Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 562606 Постинги: 749 Коментари: 120
Постинги в блога от Март, 2013 г.
 Денес да ти бил светскиот ден на поезијата, па за да одбележам чија куќа мрсно јаде, ви го давам мојот препев на поемата “Љубовната песна на Алфред Пруфрок“ од англискиот поет Т.С. Елиот.

Мото

“Да бев оној кој да му се врати на светот брза,
ќе сметав дека одговорот веќе сум ви го дал
и пламеноблујавиов јазик ќе ми беше врзан.
Ама, бидејќи амбисов нема ни врата ни џам
и никој жив не отишол од овој подземен бал,
за сѐ што чув ќе ви дрдорам без страв и срам.“
Данте, Пеколот, XXVII, 61-66

1
Да појдеме додека вечерта тоне спроти ова небо
како под опојка да е пациент на операциона маса;
да појдеме по улицата каде сиромавиот во џебот
до тивко ноќно засолниште во ефтин хотел стасал,
во ресторан послан со струготини служат школки,
таму тој ќе ги ублажи многуте свои бессони болки;
по полупусти улици водич ни е измамната химера,
до здодевниот доказ нѐ води со подмолна намера,
до надмоќното прашање од филозофската стоа…
Ох, немој да прашуваш волку рано `Што е тоа?`!
Ај да се правиме дека воопшто не ни се ита
и да уживаме во нашата откривачка визита!

Ко насретсело во собата жените се сноваат
и премудри тиради за Микеланѓело коваат.
2
Од прозорските рамови жолта магла грб си чеша,
на нив и жолтиот дим муцка трие ко да бара храна,
ги лиже аглите на вечерта што е четвртеста цреша
заглавена во бари заостанати во одводниот канал;
а кога од оџаците грбот на маглата го оросат саѓи
таа потскокнува изненадена, преку терасата ползи,
гледа дека октомвриската ноќ се истенчила бааѓи,
врти задкуќа и легнува да спие како небесни солзи.
3
И верно, ќе има доволно време за жолтестиот чад
сладострасно врз колковите на улицата да светне;
ќе има доволно време за сеуште да се остане млад
и да спремиш гард пред лицата кои ќе ги сретнеш;
твое ќе е времето во сите денови и за сите нешта,
ќе има доволно време да создаваш и да ништиш,
ќе има дигалка со која нечија рака, долга и вешта,
ти го сервира во чинија прашањето што те тишти.
И верно, и за мене и за тебе ќе има доволно време
за стотици колебања за возможен почеток или крај,
за стотици замисли и премисли да бидам спремен
пред да го лапнам колачето и го испијам мојот чај.

Ко насретсело во собата жените се сноваат
и премудри тиради за Микеланѓело коваат.
4
И верно, доста време ќе имам, за дилеми и теза,
да се прашам`Дали смелост во срцево носам?`.
Време кога ќе се свртам за по скали да слезам,
закитен со ќелавото теме насреде мојата коса,
(тие ќе речат:`Супер, косата не ќе му се дига`)
цврсто стегнат во мојот фрак, но не како позер,
со кравата модерна и скапа но со проста игла
(тие ќе речат `Бре, што има тенки раце и нозе!`),
дали тогаш доволно ќе бидам смел и со стис
да ја вознемирам вселената и саатното клатно?
Во минутата има доста време за настап на бис,
за одлука и за пишман што неа ја врти обратно.
5
А јас веќе ги знам сите нив, ги имам проверено,
знам вечери, утра, попладниња, знам жега и лад,
со кафени лажичиња животот го имам измерено:
ги знам умирачките гласови во умирачкиот пад,
придружувани со музиката од далечната соба.
Ни претпоставка ми треба, ни генерална проба!
6
А јас веќе ги знам сите очи чиј поглед е свиснат,
сите тие очи кои те втеруваат во шаблон и фраза:
а кога сум шаблонизиран и со топуската стиснат
ко еден од инсектите кои навидум и мртви лазат,
како тогаш јас би требало да почнам без горчина
од моите денови да ги исплукам сите догорчиња
и да претпоставам дека уживам а не дека мразам?
7
А јас веќе ги знам и рацете, сите ми се стиснати,
тие бели и разголени раце со бразлетни украсени,
(но, осветлени од ламбата, влакносани и виснати!)
Дали мирисите од фустанот ги сторија огнасени
моите денови што минат оддалечени и вџасени?
Раце спружени на маса, или затскриени со шал.
Па така, треба ли да претпоставам, без ронка жал,
дека за да тргнам ми треба само еден чекор мал?
8
Дека на самрак по улици лутав да кажам дали треба,
дека сетив тутунски чадја и мириси на тешки манџи
кои рееја откај осамените луѓе желни за поарни неба.
А можев да бидам сал еден чифт парталосани канџи
кои на дното на некое тивко море талогот го гребат.
9
И вечерта тивко залегнала во попладневна дремка!
Долгите прсти на саатниот бројчаник ја измазниле,
таа заспива, преуморна, или можеби само се фемка
испружена на подот, како јас и ти да сме ја казниле.
По чајот, колачите и сладоледот, по таа слатка низа,
треба ли јас насила моментот да го втерам во криза?
Иако постев и плачев, со солзи се молев пред Ѕидот,
иако на дискусот мојата оќелавена глава си ја видов,
јас пророк не сум, немам големо прашање или став;
видов дека моето време на величие е само секунда,
видов како вечниот лакеј ја придржува мојата бунда,
кратко речено, јас поминав низ секој трепет и страв.
10
И по толку кафиња, мармалад, по толку испиен чај,
среде тој порцелан, среде муабет меѓу тебе и мене,
дали воопшто може да има вредност и некаков сјај,
дали е толку драгоцено за на престолот да се крене,
јунаштвото дека со насмев го оставаш зад себе сето,
дека сета вселена ја сплескуваш во сал едно ќофте,
дека се вртиш кон некое надмоќно прашање клето -
за потоа да видиш дека промашување е тој повтеж
зашто токму кога ќе разгласиш дека си оној Лазар
што од мртвите е вратен, дека ти на сето си сума,
домашниот есап не ти го признаваат на овој пазар -
залегнатиот в кревет вели: `за тоа не станува дума`.
11
И по тие зајдисонца в градини пред влезни врати
во улици извалкани, по толку романи и шољи чај
и предолги сукњи и толку плати и долгови и рати,
по многу други нешта, вреди ли тоа како за крај?
Невозможно е да се каже што точно јас мислам,
зашто како магична ламба по нерви да ми шета,
ме турка во обрасците на некој екран да киснам
и да се прашам вреден ли е тоа ќар или е штета,
бидејќи секогаш има некој што ќе ти дупне гума:
удобно залегнат в кревет, тој џитка мисла клета -
дека ти врска немаш, за тоа не станувало дума.
. . . . .
12
Јас не сум принц Хамлет и не мислам да бидам,
само прислужник сум за напредокот да брекне,
да почнат една или две сцени меѓу четири ѕида,
да го советувам принцот кога нема да му текне,
почитуван, сигурен алат сум, лесен за ракување,
политичар, претпазлив, педантен но малку глуп
оти напати сум високоумен па ми треба чување;
верно, некогаш сум и смешен па испаѓам труп,
во мене Будалата и Џокерот најчесто се на куп.
13
Стареам, од она кое вредеше останаа само талони,
веќе ги подвиткав ногавиците на мојте панталони.
На плажа спружени сирени си пеат една на друга,
смеам ли праска да загризам а патецот на тилот?
Не ни помислувам некоја со мене да сподели шуга,
си седам мадро, се правам како ништо да не било.
А гледав, они похотно на морето му се подаваат,
седите коси му ги мрсат дури на таласите јаваат.
И ние долго се сновеме низ тој морски харем,
и ние би сакале така да ни прават и да правиме,
тие сирени да нѐ впрегнат во љубовниот јарем -
но човечките гласови нѐ будат и ние се давиме.
Категория: Поезия
Прочетен: 737 Коментари: 1 Гласове: 1
Деновиве  ја издавам третата моја печатена книга, со податоци како подолу. Pdf. верзијата може да ја симнете оттука или оттука ====================================================

image

=======================================================

Оваа книга е целосна одговорност на авторот, од пишувањето до печатењето.

 

Отпечатена е во 100 примероци кои тој бесплатно ќе ги растури кај читателите.

Со назнака на авторот, оваа книга слободно може да се размножува, во делови или целосно, во печатена или електронска форма.

CIP – Каталогизација во публикација

 

Национална и универзитетска библиотека

“Св.Климент Охридски“, Скопје

821.163.3-1

БОЧВАРОВ, Љубомир (Круме)

Со рими клоцнат Буковски: поезија / Љубомир (Круме) Бочваров,

Свети Николе : М. Николов,  2013. – 116 стр. ; 21 см

ISBN  978-608-65146-8-6 COBISS.MK-ID 93411594

Содржина

стр.

Прв дел:  40 мои песни

 

од 5 до 26

Втор дел: мои препеви и преводи на 75 песни од американскиот поет Чарлс Буковски

 

од 27 до 94

Трет дел: мои препеви и преводи на 14 песни од американската поетеса Силвија Плат

 

од 95 до 102

Четврт дел: мои препеви на 14 светски познати песни

 

од 103 до 115

Категория: Поезия
Прочетен: 487 Коментари: 0 Гласове: 2
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 562606
Постинги: 749
Коментари: 120
Гласове: 502