Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
Профил на lupcobocvarov
Име:
Лубомир Бочваров

Възраст:
69

Пол:
мъж

Професия:
пензионер

Интереси:
поезија

Статистика
Популярни постинги:
2

Постинги този месец:
0

Гласове този месец:
0

Коментари този месец:
0

Любими блогове:
20

Блогъри добавили в любими:
11

Блог вълни:
728
Последни постинги

Едно село на примрак

Имаше едно време кога во саботите и неделите можев да ја крстосувам Англија и кога за мојата бистроумност очекував, ако ништо друго, патувањето да ми даде продорност. Но сега, кога сум постар, многу полесно се шашардисувам. Па така, при пристигнувањето во селото на смрачување, воопшто не можев да се снајдам. Ми беше тешко да поверувам дека тоа е истото село во кое не толку одамна доаѓав и живеев за да постигнам таква способност.
Ништо не можев да распознаам и се затеков како постојано се врткам наоколу по мошне кривулестите улици, од обете страни заградени со малите камени куќи карактеристични за таа област. Многу од улиците беа толку тесни што меѓу рапавите ѕидови не можев да поминам без да си ги изгребам лактите или ранецот. Сепак, истрајував талкајќи наоколу во темното, со надеж дека ќе дојдам до сретселото – каде, најпосле, би можел да се ориентирам - или дека ќе сретнам некој од селаните. Кога по извесно време ништо не постигнав, ме наваса умора и решив дека ми е најдобро случајно да одберам некоја куќа, да чукнам на вратата, надевајќи се дека ќе ми отвори некој што се сеќава на мене. Застанав пре една особено расклатена врата, чиј надвратник беше толку низок што се гледаше дека треба бааѓи да се наведнеш за да влезеш. Бледникава светлост се наѕираше околу рабовите на вратата и јас можев да чујам гласови и смеење. Чукнав силно за домаќините да ме чујат и покрај нивното зборување. Но, токму тогаш некој зад мене рече:
“Здраво.“
Се свртев и видов млада жена на околу дваесет години, облечена во искинати фармерки и распаран џемпер, како стои во темното малку понастрана од мене. 
“Ти пред малку ме одмина,“ рече таа, “ иако дури и ти се обратив.“
“Верно ли? Уф, извини. Не сум те чул, не сум сакал да бидам груб.“ 
“Ти си Флечер, нели?“
“Да,“ реков јас, и по малку ми беше ќеф. 
“Венди помисли дека си ти кога те видовме како одиш низ селово. Сите многу се возбудивме. Ти беше еден од оние во тајфата, нели? Со Дејвид Меџис и сите тие.“
„Да,“ реков јас, “ но тешко дека Меџис беше најважниот. Изненаден сум што ти како таков си го запикасала. Имаше меѓу нас други, многу поважни фигури.“ Набројав цела низа имиња и ми беше интересно дека девојката не препозна некое од нив.

“Но, сето тоа мора да беше пред да пораснеш.“ Реков:“ 
Изненаден сум што воопшто и знаеш за тие работи,“
“Беше пред да пораснам, но сите ние сме добро упатени за вашата тајфа. Ние за неа знаеме повеќе одошто оние постарите кои тогаш биле овде. Венди веднаш те препозна од твоите фотки.“
“Зачуден сум што вие младите сте покажале толкав интерес за нас. Извини што сум те одминал. Но, како што гледаш, сега јас сум постар и малку шашардисан кога патувам.“
Можев да го чујам прегласниот говор што идеше откај вратата. Повторно тропнав на неа, овојпат повеќе нестрпливо, иако не бев баш желен да заврши средбата со девојката.
Таа малку ме изгледа и потоа рече:“ Сите вие од оние денови си личите. Дејвид Меџис дојде овде пред неколку години. Во деведесет и третата, или можеби деведесет и четвртата. И тој беше таков. Малку матен. Ве фаќа тоа, откако цело време крстосувате патувајќи.“
“Значи, Меџис бил тука. Баш интересно. Знаеш, тој не беше еден од навистина важните фугури. Ти не мораш да се оптоваруваш со таква помисла. Во случајов, можеби би можела да ми кажеш кој живее во куќава.“Јас пак тропнав на вратата.
“Питерсонови,“ рече девојката.“Они се староседелци. Они веројатно те помнат.“
“Питерсонови,“ повторив јас, но презимето на ништо не ме потсетуваше.
“Зошто не дојдеш во нашата куќа? Венди беше навистина возбудена. А и сите ние. Ова е вистинска прилика за нас да позборуваме со некој од оние денови.“
“И мене тоа би ми било мило. Ама пред си треба да се сместам. Питерсонови, велиш,а?“

Тропнав на вратата повторно, овојпат малку пожестоко. Најпосле, таа се отвори, расфрлајќи на улицата топлина и светлина. Еден пристар маж стоеше на прагот. Тој внимателно ме разгледа и потоа праша:“ Ти си Флечер, нели?“
“Да, и штотуку пристигнав во селово. Неколку дена сум на пропатување.“
Тој се замисли малку за тоа а потоа рече:“ Па, подобро е да влезеш.“
Се најдов во тесна и несредена соба полна со нафрлани цепаници и испокршен намештај. Трупецот што гореше во каминот беше единствениот извор на светлина на која можев да ги распознаам бројните подгрбавени фигури седнати наоколу во собата. Стариот ме одведе до столица покрај огнот со немтурост која напомнуваше дека токму тој е оној кој штотуку ја напуштил. Откако седнав, сфатив дека ми е тешко да ја свртам главата за да го видам опкружувањето или другите во собата. Но, топлината на огнот ми беше многу добредојдена, и за момент само зјапав во неговиот пламен, ме обзеде пријатна опиеност. Гласовите доаѓаа одзади мене, прашуваа дали сум добар, дали дојдов оддалеку, дали сум гладен, и јас одговорив најдобро што можев, иако бев свесен дека моите одговори беа едвај соодветни. Конечно, прашањата престанаа, и ми се обзнани дека моето присуство создава тешка непријатност, но јас бев многу благодарен за топлината и приликата да се одморам од тешката загриженост. Сепак, кога тишината зад мене потраја неколку минути, решив на моите домаќини да им посветам малку повеќе учтивост па се свртев во мојата столица. Додека го направив тоа, ме обзеде интензивно чувство на препознавање. Куќата ја избрав сосема случајно но сега можев да видам дека таа е токму онаа во која ги поминав моите години во ова село. Веднаш свртев поглед кон далечниот агол
- во тој момент обвиен во темница – кон местото што беше мое ќоше каде еднаш беше послан мојот душек на кој поминав многу мирни часови пребарувајќи по книгите или во разговори со кој и да било што ќе се затечеше внатре. Во летните денови, прозорците, а честопати и вратата, остануваа отворени за да овозможат освежување од ветрот. Тоа беа денови кога куќата беше опкружена со отворени полиња и оттаму ќе надојдеа гласовите на моите пријатели, исполегнати во високата трева, како расправаат за поезија или филозофија. Овие драгоцени фрагменти од минатото ми се враќаа толку силно што си што тогаш можев да направам на самото место беше да се воздржам да не отидам право во моето старо ќоше. Некој повторно мене ми се обраќаше, можеби нешто ме прашуваше, но тешко дека јас го слушав. Станат, низ сенките гледав во моето ќоше, и сега можев да согледам тесен кревет, покриен со стара завеса, којшто, помалку или повеќе, го беше окупирал токму просторот каде што ми беше душекот. Креветот изгледаше ептен поканувачки, и јас се најдов себеси како го прекинувам старецот во она кое го говореше, “Глејте“, реков, “знам дека ова е малку грубо. Но, знајте, денес јас изодев многу долг пат. Навистина треба да легнам, да ги склопам очиве, дури и ако тоа е само за неколку минути. После тоа, ќе бидам среќен да зборувам за си што сакате."
Можев да видам како фигурите во собата неспокојно се преместуваат. Потоа нов глас, повеќе потсмешливо, рече:“ Е па тогаш напред, дремни си. Не ни пречи. " А јас веќе се упатив низ нередот кон моето ќоше.
Креветот изгледаше како да е влажен а пружините крцкаа под мојата тежина, но уште несвиткан со грбот кон собата, моите многу часови пешачење веќе почнуваа да ме потфаќаат. Додека запловував во сон, го чув старецот како вели: “Си е в ред, ова е Флечер. Боже, и тој веќе е стар.“ 
А еден женски глас рече: “Треба ли да му допуштиме да заспие така? Тој може да се разбуди за неколку часа, а потоа ќе мора да останеме со него. "
"Нека спие околу еден час ", рече некој друг. "Ако и по еден час спие, ние ќе го разбудиме."
Во тој момент, ме совлада целосна исцрпеност.
Тоа не беше континуиран или удобен сон. Лебдев помеѓу спиење и будење, секогаш свесен за гласовите зад мене во собата. Во одреден момент, бев свесен за една жена која рече: "Не знам како некогаш сум била под неговата магија. Тој сега изгледа како палјачо. "
Во мојата состојба на речиси сон, јас дебатирав со себе дали овие зборови се однесуваат на мене или, можеби, на Дејвид Меџис, но наскоро длабок сон уште еднаш ме проголта.
Кога пак се разбудив, се чинеше дека собата станала потемна и поладна. Гласовите продолжуваа зад мене со намалени тонови, но не можев да ја разберам смислата на разговорот. Се чувствував засрамено заради начинот на кој отидов да спијам и уште некое време останав неподвижен со лицето свртено кон ѕидот. Но нешто од мене на еден женски глас мора да му открило дека сум буден, и тој, отцепувајќи се од општиот разговор, рече:“ Ох, глејте, глејте.“ Се разменија неколку шепотења, потоа го чув звукот на некој што доаѓа кон моето ќоше. Почувствував рака нежно допрена на моето рамо и погледнав нагоре и здогледав жена која беше наведната над мене. Јас не го свртев доволно моето тело за да ја видам собата, но имав впечаток дека е осветлена само од жар што догорува, и лицето на жената беше видливо само во сенка.
“Е па сега Флечер,“ рече таа. “ Дојде време да разговараме. Долго време чекав да се вратиш. А често мислев на тебе.“
Се подисправив за појасно да ја видам. Таа беше накај четириесет години, и дури и во мракот забележав заспана тага во нејзините очи. Но, нејзиното лице не успеа да ми разбуди дури ни најлефтерен спомен.
“Извини,“ реков, “Не се сеќавам на тебе. Но, те молам да ми простиш ако сме се запознале пред некое време. Овие денови сум бааѓи шашардисан.“
"Флечер", рече таа, "кога јас и ти се запознавме , бев млада и убава. Јас те обожавав, и си што ти ќе кажеше изгледаше како мудрост. И еве те сега пак тука. Многу години желеев да ти кажам дека ти ми го урниса животот.“
“Не си фер. Добро, сум грешел за многу нешта. Ама јас никогаш не тврдев дека имам мудри одговори. Си што велев е дека сите ние сме должни да продонесеме за дебатата. За проблемите знаевме многу повеќе одошто овдешните луѓе. Ако луѓето како нас се тегавеа тврдејќи дека сеуште не знаеме доволно, кој тогаш требаше да дејствува? Но, јас никогаш не тврдев дека ги имам одговорите. Не, ти си неправедна.“
"Флечер", рече таа, а нејзиниот глас беше чудно нежен, "се користеше со тоа за да водиш љубов со мене, речиси секојпат кога доаѓав овде во твојата соба. Во ова ќоше, ние ги направивме прекрасните валкани работи од сите сорти. Чудно ми е да помислам како некогаш сум можела да бидам физички возбудена од тебе. И еве те овде но сега си само смрдлива парталава бовча. А погледни ме мене - сеуште сум привлечна. Моето лице е малку збрчкано, но кога одам по улиците во селово, носам фустани што ги направив посебно за да ја истакнат мојата фигура. Многу мажи сеуште ме сакаат. Но, тебе, ниту една жена не би те погледнала сега. Пакет смрдливи партали и месо. "
"Јас не се сеќавам на тебе", реков. "И немам време за секс овие денови. Имам други работи за кои треба да се грижам. Посериозни нешта. Добро, признавам, во тие денови за многу нешта грешев. Но, од повеќемината јас правев повеќе обидувајќи се нештата да се поправат. Гледаш, дури и сега патувам. Никогаш не престанав. Патував и патував обидувајќи се да ја поништам штетата што некогаш може да сум ја предизвикал. Тоа е повеќе од што може да се каже за некои други од тие денови. Се обложувам дека, на пример, Меџис не работел ни приближно толку напорно во обид да ги среди работите."
Жената ми ја галеше косата.
"Погледни. Јас уживав да го правам ова, моите прсти да ти ги заорувам во косата. Погледни го овој гнасен неред. Сигурна сум дека си загаден со сите видови паразити ". Но, таа продолжуваше полека да ги вкопува прстите низ валканите прамени. Не успеав да почувствувам нешто еротско од тоа, како што таа можеби ми посака. Наместо тоа, нејзините милувања делуваа мајчински. Навистина, за момент тоа беше како конечно да стигнав во некоја заштитна чаура, и пак почнав да се чувствувам дремливо. Но одеднаш таа престана и ми удри чврга на челото.
"Зошто сега не ни се придружиш ? Ете, си поспа. Имаш многу за објаснување." Со тоа, таа стана и ме остави. За првпат го свртев моето тело доволно за да ја испитам собата. Видов дека жената минува низ нередот на подот, а потоа седнува во стол за лулање крај каминот. Можев да видам уште три други фигури околу умирачкиот оган. Познав дека едната е стариот човек што ми ја отвори вратата. Двете други - седејќи заедно на она што изгледаше како дрвен сандак - се чинеше дека се жени на иста возраст како онаа што ми зборуваше.
Старецот забележа дека се свртев, и тој им укажа на другите што ги гледав. Четворицата продолжија да седат здрвено, без да зборуваат. Од начинот на кој тие го направија тоа, беше јасно дека тие целосно ме издискутирале додека спиев. Всушност, како што ги гледав, можев повеќе или помалку да ја погодам целата форма што нивниот разговор ја имал. Можев да видам, на пример, дека тие поминале извесно време изразувајќи загриженост за младата девојка што ја сретнав надвор, и за влијанието што јас би можел да го имам на нејзините врсници.
"Сите се толку податливи на впечатоци.", ќе да рекол старецот. Јас ја слушнав дека го покани да ги посети."
На што, без сомнение, една од жените на сандакот ќе да рекла: "Но, сега тој не може многу да им наштети. Во наше време сите бевме затрескани, бидејќи сета негова сорта – сите тие беа многу млади и привлечни. Но, во ова време чудакот наидува одвреме-навреме, изгледајќи потполно одртавен и прегорен како што е овој - ако ништо друго, тој послужува за да се растајни сето она што се зборува за старите денови. Во секој случај, во ова време, луѓето како него многу ја сменија својата позиција. Они ни самите не знаат во што веруваат.“ 
Старецот ќе да ја разнишал главата. "Видов како младата девојка го гледаше. Во ред, тој овде сега изгледа сожалувачки, токму како газ-преку-глава. Но, штом еднаш неговото его ќе биде малку нахрането, откако ќе ги добие ласкањата од младите луѓе, гледајќи како они сакаат да ги слушнат неговите идеи, тогаш ништо нема да го спречи. Ќе биде како порано. Тој ќе си ги има сите залепени за неговите уверувања. Такви се младите девојки, и сега толку малку им треба да му веруваат. Дури и смрдосана стапица како овој може да ги соблазни."
Нивниот разговор, цело време додека спиев, ќе да бил нешто многу слично на тоа. Но, сега, како што ги гледав од мојот агол, тие продолжија да седат во виновен молк, зјапајќи во догорчињата од нивниот оган. По некое време, станав на нозе. Смешно, четворката ги беше одвратила погледите од мене. Чекав неколку моменти да видам дали некој од нив ќе каже нешто. Конечно, јас реков: "Добро, спиев претходно, но претпоставив што сте кажале. Па, ќе бидете заинтересирани да знаете дека ќе направам многу нешта, токму како што се плашевте. Овој момент ќе одам до куќата на младите луѓе. Ќе им кажам што да прават со сета нивна енергија, со сите нивни мечти, со настојувањата да постигнат нешто добро што ќе трае долго во овој свет. Погледнете се, какви патетични китки сте. Згргурени во вашава куќа, исплашени да правите што и да било, исплашени од мене, од Меџис, од кој и да било од она време. Исплашени да сторите што и да е во светот надвор одовде, само затоа што еднаш ние сме направиле неколку грешки. Па, овие млади луѓе сеуште не се потонати толку ниско, и покрај сета зачмаеност што им ја проповедавте низ годините. Ќе разговарам со нив. Јас за полсаат ќе ги поништам сите ваши жални напори."
"Гледате", им рече старецот на другите. "Знаев дека ќе биде така. Треба да го спречиме, но што да правиме? "
Јас се заитав низ собата, си го зедов ранецот и излегов во ноќта. Девојката сеуште стоеше надвор кога се појавив. Изгледаше како да ме очекува и со кимање ме поведе по патот. Ние кршкавме и свртувавме долж тесните патеки што се протегаа меѓу куќите. Некои од куќите што ги одминувавме изгледаа толку окапани и склони кон паѓање што јас чувствував дека некоја едноставно би можел да ја урнам, само да ја поттурнам со сета моја тежина. 
Девојката одеше неколку чекори понапред, повремено гледајќи ме преку нејзиното рамо. Еднаш рече: "Венди ќе биде толку задоволна. Таа беше сигурна дека беше ти кога помина преѓе. До сега, таа веќе претпоставила дека е во право, бидејќи јас волку долго сум се задржала , и она ќе ја доведе целата тајфа накуп. Сите ќе чекаат ".
"Дали вака го пречекавте и Дејвид Меџис?"
"О, да. Бевме навистина возбудени кога дојде. "
"Сигурен сум дека тоа го оценил како многу пријатно. Тој секогаш имаше претерана смисла за сопствената важност. "
"Венди вели дека Меџис бил еден од оние интересните, ама дека ти си бил, па, си бил важен. Таа мисли дека си навистина важен ".
Мислев за ова за момент.
"Знаеш", реков, "за многу работи го имам сменето мислењето. Ако Венди од мене очекува да ги кажувам сите оние работи кои ги користев во сите оние години, па, се чини дека ќе биде бааѓи разочарана. "
Девојката не изгледаше како да го слуша ова, но продолжи посветено да ме води низ маалските улици.
По некое време станав свесен за врева, дека на околу десетина чекори зад нас некој чекори. Првин помислив дека тоа е само некој од селото што излегол да се прошета и повторувачки врти по сокаците. Но, тогаш девојката застана под улична светилка и погледна зад нас. На тој начин, јас морав да застанам и да се свртам. Еден средовечен човек во темен капут доаѓаше кон нас. Додека се приближуваше, тој ја пружи раката и се ракуваше со мене, ама без насмевка.
“Значи,“ рече тој, ти си тука.“
И тогаш сфатив дека го познавам човеков.
Не се бевме виделе уште од времето кога обајцата имавме по десет години. Неговото име беше Роџер Батон, и тој беше во моето одделение во училиштето кога две години учев во Канада пред моето семејство да се врати во Англија. Роџер Батон и јас не бевме особено блиски, но, бидејќи тој беше срамежливо момче, и бидејќи исто така, беше од Англија, тој по некое време постојано ми се придружуваше. Оттогаш не сум го видел ниту сум слушнал за него. Сега, како што ја проучував неговата појава под уличната светилка, видов дека годините не биле љубезни кон него. Беше ќелав, неговото лице беше сипаничаво и набрчкано, и имаше уморена клапнатост на целото негово држење. И покрај сето тоа, немаше сомнение дека е тоа мојот стар соученик.
"Роџер", реков, "Јас сум токму на пат да ги посетам пријателите на оваа млада дама. Се собраа заедно за да ме примат. Инаку ќе дојдам и ќе те посетам веднаш. Како што е работава, јас тоа го имам на ум како следното нешто кое треба да се направи, дури и пред какво било спиење ноќва. Сега само за себе размислувам, и колку доцна да завршат работите во куќата на младината, потоа ќе дојдам и затропам на вратата на Роџер."
"Не грижи се", рече Роџер Батон, откако сите почнавме да одиме повторно. "Знам колку си зафатен. Но, ние треба да разговараме. Да ги преџвакаме старите времиња. Кога ти последен пат ме виде - во училиште, мислам - претпоставувам дека бев прилично изнемоштен примерок. Но, знаеш, си се смени кога стигнав до четиринаесет, петнаесет години. Јас навистина се зацврстив. Станав доста лидерски тип. Но, ти веќе одамна ја беше напуштил Канада. Секогаш се прашував што ќе се случеше ако се сретневме на петнаесет години. Работите би биле поинакви меѓу нас, те уверувам. "
Штом го рече ова, ме преплавија сеќавањата од минатото. Во тие денови, Роџер Батон ме идолизираше, а јас за возврат постојано го малтретирав. Меѓутоа, помеѓу нас постоеше љубопитно разбирање дека моето малтретирање беше за добро; дека кога, без предупредување, јас одеднаш го удирав во стомакот на игралиштето, или кога минував низ ходникот, импулсивно му ја свиткував раката на грбот додека не почна да плаче, го правев тоа за да му помогнам да се зацврсти. Соодветно на тоа, главниот ефект на ваквите напади во нашата врска беше тој да ја задржи стравопочитта кон мене. Се потсетив на сето ова додека го слушав изнемоштениот човек кој одеше покрај мене.
Можеби погодувајќи го мојот тек на мислите, Роџер Батон продолжи: "Се разбира, можеби не ќе беше добро ако не ме третираше на начин како што ми правеше, бидејќи јас никогаш не ќе станев она што станав на петнаесет години. Во секој случај, честопати се прашував како би било тоа да се сретнавме само неколку години подоцна. Јас тогаш навистина бев нешто на кое требаше да се смета. "
Сеуште одевме по тесните кривулести улици меѓу куќите. Девојката сеуште водеше на патот, но таа сега одеше многу побрзо. Честопати ние само за миг успевавме да ја фатиме со поглед кога таа кршкаше зад некој агол пред нас, и тоа ме штрекаше дека треба да бидеме во постојана тревога за да не ја изгубиме.
"Денес, се разбира", Роџер Батон велеше: "Јас си реков ај да поодам малку. Но, морам да кажам, старо другарче, се чини дека ти си во многу полоша форма. Во споредба со тебе, јас сум атлетичар. Да зборуваме отворено, ти сега си само стар валкан скитник, зарем не? Но, знаеш, долго време откако ти си замина, јас продолжив да те идолизирам. Дали Флечер би го сторил ова? Што ќе мисли Флечер ако ме види како го правам ова? О, да. Да го гледам преку тебе сето она кое го правев , е, така беше само додека стигнав до мојата петнаесетта година. Потоа бев многу лут, се разбира. Дури и сега, сеуште размислувам за тоа. Погледнувам назад и мислам, па, тој беше само еден темелно гаден едикојси. Тој имал малку повеќе тежина и мускули на таа возраст отколку што имав јас, малку повеќе самодоверба, и тој целосно ја искористи како предност. Да, гледајќи наназад, многу јасно е каква гадна мала личност си бил. Се разбира, не мислам дека сеуште си и денес. Сите ние се менуваме. Многу сакам тоа да го прифатам како такво. 
"Дали живееш долго тука?", прашав, сакајќи да ја смениме темата.
"О, седум години или така. Се разбира, овде многу зборуваат за тебе. Јас понекогаш им кажувам за нашето рано поврзување. "Но, тој нема да ме запомни", така секогаш им кажувам. "Зошто тој да се сеќава на слабо мало момче што некогаш го малтретирал, го јавал и му се дерел?" Како и да е, овие денови, младите овде си повеќе зборуваат за тебе . Се разбира, оние што никогаш не те виделе најчесто те идеализираат. Претпоставувам дека се врати да го капитализираш сето тоа. Сепак, не треба да те обвинувам. Имаш право да се обидеш и да спасиш малку самопочит ".
Ние ненадејно се соочивме со отворено поле, и обајцата застанавме. Гледајќи назад, јас видов дека мора да сме заакале надвор од селото; последната од куќите беше на извесно растојание зад нас. Токму како што се плашев, ја изгубивме младата жена; всушност, сфатив дека не сме ја ни следеле некое време.
Во тој момент, месечината се појави, и видов дека стоевме на работ на огромно тревно поле, што се протегаше, претпоставував, подалеку од она што можев да го видам на месечина.
Роџер Батон се сврте кон мене. Неговото лице на месечината изгледаше љубезно, речиси срдечно.
"Сепак," рече тој, "време е да простиме. Ти не треба да бидеш загрижен толку многу. Како што гледаш, некои работи од минатото, на крајот ќе ти се вратат. Но, тогаш не можеме да станеме одговорни за она што го направивме кога бевме многу млади ".
"Без сомнение си во право", реков. Потоа се свртев и погледнав наоколу во темнината. "Но, сега не сум сигурен каде да одам. Глеј, има некои млади луѓе кои ме чекаа во нивната куќа. До сега тие ќе да имаат топол оган подготвен за мене и троа топол чај. И некои дома печени колачи, можеби дури и добра чорба. И во моментот кога ќе влезам, воведен од таа млада дама која штотуку ја следевме, сите ќе избувнат со аплауз. Ќе има насмевки, восхитени лица околу мене. Тоа е она што ме чека некаде. Освен што не сум сигурен каде треба да одам. "
Роџер Батон дигна раменици. "Не грижи се, лесно ќе стигнеш таму. Освен што, знаеш, таа девојка беше малку во грешка ако навестила дека може пеш да се оди оди до куќата на Венди. Премногу е далеку. Навистина би требало да се фати автобус. Дури и тогаш, тоа е доста долго патување. Околу два часа, би рекол. Но, не грижи се, ќе ти покажам каде можеш да го фатиш твојот автобус. "
Со тоа, тој почна да оди назад кон куќите. Како што го следев, можев да почувствувам дека беше многу доцен час и дека мојот придружник беше вознемирен оти му беше време за спиење. Поминавме неколку минути одејќи меѓу куќите а потоа тој ни изведе на плоштадот. Всушност, тоа место беше толку мало и оголено, тешко дека можеше да се смета за плоштад; тоа беше малку повеќе од парче зеленило покрај осамена улична светилка. Видливи само преку базенот светлина што ја фрлаше светилката, беа неколку продавници, ноќе сите затворени. Владееше целосна тишина и ништо не се помрднуваше. Лесна магла лебдеше над земјата.
Роџер Батон застана пред да стигнеме до зеленилото и ми посочи.
"Таму", рече тој. "Ако стоиш таму, ќе дојде автобус за понатаму. Како што реков, тоа не е кратко патување. Околу два часа. Но, не грижи се, сигурен сум дека твоите млади луѓе ќе чекаат. Тие толку малку друго имаат да веруваат во овие денови, ќе видиш. "
"Многу е доцна", реков. "Дали си сигурен дека ќе дојде автобус?"
"О, да. Се разбира, можеби ќе треба да чекаш. Но, на крајот ќе дојде автобус ". Тогаш тој успокојувачки ми го допре рамото. "Знам дека е малку осаменички на нозе да се чека овде. Но, штом автобусот ќе пристигне твојот дух ќе живне, верувај ми. О, да. Тој автобус е секогаш радост. Ќе биде силно осветлен, и тој секогаш е полн со весели луѓе кои се смеат и се шегуваат и покажуваат преку прозорецот.Откако ќе се качиш, ќе се чувствуваш пријатно и удобно, а другите патници ќе разговараат со тебе, можеби ќе ти понудат нешто за јадење или пиење. Може дури и да се запее - тоа зависи од возачот. Некои возачи го охрабруваат, други не. Па, Флечер, беше добро што те видов."
Се ракувавме, потоа тој се сврте и замина. Гледав како исчезнува во темнината меѓу две куќи.
Отидов до зеленилото и го спуштив ранецот до подножјето на бандерата. Наслушував за звук од возило во далечина, но ноќта беше сосема мирна. Сепак, бев охрабрен од описот на Роџер Батон за автобусот. Освен тоа, помислив на приемот што ме чекаше на крајот од моите патувања - на восхитените лица на младите луѓе - и ги почувствував возбудувањата на оптимизмот некаде длабоко во мене.
Оригиналот тука:

image A Village After Dark Short story about an old man’s search for hospitality in the village of his youth....In an impoverished or post-apocalyptic village, after dark, a … NEWYORKER.COM    
Категория: Поезия
Прочетен: 48 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 07.11 06:13
До семејството на покојниот професор д-р Слободан Мицковиќ Почитувани, ви благодарам што без многу прашувања ми го доставивте дигиталниот ракопис на професоровиот роман “Промена на Бога“. Сега можам да ви кажам и зошто го побарав. Имено, пред извесно време првпат го прочитав романот, како печатено издание на Детска радост, 1998 год. Имам наопачен обичај на секоја книга да ѝ го читам прво поговорот, ако го има. Така и тогаш - под наслов „Странствувањето на една проза“ го прочитав поговорот што го напишала госпоѓата Оливера Ќорвезироска која едновремено била и лектор и коректор на “Промена на бога“. Добро, убаво напишан текст, посветен на три професорови романи кои тој самиот ги означил како трилогија под наслов „Двојно доба“. Потоа на еден здив го голтнав и романот. Отпорано имав прочитано два романи на Професорот (“Куќата на Мазарена“ и “Самоубиецот“) па знаев за неговото мајсторство – за фактографската беспрекорност на фабулите и за динамичноста, духовитоста и економичноста на неговиот раскажувачки стил. Романот “Промена на бога“ има два временски тока на раскажувањето: сегашноста, 20-тиот век и минатото од 17-ти век. Тие два тока се поврзани со сознанието на главниот лик од сегашноста, Дина Накова Муратовска, дека е потомок на исламизираниот Мурат Колецот од 17 век (теза на романот). Моите педесет години читателски стаж ме научија низ фактите кои се изнесуваат во текстот постојано да ја проверувам одржливоста на главниот склоп (тезата). По завршувањето на читањето, имав чувство дека или јас погрешно сум разбрал што е тезата или авторот пропуштил да изнесе битен факт за тоа како испаѓа Мурат Колецот од 17 век да е предок на Дина Муратовска од 20 век?   Пак го прочитав поговорот на госпоѓата Оливера Ќорвезироска и најдов дека она што јас го зедов како сигурна теза на романот таа го третира само како “…коинцидирање на раскажувачките и на други факти со кои се остварува сомнеж дека се работи за исто колено следено дури 3 века (врската меѓу Мурат Колецот и Дина Муратовска)…“ Морав да извлечам цитати од романот со кои ќе го поткрепам моето разбирање дека не се работи за сомнеж туку за експлицитно изнесена теза. Еве што пишува на стр. 84: ..„Последно ти е ова, Колец, да те викам Колец. Отсега ќе бидеш Мурат и нема да си кулукчар ами аргат и ќе земаш дента грош за тебе и три за колата“ „Аирлија“ – рече Мурат и плукна во мракот (Тоа беше предокот на Дина Муратовска од кој, и кога преминаа пак во христијанство, им остана презимето Муратовци. По кое, во својата теза, требаше да трага Дина….) Исто така и на стр.128: “…па пак ја позеде мислата за таа ќерка на Мурат. Ќерката на Мурат значи откинала, значи се спасила, од тој Мурат, и избегала во Богородица. Која Богородица? Каква е таа Богородица велеска? Па сигурно е Богородица Велешка! Да, тогаш тој манстир бил женски манастир. Ама како ќерка на Турчин да избега во манастир? … Легна, мижеше и се напрегаше да го види тоа време. Наеднаш ги отвори широко очите – па тоа е Мурат, нејзиниот Мурат, предокот, кој се потурчил и затоа ќерката, која не сакала да го смени Господа, избегала во манастир….“ Врз основа на ова, мислам дека може да заклучиме: она кое госпоѓата Оливера Ќорвезироска го нарекува „сомнеж“ е јасно дефинирана теза на романот! И потоа си мислев: како е можно, при вака јасно дефинирање на тезата, госпоѓата Ќорвезироска тоа да не го забележи?   Едно од можните објаснувања е дека таа како лектор и коректор, на работа и на компјутер го читала романот повнимателно од било кој друг читател ама првенствено сосредоточена да наоѓа и поправа лекторски и печатни грешки во дигиталниот ракопис! А тоа не е баш некоја удобна положба и улога за аналитичко читање на еден роман! Затоа веднаш си помислив дека оној недостаток на битен факт - за тоа како испаѓа Мурат Колецот од 17-тиот век, со единствениот потомок, ќерката која избегала и се замонашила во манастир (па според тоа не се омажила и немала потомство) да е предок на Дина Муратовска од 20 век? - можеби е ненамерна грешка во средувањето на професоровиот дигитален ракопис за печатење во кој некоја реченица е избришана. Затоа ви го побарав дигиталниот ракопис – за да го прочитам романот токму онака како што покојниот Професор го напишал! И еве што најдов, како разлика во однос на печатеното издание: На стр. 171 јасно е кажано дека пролетта, жена му на Мурат Колецот се вратила сама, без ќерката која останала во манастирот, ама Мурат Колецот не ја прибрал дома кај себе, туку на својот брат му наредил тој да ја прибере во планинското бачило. Зошто така постапил Мурат Колецот? Одговорот е содржан во една испуштена реченица која постои во дигиталниот професоров оригинал на ракописот а ја нема во печатеното издание на романот. Таа реченица е на стр. 173, каде првин се објаснува: “кога мажите ќе сфатат какво место и какви предимства, токму над жените, им носи исламот, ајде прекали ги да го остават. За еден човечки век работата така ќе се зацврсти, како да биле во верата од дедо-прадедо“. па следува во заграда и гласи: “(Најсвеж пример беше веќе трудната втора жена на Мурат Колецот – едно запустено девојче кое го откина од злата судбина кај Камбуровци, зимата додека беа во бегство жена му и ќерка му).“   Значи, Професорот јасно кажал дека Мурат Колецот се преженил со млада жена од која имал потомство и од таа лоза потекнува Дина. На крај, уште еднаш ви благодарам за љубезноста, чест ми е што барем малку придонесов за разјаснување на овој мал недостаток во печатеното издание на романот “Промена на Бога“ на професорот д-р Слободан Мицковиќ. Со почит, Љупчо Бочваров
Категория: История
Прочетен: 106 Коментари: 0 Гласове: 1
 1

Во жолта шума два патишта се двојат,
жалам што не можам да тргнам по двата,
кој да го фатам, долго умислено стојам,
ѕурам во едниот, тежината да му ја сфатам,
оти на него трнливи грмушки се стројат.
2
Го разгледувам другиот, навидум патека чиста, 
на неа можеби ќе ме чека подобриот помин, 
но беше затревен и бара разгазувачки пристап;
така што, според моите претпоставки скромни,
одењето по него би ми било скаламуција иста.
3
И двата во мојата зора еднакво ми се плазат,
во лисјата нема стапка што би ме насочила.
Ох, оној првиот пат, за друг ден ќе си го пазам!
Сепак, знаејќи дека би ме водел кон горчила,
се посомневав дека било кога по него ќе газам.
4
Но, да си кажам право, со олеснителен здив,
откако долги времиња ме делат од оној час:
во шумата со еден избор, патиштата беа чифт,
оној трнливиот и неразгазениот го одбрав јас -
и тоа ме направи да бидам пргав и со ум див.

Оригиналот:

The Road Not Taken 
BY ROBERT FROST
1
Two roads diverged in a yellow wood,
And sorry I could not travel both
And be one traveler, long I stood
And looked down one as far as I could
To where it bent in the undergrowth;  
2
Then took the other, as just as fair,
And having perhaps the better claim,
Because it was grassy and wanted wear;
Though as for that the passing there
Had worn them really about the same,
3
And both that morning equally lay
In leaves no step had trodden black.
Oh, I kept the first for another day!
Yet knowing how way leads on to way,
I doubted if I should ever come back.  
4
I shall be telling this with a sigh
Somewhere ages and ages hence:
Two roads diverged in a wood, and I—
I took the one less traveled by,
And that has made all the difference.

https://www.poetryfoundation.org/poems/44272/the-road-not-taken        
Категория: Поезия
Прочетен: 35 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 28.09 18:27


на Октавио

1
Таму книгата “Речникот на ангелите“ е тапа,
педесет години никој не се ни допрел до неа,
и јас прв ја отворив во љубопитствен напад:
капаците се распукнаа а листовите се ронеа.
2
Открив дека ангелите биле во огромни броеви,
како најплодната сорта муви да им била база,
небото стемнувало од нивните летечки роеви,
морало да мафтате со раце за да не ве лазат.
3
А сега, дур сонцето блескоти низ високите џамови,
во мракот на книгите ангелите и боговите чмаат.
Големото таинство ни лежи на полицата, за срамови,
додека госпоѓа Џонс прави обиколка секој саат.
4
Она е многу висока а кога оди, главата си ја крева,
втренчено е свртена кон полиците и како да слуша.
Јас ништо не слушам од книгите, ни шепот ни врева,
но госпоѓата Џонс ги слуша бидејќи слуша со душа.


Оригиналот:
In the Library
for Octavio

There’s a book called
“A Dictionary of Angels.”
No one has opened it in fifty years,
I know, because when I did,
The covers creaked, the pages
Crumbled. There I discovered

The angels were once as plentiful
As species of flies.
The sky at dusk
Used to be thick with them.
You had to wave both arms
Just to keep them away.

Now the sun is shining
Through the tall windows.
The library is a quiet place.
Angels and gods huddled
In dark unopened books.
The great secret lies
On some shelf Miss Jones
Passes every day on her rounds.

She’s very tall, so she keeps
Her head tipped as if listening.
The books are whispering.
I hear nothing, but she does.
*****
https://www.poets.org/poetsorg/poem/library

Категория: Поезия
Прочетен: 47 Коментари: 0 Гласове: 0

1 Кратките зимски денови ама ептен ги мразам 
со попладнињата без снег во кои студот кине,
со мракот заитан да не поклопи под својот казан
штом и последниот школски автобус ќе мине. 

2 Не трпам жени кои како мракот да го жалат
па во целата куќа само една светилка палат,
натуткани во три џемпери и шал на кауч седат
за со тој безмилосен ќеф на греење да штедат.

3 Она што ме доведува до очај и духовна беда
се оброците молкома пред телевизорот јадени
додека рецитали на дневните ужаси се редат 
за на крај и злослутни прогнози да бидат дадени.

4 Срце ми се кине, секоја ноќ легнувам в кревет
под јамболија и јорган, во мразарник страшен,
со онаа што има сила да шепоти молитви девет
за кај Господ да го обезбеди Спасението наше.
Категория: Поезия
Прочетен: 130 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 19.08 11:59
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 343284
Постинги: 738
Коментари: 120
Гласове: 491