Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
Постинг
11.03.2012 12:26 - Критика за делото
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия   
Прочетен: 487 Коментари: 0 Гласове:
0



Дали од буника салата замезија
оние кои произведуваат поезија?
(Димче од с.Црквино, Велес) *
Во време кога поголемиот дел од луѓето секојдневно се борат да обезбедат средства за опстанок на своите семејства, поривот човек секоја година на сопствен трошок да објавува по една збирка поезија може кај многумина да предизвика асоцијации со изреката на велешкиот поет Димче.
А работата е проста: оној кој се чувствува како поет, живее во светов како обичен човек ама има хоби, за сопствена забава на разни теми да се осврне со стихови кои, преку книга, им ги нуди на другите луѓе со надеж дека барем едно од глуварчињата на неговата самобендисаност кај некој читател ќе пушти корен за восхит кон поетовата способност обичните нешта да ги кажува римувано или неримувано но метафорично, а во најдобриот случај, обете едновремено.
Иако љубезноста и пофалбите ништо не го чинат оној кој ги дава, сепак, ако си замислиме дека една поетска збирка е ѓум млеко кое авторот ни го нуди за откуп, должни сме како добри домаќини да направиме анализа пред да платиме дури и со нашите безвредни пофалби. Анализата ќе ни каже дали млекото во ѓумот има механичка нечистотија, има ли неугодни мириси или горчлив вкус и колкав е процентот на маста во него – сето тоа за да знаеме дали од него кајмак ќе излезе, дали е за сирење или сето директно за урда да го цвикосаме.
Ако општоприфатено е дека метафората е кајмакот од поезијата, тогаш, гледано според `млечната методологија`, најновата поетска збирка на Митре Р. Николов “Со отворени зборови“, нема да ве подлаже да се мачите со центрифугирање за кајмак од неа да вадите. Иако нема механичка нечистотија а нема ни неугодни мириси, од оваа поезија се гледа дека кравата на Митревата инспирација пасела водлести треви а тој не се помачил да ја нахрани со висококалорична крма збогатена со мултивитаминските поетски мирудии. Но, со малку трпеливост и увривање, Митревото поетско млеко може да го прифатите како годно за малкумаслено сирење.
Темите на триесетина песни од оваа збирка се во рамката која тој ја искова во своите осум збирки поезија.
Првин, тоа се критички осврти на разни социјални појави предизвикани во нашето општество од речиси неминливата транзиција: изборни ветувања, лаги, меѓусебни партиски препукувања ( на пример, песните од групите “Со отворени зборови“ и “Заговор за времето“,“Јавна тајна е“ “Партали“).
Втора тема која Митре интригантно ја обработил е поетската фела, поетите во нивното меѓусебно (не)вреднување, со јасни алузии дека негативните тенденции од политичката сфера фатиле корен и во невиноста и нежноста на поетскиот домен (на пример, песните “Нека ви текне“, “Не ми е криво“, “Патот на зборот“, “Комисија“, “Не лутете се“).
Трета тема што Митре ја зафатил е љубовта кон жената, но само како рефлексија на спомените од младоста (на пример, песните “Незаборав“, “Пак дојде“, “Заедно на воз“, “Три столба“).
Четврта тема која Митре со голема љубов ја изразил е неговата приврзаност кон татковината Македонија, посветувајќи ѝ ги песните “ Во Македонија дојди“ и “За виното“).
Во поглед на поетската техника, за пофалба е Митревиот манир песните да се презентираат како шекспиријански сонет во кој е запазен речиси совршен римослед. И на другите, подолгите стиховни форми, поетот се потрудил да им обезбеди прифатливо римување.
На крајот, ако се навратиме на почетната метафора со млекото, може да се рече дека Митре своите млечни заби веќе ги заменил со трајни и со нив смело гриза од киселото јаболко на поезијата кое веќе илјадници години толкумина во светот го глодаат а тоа никако да се потроши.  



Гласувай:
0


Вълнообразно


Следващ постинг
Предишен постинг

Няма коментари
Вашето мнение
За да оставите коментар, моля влезте с вашето потребителско име и парола.
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 567009
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502