Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 562542 Постинги: 749 Коментари: 120
Постинги в блога от Юли, 2011 г.
2  >  >>
1 На поетесата ѝ беше многу мило ем драго што во нејзиното срце, на ѓон, влетал гулаб, се спрепнал, со нокти зацепувајќи го прагот, но не смртно, сал за болката да не е на нула. 2 Таа не сакала да му ги воспева атрибутите, само трагала по необични кованици и рими на кои ќе им ги наглави уздите и амутите, за читателот со восхитеност да ги прими. 3 И додека за кованиците некако и се снашла, бегале од неа ко диви коњи римите злобни, што песната ја задавувало, ритамот кашлал, а тоа за публиката не е баш пријатен зобник. 4 Но, сето тоа поетесата наша ич не ја слудило - зашто венчален прстен гулапчето ѝ понудило.    
Категория: Поезия
Прочетен: 464 Коментари: 0 Гласове: 1
Последна промяна: 31.07.2011 13:06
  1
Која ли луда мува го наплука овој цветен свет
и мирот скаменет го претвори во акушерство,
за црвот еднакво како и за суперчовекот клет,
за смеата исто како и за политичкото ѕверство.
2
Мрестилиште на јад и немилост еден кон друг
стана редот од хаосот да се опстане непремено;
и луѓето станаа хиени што бесно вртат во круг
да откинат црвлив залак од мршата на денот.
3
За тепање друг, урокот го учиме уште од лулка,
со тропалки, кукли, мачиња, кучиња и топки;
и несреќно е да се вљубиш во поезија и булка
оти така нема да научиш како се ставаат сопки.
4
И ќе се најде рамно место за топка-шутирање,
тешко е да се најде мирно место за умирање.
Категория: Поезия
Прочетен: 310 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 27.07.2011 07:59
1
Не давај твојата сенка крај тебе да се влече
како безлиглив полжав без потпис што мине;
сакаш ли на скарата на заборавот да си печен
ќебап-залак за смртта кога по тебе ќе зине?
2
Секој од нас ќе доползи до завршната црта
низ изгреви и самраци, низ мразови и жеги;
и сетики си бил и клоцнат за да ти се вртат,
не те помилувал стисот на животните стеги.
3
Свиткај ја преѓата на твоите невољи и среќи
во клопчиња записи, за потомството мамки:
најдобрите приказни се од просенати вреќи
на кои некој ги прочитал Роршаховите дамки.
4
И овој сонет, што од старечката ука стенка,
еден ден ќе стане арматура на мојата сенка.  
Категория: Поезия
Прочетен: 451 Коментари: 0 Гласове: 1
19.07.2011 14:45 - Диоген
Јас во Диогеновиот животен стил гледам дефиниран образац за здрав и нестресен живот. Не да се живее во буре, туку телото да се третира на начин како што секое животно го користи - тоа да се прилагоди на околните услови, а не да се вложува огромна енергија околните услови да се менуваат онака како телото намислило дека му е угодно. Човекот избегал од својата животинска природа и затоа е во ќорсокакот на консумерскиот стил на живеење. Треба да се користат придобивките на науката и технологијата за телото на човекот да се заштити од губење на топлината која тоа мора да ја одржува постојано преку дотур на храна. Технолошки е изводливо човекот да живее исто како и животните, така и да се храни, а истовремено да ги ужива сите модерни технолошки придобивки во комуникациите. Денес е технички изводливо секој поединец да биде самостоен комуникационен центар и цело време да биде интернетски поврзан со сите со кои тоа го сака, да одбира што ќе прима од мноштвото информации и ТВ и радио програми. И сето тоа е можно да биде на неговото тело, без да му пречи во работата. Ама, интересот на капиталистите не е тоа - они сакаат човек разгаќен, на куси ракави, во голема дневна соба, загревана или ладена, со екрани колку цел зид, со кујни и вештачка храна, со топла вода и сите други наводно удопства. Така човекот се отуѓува од самиот себе и им робува на предметите, наместо тие нему. Така човекот цело време проблемите ги бара и наоѓа и се обидува да ги реши во околината, наместо во себе. Тоа е тенденција одамна, не е само во модерното време, и само се надава и расте. Телото заслужува почит и грижа, првин преку храната, која треба да е природна, потоа преку хигиената и заштитата и вежбањето заради одржување на цврстината - телото треба да е бочва а не вреќа. Здраво тело - тоа е 2/3 среќа - а на човека и тоа би требало да му е доста. Џабе е сета среќа сфатена како удобност и пари ако на човек телото му откажува послушност. Сите болести се од храната - човекот самиот се убива со нездравата исхрана. А филозофирањето е фина разонода - во која секој паметен ќе дојде до Сократовиот заклучок: Знам дека ништо не знам. Се` е лук и вода - сеедно е дали таа чорба некој ја осмислил или хаосот ја направил - нам не ни е дадено тоа да го откриеме или осознаеме.
 
Категория: Лайфстайл
Прочетен: 563 Коментари: 0 Гласове: 0
18.07.2011 20:25 - Зорле сонет
1
Решен да ловам метафора, заседнав во чкка
што Неруда ја сковал од четиринаесет штици;
не пребирав дали ќе е во жабецот што крека
или во парталавите соништа на барските птици.
2
И Бог помогна, според геометриска теорема
ги подреди облаците по хипотенуза и катети,
со крлук ги фати оние кон беља што стремат
а месечината ја разжари на шестка да свети.
3
Залудно посакував Неруда да ми биде квасец
па со вреќа моја завист во леб да го смешам:
секој повтеж за метафора ми побегна вџасен
по светот да раскажува колку многу грешам.
4
Зашто, метафори не се ловат со подло чекање,
тие се раѓаат само од многу смеа или лелекање.
Категория: Поезия
Прочетен: 340 Коментари: 0 Гласове: 1
1
Во пластичните очи на плишаните мечиња
приказна за огромни страдања е скаменета:
метеорот помислил дека патеките не чинат,
дека планетава за негово пикадо е наменета.
2
Осум години светот светлина не виде јасна
планетава трпеза од планини месести стана,
зеленилото сувиот брич на ветрот го згасна,
единствено мовта и габите останаа за храна.
3
Во секоја дупка планетава остана бремена,
а плодови води ѝ беа мрсна црна медовина
што ко стапица бесплодна беше спремена
човекот да ја наследи како своја дедовина.
4
Сепак, патоказ метафорен има во неа за смели -
нови диносауруси да бидат човековите пчели.
Категория: Поезия
Прочетен: 295 Коментари: 0 Гласове: 0
 1 Изненаден бев кога ме спасија сожалот и верата
на младинците кои од мали ги мавав како тапан:
паднат од дрво, ќофте, ме донеле во пештерата,
во реата на задниот дел да се кренам или скапам.
2
Се биеја шега со мене а сепак коски ќе ми фрлеа,
среќни, во лов денски заминуваа без мојот терор
оставајќи ги трудните женки што ноќе ги грлеа -
за да сум им ги чувал јас, “на ќопавоста ѕверот“.
3
Закрепнував, за инат на таа подбивна етикета,
пеев песни за сладоста на меѓуножната китка:
како таа своите ливчиња ќе ги шири за да лета
над вулканот мој што млечна лава ќе џитка.
4
И така, може од нектарот на китките не лизнав
ама оттогаш племето како прв поет ме призна.
Категория: Поезия
Прочетен: 479 Коментари: 0 Гласове: 0
1
Да требаше стиховите да се засејуваат првин,
во земја разофкана да станат мој орочен влог,
за по многу додолење и страв од птици и црви,
со потен срп, во снопја да ги наредам во стог;
2
па да требаше потем со волови да ги вршам,
и ветрот да го молам да одвои зрна од плева
за сомлени, како млазови брашно да свршат
во тестен бунт што квасецот бањат го крева;
3
и, конечно, да требаше стиховите да се печат,
да станат пуфлест и крцкав читателски леб -
не верувам дека ќе можеа поет да ме речат
зашто сето тоа не е играчка со џамлии в џеб.
4
Сите мои песни ќе останеле ненапишани,
а слепилото во мене задоволно ќе нишани.
Категория: Поезия
Прочетен: 341 Коментари: 0 Гласове: 1
07.07.2011 09:40 - 600.000 стихови
1
За демократичност на мојата поетска кауза
се пишав член на организирана хаику-хајка:
таму ловот на метафори правилно е зауздан
и со послушност се прави кариера од бајка.
2
Многу не бараа, сал на два сонети избирачи
со ветувања стално да им ги полнам торбите:
хајката да ни победи и да пишува прирачник
за друг да не ни се меша во стихотворбите.
3
Но, посакав во повисоки кругови да влезам,
таму каде инспирацијата се дели со шлепери:
морав да заглавам во јарем од менична реза,
за шестотиниилјади стихови умов ми трепери.
4
Меницата јас како патриотска дика ја сфатив
а и подобро ми е одошто кога лепев плакати.  
Категория: Поезия
Прочетен: 304 Коментари: 0 Гласове: 0
1
Ловев во најтемната шума на мојата фантазија
барав метафора за невиноста да ѝ ја скинам,
порно-стар да бидам на поетските безобразија,
принц-дефлоратор по кого поетесите слинат.
2
Но си што патем ми текна беше веќе купено
од Петрарка, Шекспир, Гонгора или Лорка,
од глината па до ѕвездите, си беше издупено,
од преџвакувања, не останала ни мала корка.
3
Штрекнувајќи ме од соништата на таа шума,
квичење жалосно допре од комшискиот пес:
со многу удари со парче црево од тврда гума
соседот си го смируваше господарскиот бес.
4
И ете, соседот душмански ми роди метафора -
тепањето беше причесна со кучешка нафора.
Категория: Поезия
Прочетен: 301 Коментари: 0 Гласове: 1
1
Таа во шишенца монистрени солзи собирала
и за секоја, срцевнушителна песна напишала;
гламњи недогорени во болеро оркестрирала -
затоа саатите за неа ги забавија своите нишала.
2
Душата си ја извлачила во пајажинеста кадела,
за стиховен иконостас на црквата своја да сплете;
со чингалакија од срцето котелците ги вадела -
затоа на душата нејна пат без патарина ѝ е ветен.
3
Тој цел живот млеко даваше обилно ама риташе
и сал мајката на неговите деца успеа маја да земе;
делата свои тресалиски со пишманлак ги иташе -
затоа под старост стана дел од паразитско племе.
4
Нејзиниот грст солзи му го расцути рамото спурено
а тој ѝ врати со шише спомени за млекото истурено.  
Категория: Поезия
Прочетен: 329 Коментари: 0 Гласове: 0
  1
Примамливо и правосудно е клетва да се фрли
против туѓата небрежност што те јадосала;
та, клетвени книги напишаа пророците врли
за Израилот спрема Бога да биде посалам.
2
Но, сал навидум клетвата олеснување дава,
а всушност сведочи за твојата душа свилена;
свикнат на колнење, човекот на омраза јава
и постепено паранојата ќе му стане омилена.
3
Ако медот имаше звук, ќе беше како клетва,
за на колначот јадот полесно да му мине
а колнатиот да не ја прими ко лоша жетва
туку благост извинувачка од него да зине.
4
Не давај кон клетва јадот твој да те спотина,
не турај го умот во јаремот на таа гиљотина.
Категория: Поезия
Прочетен: 375 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 31.08.2011 17:48
2  >  >>
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 562542
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502