Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
Постинг
07.03.2011 10:48 - Бесмртна песна
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия   
Прочетен: 1639 Коментари: 0 Гласове:
0

Последна промяна: 07.03.2011 16:56


    Ова е мој препев на Бесмртната песна на великиот српски поет Мирослав Антиќ  (1932 – 1986)

 

Бесмртна песна
I
1
Ако ти јават: не сум веќе жив,
а сум ти бил личност драга,
тогаш тебе ќе те јавне тага
ќе те актиса ударот сив -
на трепки маглеста влага,
на усните пепелава трага.
Дали некогаш мисла ти дивее
што значи тоа да се живее?
2
Како снег во дланката топла
детските денови твои копнат.
Таги? Зар воопшто има таги?
Грижи? Зар од нив има траги?
Та, мечтата со цврсти скали зрачи
за храбро во младоста да се качиш.
Таму ќе те просее најубавото сито -
лукавото намигнувачко виножито!
3
И живеј! Живеј како ти да си сите!
Не грицкај си ги како глувче дните!
Лакомо џвакај го воздухот, нема спици,
престигнувај го ветерот и сите птици.
Бидејќи секоја вечност кратко ни трае,
ако нагло оклештен в огледало зјаеш
тоа е ко самиот пред себе да трчкаш
и затоа лицето гарант ќе ти се збрчка.
4
Одеднаш, глеј, зад агол некој ползат
дебначи што в око ти калемат солза.
На прсти стигнуваат неволјите диви,
годините губат боја, стануваат сиви.
Одеднаш, дур` в чекорот си внесен,
светот сй повеќе ти станува тесен
а насмевката од молк ти е здивена
и сй потивка, гувее искривена.
5
Затоа живеј, ама сосема, комплетно!
И јас така живеев и не беше штетно!
За само половина од еден век
столетија обиколив, сй на штрек!
Признавам, напати шекнат станав
зашто ме водеше опачната страна.
Ама никогаш не се трткав во место,
вечно одев, патот ми беше престол.
6
Биди мајстор на предачката сорта,
со позлатен конец од твојата аорта
сошиј ги местата што се просенати
оти од нив треперат чудења свенати.
И, како збогување и плашење диво,
никогаш не го замислувај овој живот,
туку будење дека е и почеток свечен
што ти го примаш со постојан пречек.
II
7
А тогаш, размисли веќе сериозно,
што значи тоа мртов да отидеш.
И каде човекот исчезнува грозно.
И кој е тој чиј засекогаш ќе бидеш.
На гробиштата немој да одиш.
Нема таму нешто да се сфати.
Гробиштата се панаѓурски згоди,
ко за тажен театар да си платил.
8
Кога го разигруваш својот немир
за и во безобличја да го слушнеш,
зар не е тоа ко да си се спремил
во нов слој на умот да се мушнеш?
Скришум да повлечеш едно резе
за преку нова дилема да влезеш
и во соседната иднина да зајдеш?
Ќе ти објаснам, ако таму ме најдеш.
9
Ако се одважиш на таа крачка
знаеш ли што ќе ти сторам?
Ќе ја расипам твојата играчка
што се вика болка и мтра.
Не те лажам, само измислувам пат
до она кое мора да е вистина стара,
само што сеуште не ти е на дофат
затоа што досега не си ја ни барал.
10
Запомни дека со додаток од мечта
стварноста пореално се разгорува.
По молкот познај ме, не по речта.
Вечниот нема потреба да зборува.
Да ја надмудриш мудроста и ти,
нека слушањето цари во тебе.
Големите одговори, иако скрити,
ќе ти се отвораат сами од себе.
11
Сфати и нека не ти биде криво
што по безброј летови и раѓања,
по дребнави умирања и паѓања,
тоа што си дишел па и не е живот.
Навистина, намини докај мене,
од светлоста да примиш допир,
во вечноста таа ќе те крене,
како мисла што ќе нема сопир.
12
И во најдалечната иднина се внушува
корен на нејзината иднина во часот
кога и таа самата во себе го заслушува
на својата сопствена иднина гласот.
И во светов празни светови нема.
Она, за кое не сме свесни е бездна,
не е непостоење како наша тема,
туку реално постоење ама без нас.
III
13
Ако ти јават: веќе ме нема
еве каква ќе видиш шема:
сто шарени рипки во мојте очи
ќе впловат за да најдат почин.
И земјата ко јатак ќе ме скрие
а пиреј корен во мене ќе свие.
И во таа доба јас ќе сетам
дека високо, високо летам.
14
А граници нема вишното небе,
битно е колку моментот има сила.
Ќе едрам во изгревите над тебе,
низ ветерот лизгав како свила.
Со убавината на крилја невидливи
обзорите ќе ти ги распретувам,
и скици на времиња предвидливи,
и глетки што иднината заплетува.
15
И нема тука што многу да се таи,
вистината надалеку веќе се чула:
сам на себе висам на златен каиш
ко нишало што во бескрај се лула.
Просторот е брзина на мојот разум
што се одвиткува станувајќи Нова.
Ќе лебдам во место и без казус,
во разбојот на времето ќе се сновам.
16
За споредното – одмор ќе си земам,
како галактичките јата после саем,
што сраснале со пулсирачка шема,
која во пазувите, скокотлива им трае.
За споредното – одмор ќе си терам,
како огромните шуми што дрочат,
сраснати со гранките од иста вера,
во густи прегратки ко зелена плоча.
17
За споредното – ќе си одморам уста,
ко огромните птици над подот зелен,
чии крилја сраснале во преѓа густа
и со неа на небото ќулавка му сплеле.
За споредното – одмори ми следуваат,
како на огромните љубови од бајки,
што сраснале со усните и медуваат,
уште кога и немале копнежни мајки.
18
Коленото мое, мојата рака,
главата моја – зар ќе сака
да биде во некое утре
за потсмев и пеза
корен на бреза
и дувло на слепо кутре?
Дека некоја мала тајна и трепетлив страв,
може да станат тишина, темнина и прав?
19
Знаеш, навистина од ѕвездите слетав,
од светлина целиот сум слиен.
Ништо во мене нема да претрпи штета,
да се угаси ниту да се скрие.
Само што, обично во случајна зора,
на своето далечно сонце што ме чека,
да ги вратам моите златни очи мора,
зашто утеха сум негова и негов лекар.
20
За сй што помислувам следи казна
а камоли пак за она што го правам,
за нежноста дека не остана празна,
главна осомничена е мојата глава.
А и пресуда правосилна ме стаса
зашто постапувам поинаку и диво;
никогаш љубов со омраза не гасам
а и на мртвото му признавам живот.
21
Порти има на рабовите на бескрајното
и побескрајното започнува со нив.
Кој умее да трае повеќе од потрајното,
за кратки знаења не ни сонил.
Прашањето: како да се преживее
не давај никогаш да те измачува;
едино е важно да се научи и умее
после сите умирања да се зачуваш.
IV
22
Ако ти јават: сум умрел, не се грижи,
секое столетие случај дари
кога некој настојува да ме зближи
со луѓето уморни и стари.
Никаде толку луѓе и чудна прилика
во еден човек да блештат.
Никаде толку поинаквото не блика
како во еднаквите нешта.
23
Ако на просторот му расчепкаш рамења,
ќе ме ископаш како темел на ветерот.
Ме има во водата, во мовлестите камења,
и во секој самрак и зора јас сум етерот.
Како човек, да се биде повеќекратен,
не значи дека ќе се расчовечуваш.
Јас на сенешто сум делител златен
а токму тоа пропаста ја спречува.
24
А тие чудесни состојби се сите
мои обновувања за да нема молк,
и не се друго туку само вител,
шмукач едноличен, упорен и долг.
Пророштвата дали знаеш што се?
Калапи на поранешна сторија дива
и задуф на истоста, мачно носен,
што себе самиот во круг се свива.
25
Па зошто со збогувања да се фалиме?
Има ли нешто вредно за да жалиме?
Дека сум умрел, ако сигурно ти јават,
ти знаеш – не умеам тоа да го правам!
Љубовта, за која целиот живот пишував,
единствениот воздух е што го вдишував.
А мирот наш насмевката едино го пази,
на светов единствениот разбирлив јазик.
26
На оваа земја толку талкам
да ти намигнувам вешто,
по мене смеа да се валка
и од мене да остане нешто.
И затоа толку многу сакам
и толку ти бркам јад и тага
да ме имаш, но не ко мака
туку како будалетинка драга.
27
А кога наспроти денот сив
погледот по небо ти шета
притаено скроти си здив
зашто и покрај веста клета
штом видиш некоја комета
намигни щ со кикот див -
јас сеуште ќе бидам жив
и во неа по небо ќе летам.
—————-
Оригиналот на песната ТУКА



Тагове:   miroslav anti263,   besmrtna pesma,   prepev,   makedonski,


Гласувай:
0


Вълнообразно


Следващ постинг
Предишен постинг

Няма коментари
Вашето мнение
За да оставите коментар, моля влезте с вашето потребителско име и парола.
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 563631
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502