуваат со дрдорења на висока нога   за нивните тешки должности кон верата во Бога, ниедно не е незадоволно и не страда од аздис, во лудило не ја претвораат страста да се газди, ниедно не клечи пред друго, пред свои роднини што како маченици живееле пред илјада години, ниедно не се тресе за рејтингот на своето име ниту се бие в гради дека е најнесреќен пример.   Така тие покажуваат дека се моја најмила рода, ги имаат знаците на мојот табиет и животен стил, па се чудам откај им се, во која дамнешна згода сум поминал таму и небрежно сум ги испуштил? Одејќи со итање напред тогаш и сега и во еони, бескраен и разновиден, ист какви што се и они, не премногу наклонет кон тие што на мене личат, тек-тук одбирам едно милениче за да се дичам, го љубам и чувам како да ми е уште еден брат, од исконско семе никнат како јас, и пес и трат. Џиновска е убавината на пастувот што го галам, со високо и широко чело меѓу начулените уши, со нозе сјајни и витки, украс е за секоја штала, та и злобникавиот поглед восхит ќе ти внуши. Кога со моите пети ќе го гушнам тој рнки шири, трчаме околу дур неговата страст да се смири. Доволно те тимарев и галев другариште мало, јас можам да трчам и побрзо од твојот галоп, додека стојам ил`седам навидум без грижа, во мислите мои предели и времиња нижам.
Категория: Поезия
Прочетен: 1192 Коментари: 0 Гласове: 1
Последна промяна: 20.11.2014 14:34
Категория: Поезия
Прочетен: 1020 Коментари: 0 Гласове: 1
Последна промяна: 19.11.2014 12:27
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 562584
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502