Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 563645 Постинги: 749 Коментари: 120
Постинги в блога от Декември, 2013 г.
 

Мото: 
Судбината од трн на глог писателот го носи 
дур мислите во делата му се шантрават боси.
(критика за делото, од Љубомир К. Бочваров)

Афоризмот е највисокиот можен дострел на изразноста во човековото мислење бидејќи е дефиниција: одредување на нешто кое така станува аксиом. Основната техника на афористичниот израз е играта на неколку зборови или поими кои авторот, навидум како кротки волови, ги спрегнува, напати и во наопачен ѕевгар, за така да заораат нова бразда во нашето мозочно ткиво откривајќи ни нова духовита поврзаност на нештата. На пример: 
“Во социјализмот идеалистите се снајдоа материјално а материјалистите идеално.“ (Владимир Булатовиќ-ВИБ)
Друга техника на афоризмот е со прашања и одговори. 
На пример: “Зошто некои родители имаат многу деца? Затоа што не мислат на тоа. А како успеваат да ги нахранат и облечат толкуте деца? Повторно, затоа што не мислат на тоа. А можат ли сите да ги изведат на прав пат? Можат, бидејќи не мислат на тоа. Сѐ се може кога не се мисли многу на тоа.“ (Душко Радовиќ).
Почнувајќи од Библијата па до денес, во литературата има огромен број афоризми така што во денешно време многу претенциозно е човек да се пројавува како писател-афористичар. За да го предизвика читателовиот восхит, авторот треба афоризмите да ги нуди како добро истесани тројански коњи зашто инаку поначитаните читатели често во нив ќе препознаваат само одамна објавени афористични магариња или оригинални ама досадни крекања на уште една жаба која кренала нога за да ја поковаат.
Всушност, писателот кој објавува афоризми претендира да e доброволен Вилхелм Тел кој пред публиката ќе го оптегнува лакот на својот дух и од него ќе исфрла стрели за да го погоди јаболкото поставено на главата на неговата ќерка Суета. А бидејќи авторот си ја сака ќерката и страв му е да не ја повреди, нишани малку повисоко па така неговите стрели најчесто завршуваат забуцани далеку на буњиштето на заборавот, за таму тој и неговите неначитани и некритични читатели одвреме-навреме да распретуваат и да мислат дека нашле некое непреџвакано зрно мудрост.
Митре Р. Николов без многу да му ја мисли веќе е татко на четиринаесет деца-книги и како да се раководи од советот на Душко Радовиќ:
“Бидете горди и не ги признавајте своие порази. За сѐ што не сте можеле, речете дека не сте сакале. Величајте го она малку што го можете, исмејувајте го сето друго што е над вашите можности. Подигајте си споменици уште за време на животот. Нека ви биде најмал а не најголем оној споменикот на гробишта.“ 
Па така, Митре како афористичар веќе има објавено две книги: “Драки“ во 2006 година (со 650 афоризми) и “Фаланга до драките“ во 2009 година (со 680 афоризми). Заедно со сегашните 300 афоризми во најновата книга “Од трн на глог“, тоа е впечатлив арсенал од 1630 стрели кои, иако ретко поединечно ја погодуваат целта, стегнати во врзоп делуваат како моќна опсадна машина наречена овен, со чија глава авторот упорно удира во бедемот на Друштвото на писателите на Македонија за да го пробие и да си обезбеди тезга на македонскиот литературен панаѓур на суетите. Нека е жив и здрав Митре па наскоро и тој афоризам да се случи :-)
Категория: Поезия
Прочетен: 336 Коментари: 0 Гласове: 1
Последна промяна: 13.12.2013 11:29
05.12.2013 11:17 - Пет во едно
 

Во чест на 5-ти декември 2013 година, ставам на бесплатно располагање pdf. фајл од 4 МБ во кој се 

споени петте мои досега издадени книги:

  1. “Бегајќи од трпезата на моите црвци“ (поезија), вклучени се и моите препеви на сите 154 сонети на Вилијам Шекспир
2. “Аферата Неруда“ (поезија), вклучени се и моите препеви на книгата “Сто сонети за љубовта“ од Пабло Неруда
3. “Со рими клоцнат Буковски“ (поезија), вклучени се и моите препеви и преводи на 75 песни на Чарлс Буковски
4. “Помилуваниот владика“ (раскази)
5. “Ловејќи ја душата на Висоцки“ (поезија), вклучени се и моите препеви на 60 песни од Владимир Висоцки
Во секоја од моите книги има ваква копирајт клаузула:
“Со назнака на авторот, оваа книга слободно може да се размножува, во делови или целосно, во печатена или електронска форма.“
 
Категория: Поезия
Прочетен: 434 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 22.12.2013 06:09
    Ова е мој препев на “Писмото на Татјана до Онегин“ од рускиот поет Александар Сергеевич Пушкин

 

Ви пишувам, зар за нешто поарно знам?
И што повеќе можам да Ви кажам?
Сега од Вашата волја зависи мојот срам,
и дал`зарад презирот Ваш ќе тажам.
Но, ако мојата судбина Вас ве трогне
и срцето Ваше за сожал сила смогне
Вашите мисли ќе ми бидат стража.
Да си молчам и трпам првин сакав
за срамотата која лакомо ме јаде
па ни сега не би знаеле за ваа мака,
оти, бар да смеев да имам надеж,
дека пак ќе дојдете во нашиот крај
и дека, макар и ретко, пак ќе можам
да Ве видам во нашиов селски рај,
гласот мој со Вашиот да го сложам,
нешто малку потајно да Ви речам
а потоа да се каам во јад и мрак,
со денови раните да си ги лечам -
сѐ додека Вие не ни дојдете пак.
Но, табиетлија сте вие, тоа се знае,
тешко поднесувате селска апатија;
но, за Вас имаме радост која сјае
и тоа не е придворна дипломатија.
А зошто дојдовте во идилава цветна?
Во степата, кајшто животот ми мине,
јас сигурно Вас немаше да Ве сретнам
и не ќе знаев за страдов што ме кине.
Со мирни чувства, во душевен спокој,
може некогаш ќе му заскокоткав око
на некој што припросто пие од стомна,
ќе му станев сопруга тивка и скромна
за ко мајка нашите деца да ме помнат.
На друг! Но не, на друг не би го дала
срцево што копнежот луд ми го јаде!
Од пишаното не бегам, велам фала,
на Небото што мене на тебе ме даде;
та, целиот мој живот беше жирант
дека сред луѓето тебе ќе те сретам;
тебе Бог ми те прати да се смирам,
да ме штитиш до патот преку Лета.
Ти ми доаѓаше во соништата често
за они љубов за тебе да ми внушат;
од погледот твој не ме држи место
оти гласот твој одамна го слушам.
Не, мене не ме подлажа сон-гамен
зашто штом кај нас влезе јас знаев:
премрена во копнежниот пламен
јас овој човек во срцево го таев!
Зар не е верно дека веќе те слушав
кога помагав на една бедна душа:
во тишина ти умен совет ми кажа
како јад да лечам без шарена лажа,
со молитви чемерот да го блажам?
Зар не беше ти во оној час среќен
драго мигновение на мојата мечта,
што помина во ноќта како сенка
и ме погали како шепотно цвеќе,
вкоренувајќи ја на љубовта речта:
од надеж до очај нишката е тенка?
Кој си ти? Дали си мој ангел-чувар,
ил`дух кобен на искушение што тера?
Стивни ги сомнежите што ме гушат.
Може судбината сосем друго мува,
може утрето да е само мртво вчера
и заблуда сал на мојата млада душа.
Па, така нека биде, што да кријам?
На милоста твоја се предавам себе
и солзи на болката пред тебе лијам,
заштита молам од добриот во тебе.
Јас овде сум во осаменички помин,
немам никој што може да ме сфати;
снеможувам и духот мој се сломи,
со страдање моето срце ќе плати.
Те чекам, гласот на надежта во мене
оживеј го со поглед, направи чекор,
ил`од тешкиот сон тој нека ме крене
со горчлив ама справедлив прекор!
Завршив! Ред е малку да се смирам,
иако срамот страв в срце втерува.
Но Вашата чест убаво ми гарантира
и нејзе без страв ѝ се доверувам!

image

Категория: Поезия
Прочетен: 4160 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 09.09.2016 11:01
    Проблемот со македонската поезија, и воопшто, со светската поезија, е фактот дека неспособните поети почнаа прозата што хаотично  ја размавале во неритмични и неримувани редови да ни ја подметнуваат како песна.

 

Од век се знаело што е песна: дека тоа е текст кој е во редови така дотерани со ритам и рими што при гласното читање одѕвонуваат мелодиозно. Само таквите редови се нарекуваат  стихови. Ритамот, во основа, се остварува со еднаквиот број на слогови во стиховите кои се римуваат, а римите се остваруваат со  нагласено звуково совпаѓање на зборовите на краевите од стиховите.

Првичното име за `поезијата` е лирика а тоа значи пеење на некаков текст во придружба на жичениот инструмент лира.

Значи, во основа, поезијата е музичка дисциплина па дури и кога таа не се изведува во придружба на музички инструмент, минимум  нужен за нејзина идентификација како поезија е при рецитирањето да се забележливи ритамот и римите во неа.

Е сега, развитокот на поезијата вклучува и нејзино преведување од еден јазик на друг.

За да остане преведената песна песна и во целниот јазик, преведувањето мора да биде препејување а тоа значи дека препејувачот  треба оригиналната песна така да ја парафразира во целниот јазик што, запазувајќи ја формата (ритам и рими), таа да ги одразува  суштинските мисли содржани во оригиналот.

“Преведувачот на проза е роб на авторот а препејувачот на поезија е негов ривал!“(Василиј Жуковски, руски поет од 19 век)

Да се препее туѓа песна е двојно потешко одошто да се напише своја бидејќи, првин, треба да разбереш што точно авторот сакал да каже, а потоа, тоа да го парафразираш во стихови со ритам и рими. (Кога пишуваш своја песна, она првото ти е само по себе јасно.)

И тука доаѓа  до израз човечката склоност за искористување на секоја поволна околност за извлекување корист.

Неспособните поети почнале, без запазување на ритам и рими, песни од туѓи јазици да преведуваат и како книги да ги продаваат а тоа  кај читателите сепак наидувало на поволен прием бидејќи љубопитството на луѓето е неизмерно па наоѓале задоволство и во таквите “прозни варијанти на песни“ од други јазици.

А српската поговорка вели: “Прилика раѓа лопова!“

Следниот чекор на неспособните поети бил да почнат таква туѓа или своја проза, во неритмички и неримувани редови размавана, да ја претставуваат како свои песни и без многу труд да печалат.

Несомнено е дека она кое од некој текст останува како негова трајна уметничка вредност се метафорите употребени во него. Метафората е најсилното изразно средство бидејќи дури и како кратка споредба од збор-два генерира многу повеќе слики одошто самите тие збор-два содржат во себе. А вредноста на книжевното дело се мери со бројот на сликите што ги предизвикува во секунда  читање.

Но, овде зборуваме за разликување на проза од поезија.

Голема заблуда е дека поетите се “принцови на метафората“ – во прозните текстови на големите прозаисти има многу повеќе метафори  одошто во поезијата. (На пример, во патеписите на Федерико Гарсија Лорка има повеќе метафори одошто во сета неговата поезија. Или, само во романот “Есента на патријархот“ на колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес има повеќе метафори одошто во сета“поезија“ на Томас Транстромер и Волт Витман заедно).

Зборот уметност, во случајов со пишувањето, значи вештина која го надминува просечниот човечки капацитет за писмен израз. Но, вредноста на изразноста како уметничко својство на еден текст не може да биде пресудна за разликување проза од поезија.

Пресудна може да биде единствено формата која кај поезијата е потчинета на правилата за мелодиозност кои ги спомнав погоре.

Сето друго што отстапува од тие правила а се подметнува како поезија е всушност инвалидска поезија – или, како што големиот американски прозаист Курт Вонегат им пишал на едни средношколци:

“Да се пишува поезија во слободен стих е исто како да се игра тенис без мрежа!“

Пишувањето поезија и раскажувачка проза е вештина измислена за забава на луѓето а тоа дека ПРОУЧУВАЊЕТО на таа забава можело да се претвори во наука е само доказ за итрата добродушност на политичките елити – да се одразат како мецени давајќи милостина на трошок на државата image

image

Категория: Поезия
Прочетен: 271 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 02.12.2013 19:14
02.12.2013 12:59 - Полудена
 
Категория: Поезия
Прочетен: 374 Коментари: 0 Гласове: 0
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 563645
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502