Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
Постинг
09.09.2014 19:50 - Волт Витман Песна за мене 6-15
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия   
Прочетен: 1099 Коментари: 0 Гласове:
0

Последна промяна: 10.09.2014 10:15


Ова е мој препев на строфите 6-15 од “Песна за мене“ од американскиот писател Волт Витман.
Оригиналот
тука

6
Дете праша “Што е тоа трева?“ Каков одговор да дадеш? Нагаѓам дека тоа мора да е знамето на мојата склоност, исткаено од зелените клопчиња на неисцрпливата надеж, или шамивче Божјо, намерно испуштено далеку од тронот, да го најдеш и сознаеш дека Неговите денови ги крадеш.    Нагаѓам дека тревата и самата е дете на вегетацијата. Нагаѓам дека она е еднозначен хиероглиф што кажува: “Никнувам и растам насекаде врз земјата на нацијата, меѓу белците и црнците, и богати и сиромаси уважувам, и кога се дарувам и кога ги примам, исто сум загрижена.“ А мислам дека она е на гробовите коса непотстрижена. Трево, ќе го пипкам секое твое ливче кадраво устроено, ти можеби никнуваш од градите на некој млад човек, може да си од некој старец или доенче рано упокоено па ти сега си му мајчина прегратка што го топли довек. Оваа трева е претемна за да е од старици белокоси, цврста и темна е како да доаѓа од непце бледоцрвено. Вкрај, гледам толку речити јазици, секој тајна си носи, сакам да го одгатнам значењето навек во нив здрвено. Сите мртви, млади и стари, негде живеат и се здрави, најмалата тревка докажува дека всушност смрт нема, а и кога би постоела, за нови животи патеки таа прави, и штом тие ќе се појават, таа се одмора во таа шема. Сй оди понатаму, на видело, и ништо живо не пропаѓа, умирањето е посреќно од она што нам не ни се допаѓа. 7 Има ли некој што мисли дека среќно е што се родил? Е па исто така среќно е и да се умре, го знам тоа јас. Умирачките и смртта ги надминувам со вакви згоди: бебе родено бањаат а оно се развикало на цел глас; јас не сум само телото меѓу шапката и моите чизми, јас сум ум што истражува и разни нешта споредува разнообразни предмети низ добро брусени призми, од земјата до ѕвездениот рој што не се догледува. Не сум земја ами другар на луѓето што не се свесни дека се бесмртни и неразгатливи - како моите песни. Секој сој е свој, за мене - мојот машко-женски свет во кој се оние момци што со жените сакале помин, горд човек што сетил бодеж кога си понижен и клет, оние силни мајки и баби, вереници па и стари моми, оние усни кои се смешкале и очи што ронеле солзи, родител на дете готов за неговата среќа и да ползи. Соголете се! За мене вие не сте напуштената скрка, неуморно сум околу вас и никој не може да ме брка. 8 Малечко в лулка спие, јас бркам муви што се стрват. Момчак и две девојки кон грмушките на ридот врват,  јас од одозгора ѕиркам и лигавам како хиена гладна. Во спална соба спружен труп на самоубиец, крвав, со коса усирена, а јас гледам каде пиштолот паднал. Калдрмата офка под тркалата и чизмите што ја газат, ѕвечат потковани коњски копита, клопоти омнибусот, бодрења на милиот водач со “Напред, нема назад!“, бес на толпа што на животот му го загубила вкусот, носилка во која под завеси в болница некого носат, средба на непријатели, пцости, тупаници, крв и пад, дебели прејадени господа, толпа гладни што просат, груб полицаец како симбол на немоќта на овој град; излижаните камења ја впиваат и повраќаат таа врева од каллив и клокотен говор што постојано ги глода; апсења, навреди, прелаги, присилби, кркор на црева, немоќ на трудни жени што брзаат дома за да родат - јас ги следам тие слики или нивното ехо - и си одам. 9 Големата врата на селската плевна е отворена и спремна, на бавна запрега ја товарат жетвата од исушената трева, конци светлина се ткајат на потка начас зелена, час темна, заграбите се пластат на стогот што полека угоре се крева.  Јас сум качен врз него, притискач сум за стабилна целина, и легнат, со неговите затресувања тој ваму-таму ме носи, скокам газ преку глава, фаќам мачкини опашки, детелина, нивните опојни перчиња ги испреплетувам со моите коси.    10 Се чувствувам лефтерно, весело, целосно исполнето, додека сам во далечна планинска дивина ловејќи акам, а приквечер, за ноќевањето си барам место засолнето, палам оган, печам од уловот, долго тегавото го џвакам, а потоа заспивам со кучето крај мене и пушката в рака. Брзиот брод со едра напнати сече водни искри и пена, јас над водата се веднам, рипам и викам како во борба, повикот на бродарите и школкарите одрано ме крена, со нив убаво си поминав, фалеше само уште сирена - требаше и вие да бидете таму, да вкусите рибја чорба. Еден стапичар со девојка црвенокожа се венчаваше,  роднините крснозе седеа, кружеше лулето со тревка, младоженецот, облечен во кожа, гордо се исправаше, среќен шеташе по брегот држејќи ја невестата кревка, убава, со долги трепки, гологлава, со водопад од коси кој врз нејзините сладострастни колкови се подаваше за конечно да ги допре трепетно нејните стапала боси. Избеганиот роб дојде и седна на ќутук во мојот двор, го видов откај кујната, му пријдов со смирувачки збор, дома го прибрав, за бањата цела крбла вода згреав, телото измачено да го ослободи од несносната реа, и соба му дадов до мојата, и облека стара но чиста, беше збунет а среќен што наишол во мојот пристан, вратот, рачните и ножните зглобови му беа со рани му мачкав мелем, цела седмица спремав јаки храни, зацели и заличи на човек таа ропска душа измачена а ни еден од нас не помисли од другиот да се брани иако мојата пушка стално и на дофат беше закачена. 11 Дваесет и осум младичи на океанскиот брег се капат, дваесет и осум младичи ко карпа цврсти, со крв вруќа! Дваесет и осум години таа жена со осаменост ја апат, таму, на вишинката од брегот, во нејзината празна куќа! Прекрасна, леко облечена зад прозорската ролетна, таа ѕирка долу и дума кое момче е најдобро набиено? Та и најобичниот младич за неа е аполонски светнат! И, дури нејзиното копнежно тело во собата е скриено, јавната на својата желба, таа право кон водата летна! Таа стана дваесет и деветтиот капач, во танц и смеа, ги надлета сите а никој не ја виде но сите се запотија, од набрекнатите тела се развеваше копнежната реа и младичите со нејзината желба магично се сплотија.  Легнати на грб, невидливата рака ги милува тие тела, од главите и пазувите до мевовите набрекнати доле, не знаат тие кој ги зграбил и ги запотува нивните чела, не знаат кој забревтан ги јава со сладострасен полет, не знаат кого ќе испрскаат со млазот од пената бела.   12 Јас зјапачки по пазарот скитам да му го осетам вкусот, и гледам, месарскиот чирак ја соблекува крвавата фута, или вешто си го остри ножот завлекувајќи го на брусот,  или брзо и досетливо одвраќа на некоја забелешка лута. Понатаму, на камен праг наросен со пепел застанувам, жар од огништето со жештина воздухот го разбранува, до наковалната се ковачите со градите рунтави и чадни, секој си има свој токмак и нивните движења се складни, тие мускулести раце се издигаат над свивливиот струк,  меко, танцовито, ги препуштаат мавањата еден на друг, и на кованицата, полека, сигурно, сите се редат  во круг.  13 Од каменоломот излегува коњска четворна теретна кола, на неа под врзаниот синџир колебливо грамада се клати, но црнецот-возач со уздите убедливо одржува контрола, стои висок и стамен, на крстот на рудата потпора фатил, откроената кошула го истакнува неговиот мускулест врат, со поглед мирен, тој е заповедникот на овој тегобен пат, симнува капа, кадравата коса ги впива сончевите зраци, они блескаат на црнината на неговите совршени краци.  Го сакам тој сликовит и набрекнат џин, тука не останувам, се качувам на колата, лошиот пат обајцата ќе не бранува. Каде и да отидам, јас животот го љубам на сите страни, не пропуштам ништо, сите слики во песнава се збрани. Волови, во сенка додека одморате во заслужен почин, или додека спрегнати во јарем синџири тресете диво, која таинствена вистина ми ја изразуваат вашите очи? Чинам, повредна е од сй што прочитав во мојот живот! Талкајќи в шума, моите чекори патор и патка исплашија, они со протестни крици летнаа и заедно околу кружат, верувам дека ќе можат дупка во душава да ми зашијат, црвеното, жолтото, белото, мене спокој ќе ми пружат, со намера постојат кикиришки и зелена и лилава зелка, и не е безвредна оти не е нешто друго бавната желка, не учела солфеж страчката но ѝ ја признавам славата, погледот врз кобила ми ги брка глупостите од главата. 14 Дивиот гусок го води својто јато што во ладна ноќ лета, ја-хунк, се огласува тој, се чини како и мене да ме кани, може некој сезнајко тоа за бесцелен крик да го смета но јас знам, на небото зимско крикот од лутање брани. Мачка на прагот, острокопитест лос в санка впрегнат,  прериско куче, мисирки и барски птици што се ведат,  гровтање на маторица дур прасињата боски ѝ тегнат - знам дека во нив и во мене ист стар закон се гледа. Сто последици предизвикува секој мој тежок чекор, расказите за нив - ми се смеат со подбивен прекор! Вљубен сум во живот вонка, долж отворен простор, со вкус на океан или шума, во луѓе стока што чуваат, кормилари и градители, мајстори на чукот и лостот - би бил со кочијаши и со недели ветришта да дуваат.  Јас сум изданок од најобичното и најефтино племе, трагам по огромни добивки и сй што имам арчам, му се придружувам на првиот што радо ќе ме земе, не барам небото да клекне за на него да се качам, под него дарежливо го сеам моето духовно семе. 15 На галеријата со оргуљи, чист контраалт надига гради, столарот мазни штица, пишти јазикот на стругот негов, за денот благодарствен брзаат дома и стари и млади, цврстиот пилот вешто води брод да не удри во брегот, во китоловецот, харпунот е остар, кормиларот спремен, ловецот на патки час тихо поодува час втренчен демне, крај олтарот, ѓаконите со раце вкрстени на ред служат, за конци да нададе, кон чекркот предачка раце пружа, на празник, надгледувајќи посеви ратарите се дружат, за улавиот нема лек, врзан го носат во лудница да вие,10 како во лулката на мајка си никогаш веќе нема да спие.  Словослагар сед, со лице испиено, залак тутун џвака, дур мижаво чита и букви подредува со трепетна рака. Несреќник со нозе здробени, врзан на хуруршка маса, му сечат и фрлаат во корпа, (за пците ручок прва класа). Девојка, сал четврт-црна, продаваат на пазарска бина, пијаничишта до кафеанската печка полузаспани слинат, машиновозач ракави засукува, полицаец е во патрола, портирот во тефтер бележи луѓе што низ врата минат, момок што не го знам ама го сакам, бали вози во кола. 20   Да учествува во трка, мелез ги пристега чевлите лесни, за ловот на мисирки и старо и младо се собрало тука, едни се потпрени на пушките, други седнати пеат песни, од толпата, на линија излегува стрелец, нишани и пука. Групи дојдени имигранти со власта се во првата врска, црнци со мотики под стража окопуваат шеќерна трска, труба на танц кани, господа кон госпоѓи со наклон одат дур младич на таван слуша музика од дождовната вода. На поточе во Хјурон што се влива, ловец стапици става, монистрени торби и мокасини Индијанка со попуст дава,30 зналец на уметност во изложбен салон вкус си негува дур по рампата толпата патници од параброд излегува, намотките од конец на рацете ги шири сестрата кротка а постарата јазли врзува и конецот во клопче го мотка, мажена жена закрепнува од породот на првото дете, американска девојка, убаво исчешлана, шие и плете, калдрмџија се потпира на својот дворачен набивач, фирмописец метални букви на месарницата забива, по бележникот репортеровиот молив забрзано лета, госпоѓа со слуга товарен со нејзината нова тоалета,40 морнар од брод за возење по каналот коноп тегне, со навосочен конец чевларот цврсто ѓон ќе стегне, диригент дава такт на својот бенд, свирачите следат, дете држат на крштевка, преобратеник се исповеда, бродски натпревар тече во заливот под лазур ведар, како балони ветрот ги надул добро стегнатите едра.   говедар своето стадо го пази, напати и му запејува, толпата на своите простачки досетки се засмејува, испотен патувачки трговец под тежок товар стенка, додека купувачот за мала разлика во цена се ценка,50 вереница својата свадбена облека истрајно ја пегла, мамурен наркоман ишка оса што во глава му влегла,  минутната стрелка на саатот со забавен чекор мрда, пијана проститутка шета по улица, исприштена и грда, мажите намигаат еден на друг и в лице ѝ се клештат (бедници! јас ја жалам, од несреќа не бидува фешта!).  Претседателот со секретарите држи седница на влада, рака под рака, на корзото шета дама со ќерката млада, посада на рибарски чамец истовара сандаци со риба, човек од Мисури ја брои стоката дури ветрот го шиба,60 кондуктер мине низ воз ѕвечкајќи со ситни пари в рака, тесар мести под, лимар кров, ѕидар мек малтер сака, држејќи ги чиниите работници во менза чекаат храна, годишни времиња се менуваат, од досада нй бранат,  празник четврти јули мноштво луѓе слави со викотници, од топови и поситни оружја ечат поздравни пукотници, годишните времиња се менуваат, орач ора, косач коси, плодови се збираат и сушат, житото во амбари се носи, зиме, на смрзнато езеро крај дупка, рибар демне штука, населеник големи ќутуци цепи, со чивии и секира ги чука,70 лаѓари на плоснати чамци во самрак крај шума се сидрат, по Црвената Река и Тенеси ловци ловат мечка или видра, против мракот на Арканзас луѓе со факли се вооружени, старешини навечер со синовите и внуците се опкружени, по дневниот лов, ловци во куќи и шатори ќе се скријат, живите свое време спијат, мртвите свое време спијат, старец со жена и младич со жена спијат, јас ги сонив, кон мене внатре идат а јас се буткам надвор кон нив, горедолу, јас сум како еден од нив, и жив и скаменет,     од секој од нив и од сите, си ја ткаам песната за мене.80



Гласувай:
0


Вълнообразно


Следващ постинг
Предишен постинг

Няма коментари
Вашето мнение
За да оставите коментар, моля влезте с вашето потребителско име и парола.
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 562833
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502