Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 562582 Постинги: 749 Коментари: 120
Постинги в блога от Юли, 2010 г.


- Ѕрнн!

- Да, молам, повелете, централа на “Порцуланка“!

- Ај сврзи ме со директорот!

- Извинете, зафатен е, држи стручен колегиум!

- За малку е работата, кажи му дека го бара Ацо Димовски, јавниот обвинител.

- Добро, почекајте малце!… Повелете, го имате директорот на линија!

- Алооо, кај си бе директоре, многу си се разработил отсабајле!

- Е па мора бе Ацо, знаеш како е – голема фабрика, големи проблеми!

- Добив кривична пријава од вашата самоуправна работничка контрола, против тебе, за Несовесно работење во стопанството – сте правеле голем чкарт со гипсените калапи и сте фрлиле неколку тони на депонија.

- Нема врска тоа бе Ацо, технологијата е таква, во сите фабрики за порцулан е така! Ако сакаш ќе ти дадам споредбени податоци од другите фабрики во Југославија, сегде е исто!

- Добро, прати ми ги тие податоци, да се повикам на нив кога ќе го пишувам решение за отфрлање на пријавата.

- Уште денес ќе ги добиеш, фала ти на разбирањето.

- Нема проблем, не за џабе сме школски другари, треба да си помагаме!

- Така е, фала ти уште еднаш!

- Туку, знаеш што?

- Кажи бе Ацо!

- Јас уште од мал сликам, тоа ми е хоби и доста напреднав. Сликам и репрезентативни слики за во големи канцеларии, може и за во приемни холови.

- Знам, имам видено твои слики, стварно многу добри, моментално не ми текнува каде беа.

- Е па јас изложби не правам, сигурно си ги видел во хотел “Интернационал“, неодамна купија од мене три слики.

- Да бе, таму ги видов, многу убави пејсажи.

- Слушај, имам три и за тебе, тазе мотиви, од пошумувањето на бреговите на езерото. Многу убави облаци сум фатил, за мерак се сликите, масла на платно.

- Аха… и колку би требало да се плати?

- Секоја е по 150.000 динари, ама топтан за сите ќе ти дадам 12% рабат, значи ќе те фане околу 400.000 динари.

- Аман, многу пари бе Ацо, тоа колку мојата месечна плата, за таква набавка ми треба одобрение од работничкиот совет!

- Е па ако де, ќе си го регулираш тоа, не оставај опашки за самоуправната работничка контрола!

- Добро Ацо. И како ќе ти платиме, ти како државен службеник на приватно не смееш да работиш.

- Не се коси, тоа е средено кај мене. Уште утре по факс ќе добиеш фактура од Авторската агенција на Македонија и ќе платиш на нивната жиро-сметка. Штом ќе платите, прати шофер со тоа тамчето дома кај мене да ги земе сликите.

- Добро Ацо, ти знаеш како треба по закон.

- Морам така, брат, лесно ви е вам, се средивте и маж и жена на работа.

- Е па жената изучи за професорка, гревота е да седи дома кога се бара таков кадар!

- Така е, не велам ништо против. Ич не бери гајле, мое име во фактурата и во Агенцијата нема да фугурира, сликите јас ги продавам во име на жена ми. Она е со основно школо, не бива работничка да ја праќам! Си ги гледа децата а они растат ама растат и трошоците и затоа морам вака.

- Добро Ацо, како што рече преѓеска, не за џабе сме школски другари, треба да си помагаме!

- Таков те сакам бе златен, ај догледање! Не ми е лесно ни мене, како што викаат старите - двете нозе во еден чевол ми се! 
Категория: Поезия
Прочетен: 913 Коментари: 1 Гласове: 0
 

Касапите уште од времето пред преселбата од старата градска кланица во новата фабрика за месо, традиционално, за верскиот празник Св.Архангел Михаил – Душовадникот, добиваа свинско месо како подарок од фирмата – некогаш ребра, некогаш потколеници, зависно од галантноста на директорот. Новата фабрика, изградена на ледина десет километри надвор од градот, според социјалистичкиот канон, доби величествено име “месна индустрија“ а и нов директор од редот на доверливите удбашки кадри – еден недоквакан професор по географија. По неколкумесечно работење во новата фабрика, и оваа година дојде празникот и тројца постари душовадници, уште претпладнето, по одморот за појадок, онака работно опремени во бели со крв замачкани гумени чизми и комбинезони и  со по 2-3 ножеви во футролите на појасите, се најавија кај техничката секретарка барајќи прием кај директорот, за во име на сите други касапи да договорат што ќе им биде поделено на одење накај дома. Но, ѓаволот замешал прсти во традицијата – новиот директор не ја ни прими касапската делегација туку само преку секретарката порача дека стриктно ги следи партиските директиви за штедење во стопанството – веќе нема да се растура народниот имот за негување на затапени традиции. Се вратија делегатите кај колегите касапи и пред да го дадат неповолниот извештај, потегнаа по две-три добри голтки од шишињата ракија што и покрај забраната секој ден си ја внесуваа како духовна поткрепа во крвавото работно секојдневие. - А има за да се носи на генералите да не прават проблем за бомбажата на конзервите! – рече еден од помладите касапи, откако ја чуја неповолната вест. - Е има, а има и за да се подмачкуваат партиските буџовани на Водно оти без тоа не ќе бидеш директор! – нададе друг незадоволник. - Имало и за да се носи на професорите по факултетите, да положуваат синчињата и ќерките на раководителите! – дополни трет. - А може и да се лажат муштериите – да им се продаваат како свински чварки расипаните салами вратени од продавниците, измешани со мисиркини копани од Америка со изминат рок на употреба  и сето тоа замаскирано со свежа сланина! –  тури капак на незадоволството најстручниот од нив. Се растурија и мрзоволни продолжија со работата. Потоа, на одење со автобусот, кога тој беше веќе полн и сите  нестрпливо пекаа за да тргне, возачот кој си ги следеше редовните патници забележа дека ги нема тројцата постари касапи и рече дека мора да ги почекаат. И чекаа речиси пол саат ама ги немаше да дојдат. Другите работници нестрпливо се расправаа – едни дури и викаа дека ги виделе тројцата касапи како си отишле порано со едно комбе на муштерија. Конечно притисокот стана неподнослив и возачот го запали автобусот и тргна кон градот. А еден час потоа, тројцата касапи, кај сточното депо на фабричкиот круг се извлекоа под оградната жица и натоварени секој со по една наполу полна црна најлон вреќа за ѓубре, испотени избија напреку на асвалтниот пат за кон градот. За два саати веќе беа стигнати во фабричката продавница за месо во градот и најстариот од тројката на тамошниот касап  му рече: -  Фала ти, брат, што си ни зачувал свински потколеници за пача! Тој збунето им рече дека нема, се распродале. А тројцата пијано му намигнуваа и најстариот рече: - Ако, брат, ти само кажи дека ние од тебе купивме по 4 кила потколеници и не бери гајле! А кога вечерта, дежурниот стражар во месната индустрија отиде да ги нахрани дваесетте свињи оставени во сточното депо, се зачуди зошто тие не јурнаа кон коритата со концентрат – само изнемоштено грофтаа неподвижни како квачки. Поразгледа внимателно и виде – на сите им беа пресечени предните потколеници.

 
Категория: Поезия
Прочетен: 758 Коментари: 0 Гласове: 0
 
1922-та година, во Војската на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, никаква беше веројатноста едвај писмен војник со така очигледно бугарско име Крум да биде примен на курс за болничари . Тоа беше привилегија обично давана на Србите но овој речиси Бугарин од велешкото село Скачинци ја доби во нишкиот гарнизон бидејќи молбите за курсот ги одобруваше санитетскиот капетан Никола Дачиќ кој во август 1914 година, тогаш како српски окупационен потпоручник, ја имаше среќата случајно да го одбегне атентатот врз возот со кој патуваше од Велес кон Гевгелија. Имено, осумчлената бугарска чета на војводата Владе Сланков беше разбрала дека со тој воз кон Гевгелија ќе патуваат Иван Бабунски, Трбиќ и Бошко, војводи на српските контра-чети, па, за да ги ликвидира, на пругата кај с.Грнчишта меѓу Градско и реката Бабуна, постави адска машина. Но, прв на неа нагази  еден вонреден товарен воз од Гевгелија и се урна во Вардар, па војводите а и потпоручникот Никола  Дачиќ куртулија. Откако вечерта оддалеку бугарските четници ја чуле експлозијата, задоволни, ноќта се засолнале во една куќа во Скачинци ама за тоа селскиот кмет Христо Поп-Павлов ги известил српските окупациони власти во Велес па утредента, по целодневно сражение со четата на српскиот војвода Бабунски, биле убиени седуммина комити а осмиот, ранетиот Георги  Аврамов, успеал да избега. Така за Скачинци првпат се чу нешто значајно и влезе во историјата – инаку беше едно забаталено село на западната страна на планината Клепа кај Градско а неговите жители сами со себе се мајтапеа ставајќи му го името: се сметаа за скакулци што од првичното село покрај Вардар, бегајќи од неволји по турската наезда,  три пати скокаа преселувајќи се на запад кон планината. Значи, само благодарствениот спомен на капетанот Никола Дачиќ за неговото случајно куртулување од атентатот и ликвидацијата на атентаторите во Скачинци беше причината да го стави Крум Бачваревиќ во списокот на курсисти за воени болничари. И не се покаја капетанот за својот невообичаен избор : на крајот од курсот, Крум имаше најдобри оценки по теорија и по пракса па иако почетник, доби должност старешина на болничка барака. Старешина на соседната барака беше еден Србин, Пантелија кој секогаш со потсмев и надмено се однесуваше кон “Бугарашите“ како што ги нарекуваше војниците од Македонија. Крум со своите болни имаше близок однос, уште како дете ја имаше нужната посветеност да се помага на болното пиле, на болното маче. Сега, како болничар на луѓе, со елан се посвети на грижата за нив. Покрај она кое на курсот го научи од докторот-капетан Дачиќ, и самиот смислуваше помагателни процедури. Еден болен не можеше сам да се храни а и ни да голта. Докторите го препуштија на судбината. Ама Крум изделка една полукрива штичка што, откако ја стерилизира во врела вода, ја користеше со едната рака да му ја држи на болниот устата отворена а со другата му сипуваше чорба во хранопроводот. А болниот постепено од храната зеде сила а можеби повеќе и од сомилоста што ја добиваше од Крум, почна да се опоравува. Сереше и мочаше во глинени садови под себе, а Крум прибираше и чистеше. Такви работи го прават човека омилен кај другите – и Крум беше таков кај своите пациенти и кај надредените старешини. Кога капетанот го виде успехот со примената на изделканата штичка, веднаш нареди справата да се заведе и употребува како дел од медицинската опрема. Таквата популарност на Крум, обичен Бугараш, не му се допаѓаше на соседниот старешина на болничка барака,Пантелија. Постојано поттсмевачки дофрлуваше навреди ама Крум не реагираше. Тоа уште повеќе го збесна Пантелија. Едно летно попладне, во страничната сенка, секој на својата барака, тој и Крум пладнуваа со своите подвижни болни. Кај Крум беше весело, луѓето раскажуваа шеги. Пантелија реши да се шегува на гаден начин. Зеде еден нокшир и се измоча во него а потоа ја зеде малата метличка со која во лопатка од масите се прибираат ронките. Неговите пациенти тоа го видоа ама ништо не рекоа. Пантелија со нокширот се прикраде откај задниот дел на бараката на Крум и намакувајќи ја метличката во мочката, само со раката испружена зад аголот, испрска врз групата на Крум а потоа се повлече кон своите фалејќи се  “Ево како поп Пантелија светом водицом благосиља Бугараше!“ За тоа време, напрсканите Крумеви пациенти а и самиот тој се чудеа како тоа одеднаш од ведро небо зароси. Крум на неговиот бел мантил забележа жолтеникава лочка што кога ја помириса веднаш знаеше дека е мочка. И веднаш му текна што е работата. Со прст и мимика им навести на своите пациенти да молчат, ја нагазна големата прачкова метла и со мало развртување ја извлече дебелата рачка па држејќи ја со двете раце, се притаи концентриран на аголот од бараката. Пантелија се разочара што нема реакција од соседството а фактот дека некои од неговите пациенти се насмејаа на неговата гадна постапка го окуражи да ја повтори. И токму кога Пантелија пак ја спружи раката за да благослови, одмерениот Крумев удар со стапот му ја скрши и таа му висна а тој списка пцуејќи “Јао, уби ме, маму ли ти јебем бугарашку!“ Крум веднаш ги прибра како докази метличката и нокширот со ознаки на соседовата барака и си се повлече во својата соба. Тој го стори тоа кое мислеше дека во моментот е исправно и беше спремен јавно да ги сноси последиците. А Пантелија, по првичниот шок, стана свесен за својата бедна положба. Знаеше дека ни сето српство да е негово, капетанот доктор Никола Дачиќ нема да го заштити – напротив, ќе го казни за инцидентот. И затоа со подвиена опашка прати емисар од своите пациенти кај Крум и замоли овој да не го пријавува случајот и да дојде да му помогне за скршената рака. Крум се согласи, само рече дека нема тој да оди кај повредениот туку да му го донесат и плус на сите негови пациенти да им се извини што ги попрскал со мочка. И така се стори: Пантелија се извини, Крум му ја намести скршената рака и му ја загипсира. Утредента при визитата на капетанот му кажаа дека Пантелија бањајќи се, се лизнал на сапунот. Се разбира, Крум од капетанот доби уште една пофалба, на што според правилата на службата одговори “ Служим краља и отаџбину!“
Категория: Поезия
Прочетен: 514 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 09.09.2010 15:15
    Во кралството Македонија мудриот крал Филип Втори реши да чести, ама немаше доволно пари. А бидејќи во Македонија се сноваа по разноразни причини многу странци а  живееја  и доселени малцинства, кралот, за  да си ја наполни касата, го прогласи македонскиот јазик  за национално богатство и почна да им го продава на немакедонците на следниот начин: - одреди дека македонскиот јазик како приватен и службен јазик смеат да го употребуваат само припадниците на македонскиот народ кои тоа својство го потврдиле со нотарски заверена изјава и се обврзале постојано да носат радио-предавателен ѓердан што со посебен сериски број е поврзан со државниот центар за заштита на македонскиот јазик од неовластено користење - сите други, без оглед на државјанството, кога службено или приватно комуницираат со припадник на македонскиот народ, должни се да си обезбедат преведувач - припадник на македонскиот народ, на територијата на  Македонија, не смее да комуницира со други лица на јазик различен од македонскиот - преведувач на македонски јазик може да биде само припадник на македонскиот народ кој има писмен доказ дека најмалку 12 години во училиште го изучувал македонскиот јазик - наградата на преведувачот не смее да биде помала од 10 евра на секој започнат час - наградата се плаќа однапред за првиот час, и потоа за секој понатамошен час расте - на наплатената награда, преведувачот е должен да издаде фискална сметка од мобилен фискален апарат - на преведувачката награда преведувачот плаќа данок на услуга во 50% од наградата Кралот Филип Втори својот закон го зајакна со казнени одредби, според кои: - кој на територијата на Македонија го употребува македонскиот јазик спротивно на овој закон, ќе се казни со глоба од 100 евра за секој неовластено изговорен или напишан збор на македонски, при што и графичките знаци ќе се сметаат како зборови - припадник на македонскиот народ кој со умисла или од крајна небрежност одбегнува да го носи комуникациониот ѓердан или на друг начин ја спречува контролата врз неговата правилна употреба на македонскиот јазик, ќе се казни со глоба од 100 евра за секој час неконективност со државниот центар за заштита на македонскиот јазик од неовластено користење - во случаите кога од осудениот не може да се наплати паричната казна, таа ќе биде замената со казна затвор пресметана во размер од 100 евра за еден ден затвор. Залудни беа протестите на странците и малцинствата – кралот на сите им рече дека никој не ги бие по уши да комуницираат со Македонците, нека си се дружат и тргуваат меѓу себе и не ќе треба да плаќаат преведувач. Арно ама, бидејќи малцинствата и странците сакаа по мирен самоукинувачки пат Македонците да си ја растурат Македонија како држава, мораа да ги убедуваат постојано  за тоа што би требало да прават за да им биле добри перспективите кон иднината. А кога виде мудриот крал Филип Втори дека од новиот закон произлегуваат многу нови работни места преведувачи и дека од данокот се полни државната каса, пушти на странските телевизии реклама дека Македонија е привремена и дека е подведувачки рај за странци кои би можеле да ги убедат Македонците како поданици да се приклонат кон нивните кралеви . И верно, дојдоа од цел свет такви подведувачи со своите свити та кралот Филип Втори собра од преведувачките даноци доволно пари за да чести. А подведувачите и ден-денес сеуште ги убедуваат Македонците.

====================

Насловот го украдов од еден српски писател кој пред 40 години во белградски “Јеж“ објави хумореска “Кралот Филип што реши да чести“.  
Категория: Поезия
Прочетен: 507 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 22.07.2010 11:26
Категория: Поезия
Прочетен: 420 Коментари: 0 Гласове: 0
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 562582
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502