Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 562595 Постинги: 749 Коментари: 120
Постинги в блога от Септември, 2014 г.
 16 Стар сум и млад, со будалечки и со мудречки стаж, безобѕирен за другите а напати грижно ги љубам татковски дури и мајчински, дете сум колку и маж, исполнет сум со фина граѓа исто колку и со груба, припадник на Нацијата од многу нации составена, со правда и за мали и големи еднакво поставена, Јужњак и Северњак, плантажер весел од Окони, гостопримлив домаќин, особено за убави кокони, или Јенки своеглав, вештак за трговските знаци, светски патник со најсвитливи и најцврсти краци, Кентакиец во уресени ногавици од еленска кожа, Луизијанец ил`Џорџијанец но капитал си множам, лаѓар што плови преку езеро или само по крајот, горд граѓанин на Индијана, Висконсин или Охајо; по дома, во снежни гофи или во лов по грмушките, или со рибарите и ловците извештени со пушките, по дома, во флота од ледни чамци со други едрам, по дома во Вермонт, Мејн, Тексас, на земја штедра, другар на ќумурџии и сплавари од западната страна, другар на луѓето што се ракуваат и на ручек те канат, ученик кај простите луѓе а учител кај најмислечките, почетник а со искуства што ги совладале пречките, од секоја вера и положба, од секоја боја и каста, поп, уметник, насилник и господин од род прастар. Сй совладувам подобро одошто моето шаренило, дишам воздух но зад мене полнотата пак останува, не сум горд туку оној што љубопитство го пленило, и на вистинското место сум и добро разбранувам. (и кртот, и икрата, и сонцата, сй е на своето место, и опипливото и неопипливото се на својот престол.) 17 Ова навистина се мисли на сите луѓе од сето време, не извираат од мене туку во сите земји тие се семе, ако не се ваши колку и мои, тие скоро ништо не се, а такви се и ако ако не се загатка туку ребус лесен. Ова е тревата што расте сегде кај земја вода впива, ова е обичниот воздух во кој земјината топка плива. 18 Доаѓам со јака музика, со моите јасни труби и тапани  маршот е за победници ама и за поразени и скапани! Било добро да се победува но добро е и да се паѓа! Битка се губи во ист дух како и победата што се раѓа. Бијам во тапан и дувам низ мојот писок за оние мртви што подлегнале, што потонале и битките ги загубиле, ги славам победниците еднакво како и нивните жртви, слава им на очајниците што во зорт самите се убиле.  19 За природната глад овој ручок со месо е сервиран, еднакво за никаквецот и праведникот, сите ги честам; не сакам никој да биде запоставен и да се нервира, канам држанка, готован, апаш, роб со уста таралеста. Еднаков ќе биде мојот третман за венерични и чисти, за рака бархетна, за коса смрдлива, за ќопавиот крак. Бакнеж со тебе е ова, копнежлив мрмор да сме исти, грижливиот мој зарон во себе и мој излез надвор пак.   Се сомневаш дека во сето ова имам скриени намери? Ги има дождот априлски, и карпестиот лискун блескав. Може се чудиш и мислиш, има многу да ми се замери, но зар не е чудо зората и страчката што лудо вреска?  Дали од нив повеќе јас те зачудувам? Дали те лажам? Јас секому не се исповедам ама тебе сй ќе ти кажам. 20 Кој тука минува гол и груб и копнеж таинствен носи? Како тоа, од месото што го јадам црпам сила свежа?  И што е воопшто човекот, и што сум јас, и ти што си? На она што го проповедам постави му противтежа, твое сопствено, за како денгуба да не те обележат. Не цимолам ко некои што болникаво имаат цимолено, дека тлото е ѓубре и кал а месеците празнина за грев. Нека цимолат моите братучеди од четвртото колено, по дома и надвор јас шапката си ја носам по мој ќеф. Зошто да молам и да се клањам според церемонија, ил` стиховите мои да ги римувам и редам под ѓонија? Та, јас риев и пребарував слоеви на земјината кора, пред доктори-научници покажував соодветен восхит, дур до влакно сй проучив и еве кажувам што морам: не најдов подобар џемпер од салото врз моите коски. Во сите луѓе се гледам себе и никој не ме надвишува, доброто или злото што е мое и ним им го припишувам. Здрав сум, реат вселенски појави и во мене се сечат, да ги разгатнувам и тајните нивни вам да ви ги речам. Знам, бесмртен сум и знам дека тесарскиот шестар мене не ќе може да ме опчекори од дното до врвот, знам дека нема да минам без почести и први места оти не сум детски круг нацртан со недогорено дрво. Знам, величествен сум и јас својот дух не го мачам да биде јасен и да се правда оти високо ќе се качам, впрочем, гледам дека елементарните закони молчат, не се извинуваат дур во аванот без милост нй толчат, (и вкрај, ценам дека со повеќе гордост не се сладам одошто либелата безмилосна со која куќата ја градам.) Постојам каков што сум и тоа е доволно за мојот мир, дал`некој ме забележува ил`не мене исто ми се фаќа. Еден свет ме забележува, и тој е важен за мојот пир - тој свет сум јас самиот и на останатите порака праќам: дали денес или по милион години да моето ќе стигнам, му се радувам сега но и радо цела вечност ќе дремам, мојот потпор е цврсто стегнат, на гранит-камен дигнат, врз пространството на времето е и знам, распад нема. 21 На Телото и Душата сум поет, во мене сй сум собрал, со блаженства рајски и болки пеколни се занимавам,  првите ги множам, ги претворам во племенити добра, а вторите со разбирлив јазик, подносливи ги правам. Јас за жената исто колку и за мажот создавам бајка, и им велам: величие е да си прав маж и жена права, и нема ништо поголемо од тоа на луѓето да си мајка. Јас пеам песна за тоа ширење ил`за гордоста наша, ние доволно коленичевме барајќи ја туѓата милост, а на оној што не му е јасно и за одговор ме прашал,  му велам: развојот е наша награда, наше крвно било. Да не си Претседател та на други им делиш прекори? Ситница е тоа, други те надминале и напред врват. Јас сум оној што во нежна и растечка ноќ зачекори, ги викам копното и морето за со мене да се стрват. Стисни се до мене, о, ти нежна ноќ со градите голи, ти си ноќ на јужни ветрови и на ретки големи ѕвезди, ти доилка си и магнет трепетен, твојта голотија боли, насмеј се сладострасна земјо дур врз ноќта ездиш! Земјо на стебла расточени што во пазуви ти дремат! Земјо, твојте врвови на зајдисонце магично блештат! Земјо, од исцедок на месечева мена поубаво нема! Земјо, од сјајот и мракот во речната плима е фешта! Земјо, со јаболков цвет и лакти кои надалеку грабат! Земјо, сивите облаци засјајуваат и светат зарад мене! Земјо, насмеј се, доаѓа твојот љубовник и не е лабав, ти љубов ми подари и затоа мојта љубов ќе те крене! 22 Ти море! Твоите прсти поканувачки нема да сопрат, насетувам, нема да се повлечеш без да ме допрат, се соблекувам и се предавам на твоите смерници, да се тркаламе, свиткај ме во твојте меки перници, дремката на брановите да ми биде постела слатка, далеку од погледи нека плови твојот лулачки сплав, облиј ме со љубовна лигавост и ќе стокмам вратка, на подарок ќе ти се дадам цел, со напон дигноглав. О, море, со тантели од земјани набори ти се красиш, со виежни бури како светска нарикача ти се гласиш, пресол на животот си, дишиш со најголеми дробови, ни нудиш неископани ама секогаш спремни гробови, иако си хировито и разгалено, во тебе ќе се слијам, иако само миг сум, сето време во него ќе го збијам, прилив и одлив сум и злоба и прошка нема да кријам, славам пријателки и пријатели што прегрнати спијат. Јас сум чесен попишувач што сочувство навестува, во пописот на сй куќата што го содржи ја сместувам. Не сум исклучиво поет на добрината ами и на злото, оно ме движи напред но и поправањето ми е мото, ладен сум, мојот од не е дипла критизерски чекори, не сум корав судија што наоколу дели само прекори, ама не сум ни празнозборен моралистички пророк што стално потпалува дискусии за доблест и порок, јас ги разгледувам нештата како домаќин спастрен кој му ги топи корењата на сй што никнало и расте. Ве страв ли од гушавоста на неуморната плодност? Да не мислите небесните закони да ги поправате? Сметам дека двете страни се во рамнотежен однос, не треба ни на мека ни на тврда ука фора да давате  зашто, мислите и делата наши предвреме се перчат - соковите што ги хранат од дамнешните извори течат. И не е чудно што јунакот денешен од минатото црпи, едино е чудо како земјава подлеци и неверници трпи. 23 Во бесконечното откривање на пароли на вековите, со мојата “во масите“ на јадот му ги кршам оковите. Тоа е парола на верата што никогаш не те залажува, сега или подоцна, сеедно ми е, ич не ме натажува, јас Времето безусловно и помирливо го уважувам, тоа недофатно загадочно чудо не знае да кокетира, едино оно е без цепки, сй заокружува, комплетира. Стварноста ја прифаќам без сомнеж или теснотија, во просторот материјализмот продира со леснотија, да живее експериментот! за позитивната наука, Ура!  измешајте жедник, кедар и јоргован во нова култура! еве учен хемичар, еве за стари хиероглифи вештак, еве математичар, еве виртуоз со скалпел и клешта, еве храбар морепловец чиј брод морињата ги ора, еве геолог што го открил папокот на земјината кора. Господа, почести за вас, знаме на највисокиот кран,   вашата фактографија е корисна ама не е мој стан, преку неа сал минам за до него лесно да стигнам, колку помалку моите зборој до јаснотија ги дигнам, толку повеќе наликуваат на неизговорливиот живот, на излез од препреките без оглед на право и криво, и ни малку не се однесуваат на штири и кастрати туку на храбрите мажи и жени со сите салтанати, против лошата власт они во гонгот за буна бијат, помагаат на бегалци и завереници што се кријат. 24 Јас сум Волт Витман, космос а син на Манхетен, палав, страсник, ладнокрвен, со апетит огромен, не се двојам од луѓето ама не сум им ни штетен, и фалбаџија не сум повеќе одошто сум скромен.  Отшрафете ги бравите а и вратите од тие рамки! Бидејќи јас луѓето ги сакам како да се мои браќа оној што човек понижува и врз мене фрла дамки, и што и да се стори или каже, мене ми се враќа.  Преку мене музата оперира, струја сум и попис, лозинка кажувам, на демократијата давам опис.10 Жими Бога, нејќам предност туку сметки чисти, примам само ако и другите имале услови исти.  Преку мене оживуваат многу занемени гласови на безбројни поколенија робови и затвореници, на крадци, измамници, луѓе во смртните часови, гласови на џуџиња, предавници и преродбеници, гласови на бројни циклуси на подготовка и раст, на нишките што спојувале ѕвезди и матки и затки, глас на правото угнетениот да урне лоша власт,    гласови на сакати, досадни, глупи, гадни и слатки,20 глас на магла и на патник што во неа наслепо талка, глас на бумбар што херкуловски топче измет валка. Допуштам преку мене и забранети гласови да ечат, оние на половата страст моите зборови ќе ги речат, и сите други матежни јас ги бистрам и преобликувам, не покривам уста пред ништо туку јасно отсликувам, мислам дека утробата е исто вредна како и главата, еднакво со смртта и спарувањето си ја има славата, верувам во плотта и во страста ако не се во блудот, видот, слухот, допирот - целото тело за мене е чудо.30 Божествен сум  во душа и тело, со допир осветувам, она кое мене и со сенка ќе ме допре станува свето, мирисот на пазувите на најслатка молитва потсетува, главава надвишува цркви и било кој библиски метод. Она што јас го обожувам мора од моето тело да иде, а мојот целосен и провиден калап ти треба да бидеш!  Сеновит видиковец за одмор треба да бидете вие! Цврст и продорен да е плугот со кој мажот ќе рие! Сето она што ме преорува во секој од вас се крие! Крв скапоцена и матица млечна сте на моево тело,40 од вас извира сиот мој живот, моето поетско дело, прегратката со вас ме брани да не останам прелог. Мој мозок треба да бидат вашите мистични свивки! Корен на слатката трева и на шлуката чекори тивки! Добро прикриено гнездо со две јајца што ги квачат! Бушаво сено на глава, сокот што јаворите го лачат! Свиленкастата коса на цврсто мажествено клавче! Сонце чиј одраз плеска в лице од готварско тавче! Поточиња пот и роса, ветрови што сладосно вијат  дур скокотливите срамни органи од мене ги тријат!50 Вие мора да бидете полињата со мускулесто жито, гранки на даб зелен под кој вљубен денгуба квакнал, животот што се иссеал од мртовецот како од сито, раце што сум ги зграбил, лицето што сум го бакнал. Јас сум скапоцено множество и залудено се љубам, ме потресува до солзна радост секој миг и настан, во мракоум за мојот од и моите желби јас се губам, не знам ни зошто од пријателства духовно растам. И така јас наведнат, горе-долу шетам па застанувам, и си мислам: верно ли е ова или јас само бранувам,60 но глетката низ прозорецот, како сонцето глава дига, ме уверува подобро од било која метафизичка книга. Огромните прозрачни сенки светлото лакомо ги јаде, воздухот е многу течен па и јас го голтам како гладен.   Светот е раздвижен и невино накосо рипка како јаре, молкум нараснува, наново се поти како маж во харем. Мориња од светол сок го поплавуват небото со зраци, нешто што не го распознавам исправа похотни краци. Земјата в небо се впила во мазен чин на дневен спој а истокот мене предизвикувачко прашање ми подари,70 боцкање облечено во костумче со потсмешлив крој: “Дали батката Витман во поезијата ќе загосподари?“ 25 Од страотно блескавиот изгрев јас брзо би пропаднал да не се извештив секогаш со грбот да му се свртам. О, душо моја, сй што е наше во зората ми се допадна, за навек во нас нејната тишина и ладовина се вцрта. Она што очите не го дофаќаат, го словува мојот глас, томови светови со еден свив на јазикот опфаќам јас. Говорот е близнак на видот а самиот нема мера права, и тој, предизвикувајќи ме, постојано зајадливо грака: “Волт има содржина но скржав е и од себе не ја дава!“ Говору, вистина е дека зборот не е танталова мака, но ти се перчиш ко од тебе нештата да се створени, зар забораваш дека под тебе пупките се затворени? Чекаат в темнина, заштитени од мразните штикови,  гнасотијата оретчува пред моите пророчки крикови, ги подредувам причините и на дното тие ќе лежат, за со моето знаење и состојките на мојата мрежа да се поклопуваат и бидат во конечна рамнотежа, како Среќа скриена во ловиштето на мојата душа за секој оној што било кога зборот мој ќе го слуша. Но, што точно јас навистина сум не ви кажувам мојта конечна вредност не сакам да ја сервирам, опфаќајќи светови, и најситното го истражувам, но одбегнувам самиот себе си да се дефинирам, еден мој поглед вашата залижаност ја елиминира. Само писмото и зборовите не се мојата маскота, на лицето носам и други нешта, јас сум полнота, моите занемени усни сомничавиот ќе го скротат.
**********
Целата книга ја има на овој линк: http://www2.hn.psu.edu/faculty/jmanis/whitman/leaves-of-grass6x9.pdf
 
Категория: Поезия
Прочетен: 1151 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 24.09.2014 11:19
Ова е мој препев на строфите 6-15 од “Песна за мене“ од американскиот писател Волт Витман.
Оригиналот
тука

6
Дете праша “Што е тоа трева?“ Каков одговор да дадеш? Нагаѓам дека тоа мора да е знамето на мојата склоност, исткаено од зелените клопчиња на неисцрпливата надеж, или шамивче Божјо, намерно испуштено далеку од тронот, да го најдеш и сознаеш дека Неговите денови ги крадеш.    Нагаѓам дека тревата и самата е дете на вегетацијата. Нагаѓам дека она е еднозначен хиероглиф што кажува: “Никнувам и растам насекаде врз земјата на нацијата, меѓу белците и црнците, и богати и сиромаси уважувам, и кога се дарувам и кога ги примам, исто сум загрижена.“ А мислам дека она е на гробовите коса непотстрижена. Трево, ќе го пипкам секое твое ливче кадраво устроено, ти можеби никнуваш од градите на некој млад човек, може да си од некој старец или доенче рано упокоено па ти сега си му мајчина прегратка што го топли довек. Оваа трева е претемна за да е од старици белокоси, цврста и темна е како да доаѓа од непце бледоцрвено. Вкрај, гледам толку речити јазици, секој тајна си носи, сакам да го одгатнам значењето навек во нив здрвено. Сите мртви, млади и стари, негде живеат и се здрави, најмалата тревка докажува дека всушност смрт нема, а и кога би постоела, за нови животи патеки таа прави, и штом тие ќе се појават, таа се одмора во таа шема. Сй оди понатаму, на видело, и ништо живо не пропаѓа, умирањето е посреќно од она што нам не ни се допаѓа. 7 Има ли некој што мисли дека среќно е што се родил? Е па исто така среќно е и да се умре, го знам тоа јас. Умирачките и смртта ги надминувам со вакви згоди: бебе родено бањаат а оно се развикало на цел глас; јас не сум само телото меѓу шапката и моите чизми, јас сум ум што истражува и разни нешта споредува разнообразни предмети низ добро брусени призми, од земјата до ѕвездениот рој што не се догледува. Не сум земја ами другар на луѓето што не се свесни дека се бесмртни и неразгатливи - како моите песни. Секој сој е свој, за мене - мојот машко-женски свет во кој се оние момци што со жените сакале помин, горд човек што сетил бодеж кога си понижен и клет, оние силни мајки и баби, вереници па и стари моми, оние усни кои се смешкале и очи што ронеле солзи, родител на дете готов за неговата среќа и да ползи. Соголете се! За мене вие не сте напуштената скрка, неуморно сум околу вас и никој не може да ме брка. 8 Малечко в лулка спие, јас бркам муви што се стрват. Момчак и две девојки кон грмушките на ридот врват,  јас од одозгора ѕиркам и лигавам како хиена гладна. Во спална соба спружен труп на самоубиец, крвав, со коса усирена, а јас гледам каде пиштолот паднал. Калдрмата офка под тркалата и чизмите што ја газат, ѕвечат потковани коњски копита, клопоти омнибусот, бодрења на милиот водач со “Напред, нема назад!“, бес на толпа што на животот му го загубила вкусот, носилка во која под завеси в болница некого носат, средба на непријатели, пцости, тупаници, крв и пад, дебели прејадени господа, толпа гладни што просат, груб полицаец како симбол на немоќта на овој град; излижаните камења ја впиваат и повраќаат таа врева од каллив и клокотен говор што постојано ги глода; апсења, навреди, прелаги, присилби, кркор на црева, немоќ на трудни жени што брзаат дома за да родат - јас ги следам тие слики или нивното ехо - и си одам. 9 Големата врата на селската плевна е отворена и спремна, на бавна запрега ја товарат жетвата од исушената трева, конци светлина се ткајат на потка начас зелена, час темна, заграбите се пластат на стогот што полека угоре се крева.  Јас сум качен врз него, притискач сум за стабилна целина, и легнат, со неговите затресувања тој ваму-таму ме носи, скокам газ преку глава, фаќам мачкини опашки, детелина, нивните опојни перчиња ги испреплетувам со моите коси.    10 Се чувствувам лефтерно, весело, целосно исполнето, додека сам во далечна планинска дивина ловејќи акам, а приквечер, за ноќевањето си барам место засолнето, палам оган, печам од уловот, долго тегавото го џвакам, а потоа заспивам со кучето крај мене и пушката в рака. Брзиот брод со едра напнати сече водни искри и пена, јас над водата се веднам, рипам и викам како во борба, повикот на бродарите и школкарите одрано ме крена, со нив убаво си поминав, фалеше само уште сирена - требаше и вие да бидете таму, да вкусите рибја чорба. Еден стапичар со девојка црвенокожа се венчаваше,  роднините крснозе седеа, кружеше лулето со тревка, младоженецот, облечен во кожа, гордо се исправаше, среќен шеташе по брегот држејќи ја невестата кревка, убава, со долги трепки, гологлава, со водопад од коси кој врз нејзините сладострастни колкови се подаваше за конечно да ги допре трепетно нејните стапала боси. Избеганиот роб дојде и седна на ќутук во мојот двор, го видов откај кујната, му пријдов со смирувачки збор, дома го прибрав, за бањата цела крбла вода згреав, телото измачено да го ослободи од несносната реа, и соба му дадов до мојата, и облека стара но чиста, беше збунет а среќен што наишол во мојот пристан, вратот, рачните и ножните зглобови му беа со рани му мачкав мелем, цела седмица спремав јаки храни, зацели и заличи на човек таа ропска душа измачена а ни еден од нас не помисли од другиот да се брани иако мојата пушка стално и на дофат беше закачена. 11 Дваесет и осум младичи на океанскиот брег се капат, дваесет и осум младичи ко карпа цврсти, со крв вруќа! Дваесет и осум години таа жена со осаменост ја апат, таму, на вишинката од брегот, во нејзината празна куќа! Прекрасна, леко облечена зад прозорската ролетна, таа ѕирка долу и дума кое момче е најдобро набиено? Та и најобичниот младич за неа е аполонски светнат! И, дури нејзиното копнежно тело во собата е скриено, јавната на својата желба, таа право кон водата летна! Таа стана дваесет и деветтиот капач, во танц и смеа, ги надлета сите а никој не ја виде но сите се запотија, од набрекнатите тела се развеваше копнежната реа и младичите со нејзината желба магично се сплотија.  Легнати на грб, невидливата рака ги милува тие тела, од главите и пазувите до мевовите набрекнати доле, не знаат тие кој ги зграбил и ги запотува нивните чела, не знаат кој забревтан ги јава со сладострасен полет, не знаат кого ќе испрскаат со млазот од пената бела.   12 Јас зјапачки по пазарот скитам да му го осетам вкусот, и гледам, месарскиот чирак ја соблекува крвавата фута, или вешто си го остри ножот завлекувајќи го на брусот,  или брзо и досетливо одвраќа на некоја забелешка лута. Понатаму, на камен праг наросен со пепел застанувам, жар од огништето со жештина воздухот го разбранува, до наковалната се ковачите со градите рунтави и чадни, секој си има свој токмак и нивните движења се складни, тие мускулести раце се издигаат над свивливиот струк,  меко, танцовито, ги препуштаат мавањата еден на друг, и на кованицата, полека, сигурно, сите се редат  во круг.  13 Од каменоломот излегува коњска четворна теретна кола, на неа под врзаниот синџир колебливо грамада се клати, но црнецот-возач со уздите убедливо одржува контрола, стои висок и стамен, на крстот на рудата потпора фатил, откроената кошула го истакнува неговиот мускулест врат, со поглед мирен, тој е заповедникот на овој тегобен пат, симнува капа, кадравата коса ги впива сончевите зраци, они блескаат на црнината на неговите совршени краци.  Го сакам тој сликовит и набрекнат џин, тука не останувам, се качувам на колата, лошиот пат обајцата ќе не бранува. Каде и да отидам, јас животот го љубам на сите страни, не пропуштам ништо, сите слики во песнава се збрани. Волови, во сенка додека одморате во заслужен почин, или додека спрегнати во јарем синџири тресете диво, која таинствена вистина ми ја изразуваат вашите очи? Чинам, повредна е од сй што прочитав во мојот живот! Талкајќи в шума, моите чекори патор и патка исплашија, они со протестни крици летнаа и заедно околу кружат, верувам дека ќе можат дупка во душава да ми зашијат, црвеното, жолтото, белото, мене спокој ќе ми пружат, со намера постојат кикиришки и зелена и лилава зелка, и не е безвредна оти не е нешто друго бавната желка, не учела солфеж страчката но ѝ ја признавам славата, погледот врз кобила ми ги брка глупостите од главата. 14 Дивиот гусок го води својто јато што во ладна ноќ лета, ја-хунк, се огласува тој, се чини како и мене да ме кани, може некој сезнајко тоа за бесцелен крик да го смета но јас знам, на небото зимско крикот од лутање брани. Мачка на прагот, острокопитест лос в санка впрегнат,  прериско куче, мисирки и барски птици што се ведат,  гровтање на маторица дур прасињата боски ѝ тегнат - знам дека во нив и во мене ист стар закон се гледа. Сто последици предизвикува секој мој тежок чекор, расказите за нив - ми се смеат со подбивен прекор! Вљубен сум во живот вонка, долж отворен простор, со вкус на океан или шума, во луѓе стока што чуваат, кормилари и градители, мајстори на чукот и лостот - би бил со кочијаши и со недели ветришта да дуваат.  Јас сум изданок од најобичното и најефтино племе, трагам по огромни добивки и сй што имам арчам, му се придружувам на првиот што радо ќе ме земе, не барам небото да клекне за на него да се качам, под него дарежливо го сеам моето духовно семе. 15 На галеријата со оргуљи, чист контраалт надига гради, столарот мазни штица, пишти јазикот на стругот негов, за денот благодарствен брзаат дома и стари и млади, цврстиот пилот вешто води брод да не удри во брегот, во китоловецот, харпунот е остар, кормиларот спремен, ловецот на патки час тихо поодува час втренчен демне, крај олтарот, ѓаконите со раце вкрстени на ред служат, за конци да нададе, кон чекркот предачка раце пружа, на празник, надгледувајќи посеви ратарите се дружат, за улавиот нема лек, врзан го носат во лудница да вие,10 како во лулката на мајка си никогаш веќе нема да спие.  Словослагар сед, со лице испиено, залак тутун џвака, дур мижаво чита и букви подредува со трепетна рака. Несреќник со нозе здробени, врзан на хуруршка маса, му сечат и фрлаат во корпа, (за пците ручок прва класа). Девојка, сал четврт-црна, продаваат на пазарска бина, пијаничишта до кафеанската печка полузаспани слинат, машиновозач ракави засукува, полицаец е во патрола, портирот во тефтер бележи луѓе што низ врата минат, момок што не го знам ама го сакам, бали вози во кола. 20   Да учествува во трка, мелез ги пристега чевлите лесни, за ловот на мисирки и старо и младо се собрало тука, едни се потпрени на пушките, други седнати пеат песни, од толпата, на линија излегува стрелец, нишани и пука. Групи дојдени имигранти со власта се во првата врска, црнци со мотики под стража окопуваат шеќерна трска, труба на танц кани, господа кон госпоѓи со наклон одат дур младич на таван слуша музика од дождовната вода. На поточе во Хјурон што се влива, ловец стапици става, монистрени торби и мокасини Индијанка со попуст дава,30 зналец на уметност во изложбен салон вкус си негува дур по рампата толпата патници од параброд излегува, намотките од конец на рацете ги шири сестрата кротка а постарата јазли врзува и конецот во клопче го мотка, мажена жена закрепнува од породот на првото дете, американска девојка, убаво исчешлана, шие и плете, калдрмџија се потпира на својот дворачен набивач, фирмописец метални букви на месарницата забива, по бележникот репортеровиот молив забрзано лета, госпоѓа со слуга товарен со нејзината нова тоалета,40 морнар од брод за возење по каналот коноп тегне, со навосочен конец чевларот цврсто ѓон ќе стегне, диригент дава такт на својот бенд, свирачите следат, дете држат на крштевка, преобратеник се исповеда, бродски натпревар тече во заливот под лазур ведар, како балони ветрот ги надул добро стегнатите едра.   говедар своето стадо го пази, напати и му запејува, толпата на своите простачки досетки се засмејува, испотен патувачки трговец под тежок товар стенка, додека купувачот за мала разлика во цена се ценка,50 вереница својата свадбена облека истрајно ја пегла, мамурен наркоман ишка оса што во глава му влегла,  минутната стрелка на саатот со забавен чекор мрда, пијана проститутка шета по улица, исприштена и грда, мажите намигаат еден на друг и в лице ѝ се клештат (бедници! јас ја жалам, од несреќа не бидува фешта!).  Претседателот со секретарите држи седница на влада, рака под рака, на корзото шета дама со ќерката млада, посада на рибарски чамец истовара сандаци со риба, човек од Мисури ја брои стоката дури ветрот го шиба,60 кондуктер мине низ воз ѕвечкајќи со ситни пари в рака, тесар мести под, лимар кров, ѕидар мек малтер сака, држејќи ги чиниите работници во менза чекаат храна, годишни времиња се менуваат, од досада нй бранат,  празник четврти јули мноштво луѓе слави со викотници, од топови и поситни оружја ечат поздравни пукотници, годишните времиња се менуваат, орач ора, косач коси, плодови се збираат и сушат, житото во амбари се носи, зиме, на смрзнато езеро крај дупка, рибар демне штука, населеник големи ќутуци цепи, со чивии и секира ги чука,70 лаѓари на плоснати чамци во самрак крај шума се сидрат, по Црвената Река и Тенеси ловци ловат мечка или видра, против мракот на Арканзас луѓе со факли се вооружени, старешини навечер со синовите и внуците се опкружени, по дневниот лов, ловци во куќи и шатори ќе се скријат, живите свое време спијат, мртвите свое време спијат, старец со жена и младич со жена спијат, јас ги сонив, кон мене внатре идат а јас се буткам надвор кон нив, горедолу, јас сум како еден од нив, и жив и скаменет,     од секој од нив и од сите, си ја ткаам песната за мене.80
Категория: Поезия
Прочетен: 1098 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 10.09.2014 10:15
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 562595
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502