Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 562572 Постинги: 749 Коментари: 120
Постинги в блога от Юни, 2010 г.
26.06.2010 12:47 - РЕДСКО МААЛО
  Во времето кога власта одобри припадницитe на турската народност да можат да се исселат во Турција, на чело на општинската финансиска управа во малото градче С. беше другарот Асен , 40-годишен поранешен терзија кој веќе десетина години на Комунистичката партија щ беше проверен и докажан кадар што напредна благодарение на протекцијата обезбедена од неговиот братучед, уште од пред војната комунист а сега лидер на Републиката. Републичкото партиско раководство на Асен му го довери надзорот врз исселувачкиот процес што во општинскиот суд го водеше единствениот судија-претседател Ридевски, со писарска помош од младиот ќопав уписничар Гене кој пред неодамнешното основањето на судот, неколку години како архивар-среднист работеше во регионалниот историски архив во соседниот град, седиште на околијата. Вистински, квалификуван судија, со претходно адвокатско искуство, беше 38-годишниот судија Ридевски. Роден и израснат во околискиот град, Ридевски на почетокот на војната стана дипломиран јурист на Правниот факултет во Софија а по приправникувањето, и еден од многубројните тамошни адвокати. За свој најголем професионален успех го сметаше случајот во кој за време на војната, како бранител по службена должност, молбата за помилување во име на еден на смрт осуден комунист од Македонија ја напиша толку емотивно и заколнувачки на верност кон бугарскиот цар и бугарштината што  излезе `благополучна`. Спасениот беше Асеновиот братучед, комунистот кој по војната стана лидер на Републиката. Десет години по војната, Ридевски со писмо му се обрати на својот поранешен клиент за помош бидејќи во неразјаснети околности во Софија му биле убиени жената и детето а тој поради закана од тамошното подземје морал да се врати во својата татковина. Не толку од благодарност колку од претпазливост неговиот адвокатски спасител да не разгласува деталите од бугарофилската молба, лидерот му обезбеди претседателско-судиско место во новооснованиот роднокраен општински суд. Инаку, лидерот на Републиката знаеше дека за неговиот спас заслужна беше единствено молбата што, од  `Редското маало` на градчето С., до бугарскиот цар ја пратил  неговиот посвоител-татко а всушност чичко, кој `за време српско`, како бележит комита, стекна репутација на маченик за “майка Бьлгария“ бидејќи беше осуден на 20 години робија од која во нишкиот затвор го ослободи окупацијата што врз Југославија ја извршија германските и бугарските  сили. Околноста дека за време на неговата робија посвоеникот стана огнен приврзаник на револуционерното движење на југословенските комунисти не го поколеба стариот комита да ги покрене во Софија сите свои врски за спас на заблуденото чедо. Смртта, на крајот од војната во 1945 година, го спречи комитата да го проследи бурниот растеж на својот посвоеник до позицијата лидер на  Републиката. Така испадна финансиерот Асен  и судијата Ридевски да се поврзани со заеднички протектор. Поради роднинството со лидерот на Републиката, Асен кај сите државни служби и кај граѓаните имаше огромен авторитет па за судијата, иако беше вдовец и самец, успеа да издејствува решение од народниот одбор со кое, од фондот на општонародниот имот, му се  даде на користење куќата што во текот на војната, на периферијата покрај патот за горните села, ја изградиле Германците за во неа да ја сместат регионалната радио-релејна постројка и екипажот. Куќата беше приземна, со претсобје и 3 соби а кон неа имаше прилепено кружно ѕидана, шест метри висока кула во облик на минаре, на која биле намонтирани антените. Имаше и мала бавча што војниците педантно ја работеле а на одење, покрај празни метални кутии од муниција, го оставиле и градежниот и градинарскиот алат.  Судијата, иако големоградско дете израснато на калдрма, по совети и со помош од пријателот Асен  ја обнови градината и, до појавата на исселувачкиот процес на Турците, во слободното време со мерак ја обработуваше бидејќи во неа Германците беа ископале и оѕидале бунар длабок 8 метри кој и во лето не секнуваше. Во општината немаше адвокат но еден од неколкуте адвокати од околискиот град, во пазарниот ден доаѓаше во градчето и во изнајмена просторија ги опслужуваше клиентите. Подоцна тие толку се згустија што адвокатот смисли начин како и во другите денови и без негово лично присуство да им се врши работата. Бидејќи му беше сограѓанин и колега од студиите, адвокатот имаше смелост да му понуди на судијата Ридевски таен договор што овој без многу размислување го прифати: за награда во износ  50% од адвокатскиот хонорар, судијата во име на адвокатот да им ги составува на клиентите пропишаните поднесоци. За нивна автентикација адвокатот му остави дупликат од својот адвокатски  штембил а му понуди да му даде и една машина за пишување. Но, судијата кажа дека има своја, малоформатна и леснопренослива, згодна да пишуваш на неа и држејќи ја на колена. Ја купил уште додека за време на војната и потоа работел како беден ходничарски адвокат во судовите на Софија.  “Јака фирма – бедно положение!“ – му го објасни судијата на адвокатот сопствениот адвокатски биланс. Се разбира, судијата беше доволно умен самиот директно да не се изложува туку за општење со странките се договори со уписничарот Гене , за овој од странките да прибира податоци и да наплатува пари за судските такси и адвокатскиот хонорар, од кој на уписничарот да му припадне една четвртина. Испаѓаше вкупниот динарски трошок да е во вредност од речиси две турските златни лири – половина за судски такси и половина за адвокатскиот хонорар. Така, а во склад со комунистичкото начело дека во постапката народниот суд е должен да ја поучи странката за остварувањето на нејзините права, се устрои една процедура во која кандидатот за исселување првин му правеше чест на судијата да го праша што треба да прави во врска со преселбата во Турција а овој љубезно му советуваше за сите нужни работи да се обрати до уписничарот кој пак, потоа, откако на рака и без признаница и без детални објаснувања ќе го примеше купчето пари нагалено наречено “џеза“, со молив на лист хартија ги запишуваше податоците на молителот и го упатуваше уште кои други докази дополнително да ги донесе. Навечер, во куќата на судијата, тој и уписничарот собраните пари ги распоредуваа а потоа, според белешките, по диктат на судијата, уписничарот на машината за пишување ги составуваше молбите. Адвокатскиот штембил на нив го удираше судијата и истовремено молителите ги потпишуваше со  знакот “ х“ –  како исламска алтернатива на крстот со кој неписмените христијани се потпишуваа. Бидејќи затрупани со работа, судијата и уписничарот се договорија приоритет во решавањето на молбите да дадат на странките кои пропишаната џеза ја плаќаа во златни лири. Како судска пракса, тоа го забележаа странките и молкум го прифатија а некои од нив, сакајќи уште поголем приоритет, правеа “здравоживо“ со судијата подмачкувајќи му ја раката со една златна лира. Адвокатот не се интересираше за деталите бидејќи беше задоволен од текот на работите а уште поќефлија стана кога судијата почна половината адвокатски хонорар, по поволен курс, да му го исплатува во златни лири и плус од него со лири да купува динари нужни за судските такси. На големо, локален државен дистрибутер на сите видови таксени марки беше општинската  финансиска управа која на државното книжарско претпријатие од главните град кое имаше една книжара во градчето, со рабат од 10% му продаваше марки, за тоа понатаму да ги продава на мало по номиналната вредност. Но, финансиерот Асен, добро информиран за лавината од исселенички молби, посака и успеа неа да ја искористи за да си ја вработи сопругата. Му требаше само едно јавувања по телефон до лидерот на Републиката за на плоштадот да осамне нова трафика на државното новинско претпријатие и во неа Асеновата сопруга, како договорна работничка со плата во висина од 8% од прометот,  почна да продава весници, разни ситнурии и таксени марки. И одеднаш, според распределителната евиденција во финансиската управа,  излезе дека сите општински молители-исселеници сакаат да купуваат таксени марки од новата трафика – бидејќи за нив, по налог на судијата, марките оттаму ги купуваше уписничарот Гене. Пропишано беше таксените марки да се лепат на поднесокот на странката и на примерокот од решението што остануваше во судската архива. Уписничарот беше должен залепените марки  веднаш  да ги поништи со печатот на судот. Во сиот тој калабалак од јавни и тајни дејствија што ги вршеше, уписничарот Гене набргу увиде дека четвртинката од адвокатскиот хонорар не е доволна рамнотежа за неговата претовареност па смисли начин како самиот да си ја зголеми наградата. Наместо да купува таксени марки и за молбата и за решението со кое таа се уважува, тој марки купуваше само за решението и пред судијата ритуално ги лепеше и поништуваше а на молбите ги прелепуваше таксените марки кои ги одлепил од  завршените и архивирани судски предмети. Се разбира, при новото поништување нишанеше судскиот печат со свежото мастило соодветно да ги поклопи веќе отиснатите букви на марките. Бидејќи не знаеше за со по една лира подмачканите здравожива, уписничарот Гене, со својата печалба од тричетврт лира од човек, почна младешки да си ласка дека, во однос на судијата, испаднал двојно попаметен. Тој беше син на прочуениот комита Ордан, од Редското маало, и израсна без татковата грижа. Комитата беше многу силен човек и имаше репутација на тивок давител бидејќи неколкуте ликвидации  на `српските  шпиони` што пред војната со жрепка му се паднаа, ги изврши задавувајќи ги жртвите со голи раце. По војната остана засолнат во Бугарија цели две години, сй додека син му Гене не го убеди дека во војната се изгорени сите архиви од  српското време. По враќањето, комитата  се смири како превозник – со голема запрежна кола влечена од биволи, разнесуваше товари од железничката станица до градчето и обратно. А сега, кога неговиот ќопав син го праша каде е најдобро да се скријат веќе спечалените двеста лири, педесетгодишниот силник се увери дека `паметта царува а силата е амал` бидејќи тој од својот комитлак спечали едвај десет лири со кои, на периферијата, наспроти `германската кула` купи мала нива во која изгради плевна и штала за запрегата. И не му беше тешко за синот да најде добро скришно место – под калдрмисаниот батак од шталски лајна во стариот градски ан веќе 25 години неоткриен гниеше првиот негов задавен шпион. Сега беше полесно – во својата штала со ашов ископа половина метар длабока и широка дупка и металната кутија од муниција, полна со златните лири на умното синче, ја завитка во вреќа убаво намачкана со коломас,   неа ја стави во голем ѕембил и го закопа распостилајќи озгора слама и лајна од биволите. Се разбира, истиот проблем каде да ги крие своите 300 лири го имаше и судијата Ридевски. Нему антенската кула во неговиот двор му се виде најпогодна. Бидејќи беа под суво, тој внатрешните спирални скали од делкан камен ги користеше како остава за градежниот и градинарскиот алат. Запотувајќи се речиси цел час во тесниот простор, рано наутро, тој успеа со  добар чекан и тенка ќускија да разниша едно од камените газишта на скалите, го тргна настрана и во полненицата под него извади доволно ситен камен за да ја собере металната кутија од муниција во која ги беше собрал лирите. Тој потоа го врати газиштето врз неа а процепите ги посипа со прашината што ја смете од погорните скали. И додека двајцата судски учесници ги спастрија своите големи печалби, финансиерот  Асен преку својата евиденција за изминатиот месец забележа 50% намалување кај продажбата на судските таксени марки а тоа значеше и двојно намалување на платата на неговата сопруга. Бидејќи молителите-исселеници  доставуваа до судот и потврда од управа за приходи дека ги платиле даноците, тој провери во таа архива и утврди дека немаше намалување на барањата за такви потврди. Сепак, по телефон, го праша судијата Ридевски дали можеби се намалил бројот на предметите за исселување. Судијата и без да проверува во архивата знаеше дека бројот на предметите не е воопшто намален и тоа му го кажа на Асен. Тогаш, една по друга, се развија две неофицијални истраги. Во првата, уште истиот ден, судијата Ридевски го повика уписничарот за да провери дали овој ги купува судските марки како што му беше речено. Гене претпазливо излажа дека, додавајќи и свои пари,  наеднаш купил поголема количина судски марки од соседниот околиски град, од трафика во која работела една малку ќопава мома што сакал да ја земе за жена па се  трудел да ја импресионира правејќи щ голем промет. Судијата одби да го прифати тоа оправдание и му наложи на Гене да ги врати преостанатите купени марки и исто толку да купи од локалната трафика на сопругата на финансиерот Асен и непремено во иднина само оттаму да купува. Гене вети дека така ќе постапи ама беше решен да ја забошоти работата, бидејќи за да го оствари ветеното, требаше да ископа лири од под лајната во шталата на татко му. Во другата истрага, следниот ден, финансиерот Асен, под изговор дека од централата добил известување за откриени  фалсификувани судски марки во главниот град на Републиката, побара од судијата  Ридевски одобрение тој самиот да изврши проверка на работењето со судските марки во судот. Судијата без размислување одобри проверка и заедно со финансиерот појдоа во судската архива. Уписничарот Гене беше затечен. Финансиерот, наоружан со јака лупа и со тенки гумени ракавици што ги набави од трафиката на жена му, набрзо, во 5 предмети што беа на бирото, откри дека на молбите за исселување налепените таксените марки се всушност по втор пат залепени еднаш веќе поништени таксени марки. Гене се правдаше дека тој така ги добил молбите од странките па од многу работа не забележал дека марките не се нови. Судијата знаеше дека Гене лаже, но ништо не рече. Во понатамошниот преглед, финансиерот откри прелепување на употребени судски таксени во сите исселенички предметите од претходниот месец. Вредноста беше безмалу 150 турски лири. Одејќи наназад во проверката, финансиерот ја прекина штом во неколку предмети по ред од предминатиот месец утврди дека судските марки се нови, непрелепувани. Тогаш тој ги собра во папка сите молби од изминатиот месец за дополнително стручно вештачење и побара канцеларијата на судската архива веднаш да биде запечатена, за евентуална понатамошна дополнителна проверка на сите предмети, наназад до основањето на судот. Судијата одобри. Финансиерот му ги зеде клучевите и печатите на Гене и вратата на архивата беше заклучена и запечатена. Финансиерот, знаејќи чиј син е Гене, претпазливо му укажа на судијата дека деликатноста на случајот налага веста за откриените фалсификувани судски марки да не се шири кон милицијата. А на Гене, како превентивна мерка, само му нареди да не го напушта градчето до следна наредба. Асен веднаш појде во Одделението за внатрешни работи, кај матичарот кој беше надлежен и за евиденцијата на личните карти. Му ги побара а овој пресретливо му ги даде на реверс картончињата за издавање лични карти со отисоците од прстите на судијата Ридевски и на Гене. Потоа по телефон му се јави на началникот за финансии во околиски град и под  изговор за проверка и вештачење, го замоли овој да му го обезбеди таквото картонче со отисоците на адвокатот  чиј штембил беше на молбите, нагласувајќи дека наскоро самиот ќе дојде да го земе, на пат со општинскиот џип кон крим-лабораторијата во главниот град. Така и се случи: со сите списи финансиерот се обрати до младиот крим-инспектор во таа лабораторија што го знаеше бидејќи овој беше роден и израснат во градчето С. Вештачењето беше извршено неофицијално, брзо и стручно, со нова и прецизна опрема. За финансиерот, наодот беше збунувачки: на молбите биле најдени отисоци само од прстите на уписничарот и на судијата што не беше логично – требаше да има отисоци барем уште од адвокатот што молбите ги составил. Но, ништо не му кажа на инспекторот туку се заблагодари, локалпатриотски напомнувајќи работата да не се шири, и оттаму, по телефон, побара прием за попладнето, дома кај лидерот на Републиката. Овој обично не примаше странки дома и одбегнуваше непотребни зближувања со своите роднини и поранешни сограѓани од С. но кога финансиерот Асен му спомна дека се работи за случај со потенцијал за голема криминална афера во неговата родна општината, се согласи. Попладнето, седнати во огромната бавча на лидерот, по опстојното разгледување на фактите,  обајцата се согласија дека во случајот  мора да е замешан и судијата Ридевски. “Правиш добрина а еве како ти се враќа!“ – прокоментира налутено лидерот. “Ова е ставање клипови во тркалата на револуцијата! Во тркалата на напредокот на нашиот град! Го заложив мојот авторитет за основањето на судот! И  не можам да допуштам да пукне ваква афера! За татковината се работи! Ти, братучед, умно си направил што досега ништо не излегло во јавноста. И јас ништо не знам за случајот, ме разбра? Нека се разреши по турски: ти одбери на кого ќе му го дадеш свилениот гајтан!“ Со овој налог што не постоеше, лидерот всушност го устоличи финансиерот Асен за цар на градчето С. На враќање накај дома, Асен ја обмисли целата работа и најде дека  одговорноста на судијата Ридевски е многу голема – се ујдисал со адвокатот, му ја врши работата и сигурно си ги делат парите. А уписничарот Гене забележал што прави судијата па се полакомил и он да печали нешто од тоа судските таксени марки. Ах, Гене, наше дете од Редско маало! Да, прочуеното Редско маало.  А тоа маало така се вика бидејќи во него живееја локалните комити што во матните турски и српски времиња тураа ред не само во градчето туку и во сета околија! “Аха!“ – му текна на Асен. Познавањето на традицијата  му го покажа патот на свилениот гајтан. Уште истата вечер појде во Редското маало кај таткото на Гене и насамо и доверливо му кажа дека судијата Ридевски сака неговиот син да биде пријавен на обвинителството за голема проневера со судски таксени марки. Делото е тешко, ќе избие афера и Гене во околискиот суд би бил осуден на повеќегодишна казна строг затвор. Но, на локалните и на државните власти таква афера во новооснованиот суд не им одговара.  За татковината се работи. Треба да се поклопи таа смрдлива рана на нејзиното младо тело. “Аха!“ – рече на разделувањето со Асен стариот комита. Значењето на изреката `За татковината се работи!` тој многу добро го знаеше. Иако порано татковината се викаше `родина`, суштината беше иста: му обезбедуваше мирен сон во текот на целиот негов комитски живот посветен на егзекуција на српски шпиони. И покрај сета омраза кон сй српско, мораше да си признае дека е точна нивната поговорка  `Татковината е како здравје!`. А сега се работеше и за повеќе од татковината –  слободата и имотот на неговиот син беа загрозени од желбата на судијата да се додвори на власта. Ама се заебал учениот дојденец – корењата на власта не се на знамето та секој да ги знае. Беше веќе стемнето ама беше средината на јуни па од здебелената месечина се гледаше. За да стигне од Редското маало до германската кула на кракатиот и  висок комита му требаа само 15 минути. Тој првин ја извиде работата. Меѓу последната куќа и кулата имаше околу 100  метри гол простор долж патот. Спроти кулата, од неговата штала залајаа неговите врзани кучиња ама се смирија кога тивко им се јави. Знаеше дека судијата нема куче. Кај него само бавчата беше оградена, за да не ја оштетуваат кокошките кои комитата слободно пуштени ги чуваше. Во една од собите гореше газиена ламба – од прозорецот го виде судијата  дека чита легнат в кревет. Комитата почна да го остварува својот план. Од чекркот на бунарот на судијата, внимателно ја одврте  и ја одврза ортомата долга речиси 10 метри. На едниот крај ја подврза како окце а другиот крај го спровна низ него и направи јамка. Потоа на голо ја опаша пресполу а крајот со јамката, долг околу еден метар, откај градите го префрли преку рамо наназад. Се покри со кошулата и отиде кај својот кокошарник. Таму првин од под стреата зеде едно кусо парче тенок тел, го скина надве и потоа го грабна задреманиот петел и го  стисна на земја па со едното парче тел му го врза клунот а со другото парче нозете. Држејќи го петелот под мишка, се врати во дворот на судијата и со едната слободна рака ја отвори само со клин блокираната вратничка на кулата. Потоа му го ослободи од телот само клунот на петелот и го фрли во кулата. Петелот исплашен а сопнат, се развика. Комитата ја затвори вратата, телот го тури в џеб и веднаш пријде до влезната врата на судијата и потропа. Судијата ги навре гофите и отвори. Комитата поздрави “добровечер“ и се извини што досаѓа, ама изгледа неговиот петел заглавил во кулата на судијата, па моли овој да му отвори да си го земе. Судијата ги чу непрестаните викотници и прпелкања на петелот и појде добродушно напред кон вратата на кулата. Комитата зад него ја дофати спремената јамка и му ја наглави затегнувајќи ја со рацете и веднаш потоа  така се сврте поднаведнувајќи се нанапред што го зеде грбот на судијата како товар врз својот грб. Давеникот беше шокиран и беспомошен, дигнат целосно во воздух. Попрета со нозете и рацете околу половина минута и се смири – му пукна срцето. Цело време душмански затегајќи ја јамката на товарот,  комитата во неколку чекори стигна до вратата на кулата и си ја ослободи само едната рака за да ја отвори вратата. Петелот виде троа светло и силовито излета надвор, спрпелкано атерирајќи. Комитата,  внимателно со нозете пипајќи и пишкајќи запотен со тешкиот товар на грб, се искачи по спиралните скалила до врвот на кулата каде тесното одмориште беше покриено со лимена натсрешница. Таму, комитата се распаша  од ортомата и одмерувајќи отприлика три метри од неа, ја врза удвоена за едниот дрвен столб на натсрешницата а најамченото тело на судијата полека го висна долж надворешниот дел од ѕидот на кулата.  Не го фрли телото плашејќи се да не се скине ортомата или да попушти дрвениот столб за кој таа беше врзана. Потоа олеснето се симна, излезе од кулата оставајќи ја нејзината врата отворена. Ја остави отворена и вратата на куќата на судијата. Во дворот, го фати петелот кој сеуште одвреме-навреме се прпелкаше и со телот од џебот пак му го врза клунот и си го прибра под мишка. За 15 минути комитата се врати дома во Редско маало, му ја скина главата на петелот и го даде на жена си со наредба да му го зготви варен па печен за вечера, со ладно вино. Утредента, на кулата виснатиот судија први  го видоа двајцата милиционери кои рано беа тргнале во патролна обиколка кон горните села. Едниот остана како обезбедување на лице место  а другиот се врати и јави на својот началник. Овој, бидејќи ја почитуваше неофицијалната локална хиерархија, пред да ја пренесе веста кон надлежниот јавен обвинител од соседниот околиски град, по телефон му се јави на финансиерот Асен со додворувачко барање совет како да се постапи во случајот. “За мене нема сомнение дека судијата самиот си пресудил, додуша, со преголема строгост.“ – рече Асен и на началникот му кажа дека претходниот ден, во контрола на работењето со судски таксени марки во судот, утврдил дека судијата, користејќи го штембилот на еден адвокат, не само што се полакомил незаконски да печали правејќи им на странките молби за исселување туку и дека на нив лепел веќе употребени таксени марки кои ги одлепувал од архивираните предмети. “Аха!“ – целосно информиран рече началникот и истата верзија за самоубиствено бесење му ја посочи потоа по телефон и на јавниот обвинител. Овој беше стар правнички лисец и знаеше дека во вакви случаи е најдобро очигледното многу-многу да не се проверува па го овласти началникот овој и без негово присуство да изврши увид на лице место и да состави записник. Така и се стори. Записникот, со констатираното самоубиство со бесење и бегло навестените индиции за откриеното криминално дејание на судијата што му претходело како мотив, до крајот на денот по специјален курир му беше доставен на обвинителот и тој го архивираше “ад акта“, известувајќи го по телефон за таквата своја одлука милицискиот началник од С. Овој таа вест му ја пренесе на финансиерот Асен кој потоа, без многу помпа а како загрижен пријател на покојниот судија, преку службата за комунални работи му организираше погреб уште истиот ден попладнето. Тој исто така ги прибра од куќата кај себе на чување и малкуте лични предмети на покојниот самец, меѓу нив и машината за пишување и штембилот на адвокатот. Куќата ја исчистија, ја заклучија и ја запечатија. Утредента општинското раководство на С. со писмо се обрати до претседателот на околискиот суд со молба веднаш да биде делегиран еден судија од соседниот голем општински суд, за два дена во неделата да доаѓа во судот во С. и да ги решава молбите за исселување. Тоа беше одобрено. Финансиерот Асен лично појде кај адвокатот во околискиот град, божем за да му го врати штембилот. Во разговорот, по изнесувањето на жалните сеќавања за судијата како вреден и напатен човек, финансиерот Асен така лигаво и трогателно му ги опиша на адвокатот маките на странките кои во општината останале без правна помош што овој се осмели како една нова идеја да му го предложи понаполу-аранжманот што функционираше со судија Ридевски. Асен тоа и го чекаше и по договорот си се врати дома пак со штембилот на адвокатот. Го викна уписничарот Гене и му ги врати печатите и клучевите од судот, заедно со списите кои ги беше зел за вештачење, јасно ставајќи му на знаење дека ќе мора со него да го продолжи понаполу-аранжманот но со изричита закана во иднина да се задоволи само со едната четвртина од адвокатскиот хонорар. Гене, среќен што вака ефтино се искуба од својата пропаст, целосно прифати да соработува. И така, уште еднаш жителите на Редското маало турија ред во општината.
Категория: Поезия
Прочетен: 523 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 10.04.2013 13:23
25.06.2010 00:07 - ЌЕФ МИ Е
  Мој препев на една песна на руската поетеса Марина Цветаева 3 мая 1915 1. Ќеф ми е што од мене не сте болен а ни јас за вас од земја не се траќам, па така, мирно е гравитационото поле и планетава гувее како кротка сваќа. Ќеф ми е што можам да сум забавна - иако развратните алузии ги сопрев и да не црвенеам со трема задавна од што бегло со ракавот ве допрев. 2. И пак ќеф ми е што при мене жива мирно друга гушкате иако е груба и во адскиот катран не ќе пливам зашто вместо неа јас не ве љубам. А ни името нежно мое нема спомен, од ваште усни моите уши не го чуја - а и што ако црковниот камен ломен не ќе одекнува над нас со Алелуја! 3. Фала ви многу, и од срце и од рака, за тоа што вие самиот немате поим колку вашето срце моето го сака и мојот ноќен мир со мечти го пои - за ретки средби кога сонце се крене, за непрошетки при месечев одраз, за жалта што сте болен но не од мене, за жалта што сум болна но не од вас! ========================
Еве го оригиналот и слика на духовитата поетеса
image Марина Цветаева Мне нравится, что вы больны не мной, Мне нравится, что я больна не вами, Что никогда тяжелый шар земной Не уплывет под нашими ногами. Мне нравится что можно быть смешной - Распущенной - и не играть словами, И не краснеть удушливой волной, Слегка соприкоснувшись рукавами.    Мне нравится еще, что вы при мне Спокойно обнимаете другую, Не прочите мне в адовом огне Гореть за то, что я не вас целую. Что имя нежное мое, мой нежный, не Упоминаете ни днем, ни ночью - всуе...Что никогда в церковной тишине Не пропоют над нами: аллилуйя!    Спасибо вам и сердцем и рукой За то, что вы меня - не зная сами! -Так любите: за мой ночной покой, За редкость встреч закатными часами, За наши не-гулянья под луной, За солнце, не у нас над головами, - За то, что вы больны - увы! - не мной, За то, что я больна - увы! - не вами!  
Категория: Поезия
Прочетен: 516 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 25.06.2010 00:22
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 562572
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502