Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 316337 Постинги: 730 Коментари: 119
Постинги в блога от Август, 2010 г.
 

 

Ова е мој препев на Шекспировиот сонет бр.2

1.

Кога веѓите ќе ти ги сардиса четириесеттата зима

поткопувајќи ти ја убавината со длабоки шанци,

ќе биде троскот парталав, безвреден да се има,

младоста твоја што сега мами на зјапачки танци.

2.

Не се прашувај тогаш зошто веќе не си згоден,

твоите длабоко поткопани очи ќе се оној олтар

на кој е жртвувана убавината на твојот подем -

расипничка награда што секој гладно те голтал.

3.

А колку помало ќе биде твоето старечко бреме

ако можеш да кажеш:“Ова е мое прекрасно дете

и доказ дека не залудо го минав моето време.“

Убавината негова наследство на твојата сплете!

4.

Ти ќе бидеш тоа, препороден, сам на себе чуден -

твојата крв ќе тече топла иако ти ќе си студен.

=============

Еве го оригиналот:

When forty winters shall besiege thy brow

And dig deep trenches in thy beauty’s field,

Thy youth’s proud livery, so gazed on now,

Will be a tattered weed, of small worth held.

Then being asked where all thy beauty lies,

Where all the treasure of thy lusty days,

To say within thine own deep-sunken eyes

Were an all-eating shame and thriftless praise.

How much more praise deserved thy beauty’s use

If thou couldst answer, “This fair child of mine

Shall sum my count and make my old excuse,”

Proving his beauty by succession thine.

This were to be new made when thou art old,

And see thy blood warm when thou feel’st it cold.

Категория: Поезия
Прочетен: 215 Коментари: 0 Гласове: -1
Последна промяна: 01.09.2010 00:08
 

Ова е мој препев на сонетот бр.20 од Вилием Шекспир.

1.

O,господарски учителу на моето страдање -

нежност и срце меко Природата ти дари

но без шминкерајот и блуткавото бладање

што жената ги применува за маж да ќари.

2.

Со поглед поблескав од било што денски

но без кокетност и дволичност воспитан,

ти како виножито, и на мажи и на женски,

им крадеш воздишки за да ти се восхитат.

3.

И откако Природата првин жена те створи

се премисли и за себе машкост ти насади

па иако за тебе ко за жена срце ми гори

поразена ми е мислата за твоите наслади.

4.

Но,ако, бар за твојта љубов уши ми ѕунат

а Стојко твој нека ги љуби женските руна.

—————

Еве го оригиналот:

XX

A woman’s face with nature’s own hand painted,

Hast thou, the master mistress of my passion;

A woman’s gentle heart, but not acquainted

With shifting change, as is false women’s fashion:

An eye more bright than theirs, less false in rolling,

Gilding the object whereupon it gazeth;

A man in hue all hues in his controlling,

Which steals men’s eyes and women’s souls amazeth.

And for a woman wert thou first created;

Till Nature, as she wrought thee, fell a-doting,

And by addition me of thee defeated,

By adding one thing to my purpose nothing.

But since she prick’d thee out for women’s pleasure,

Mine be thy love and thy love’s use their treasure.

Категория: Поезия
Прочетен: 233 Коментари: 0 Гласове: 0
 

 

Ова е мој препев на песната “Меко место за паѓање“ што ја пее кантри-пеачката Алисон Мурер во видео-клипот подолу.

Под клипот е текстот на оригиналот на песната.

Меко место за паѓање

1.

Еве, пак крај тебе ме затече зора рујна

да се послужиш со мојата љубовна кујна;

но,значајните нешта одбегнуваат раѓање

кога стално бараш меко место за паѓање.

2.

Молам,бејби,немој погрешно да ме сфатиш,

со враќање на филмот не сакам да платиш,

но ти треба добро да знаеш зошто реков

дека и јас за паѓање барав место меко.

3.

Барав меко место,не ти го барав тронот,

туку сал мало ќошенце со твоја склоност

за трошка љубов, како во детска басна,

со порака божем скриена а секому јасна:

не бев јас со умисла и за одмазда гладна

само топол кревет барав во ноќта ладна!

4.

А кога ќе се разбудиш и ме побараш надвор

јас ќе бидам далеку од љубовниот затвор -

ти си оној што ми покажуваше често

како се наоѓа за паѓање меко место.

=========

========

А soft place to fall

Daylight has found me here again

You can ask me anything, but where I’ve been

Things that used to matter seem so small

When you’re looking for a soft place to fall

Don’t misunderstand me, baby, please

I didn’t mean to bring back memories

You should know the reason why I called

I was looking for a soft place to fall

Looking for a soft place

Nothing more than a small taste

Of a love that ended long ago

Looking for a place to hide

A warm bed on a cold night

I didn’t mean to hurt you

No, no, no

Looking out your window at the dawn

Baby, when you wake up, I’ll be gone

You’re the one who taught me after all

How to find a soft place to fall

Категория: Поезия
Прочетен: 331 Коментари: 0 Гласове: 0
15.08.2010 17:48 - АГЕНТ ЗА СЛАВА
 


- Ѕрнн!

- Повелете, јас сум агентот на скулпторот Филип Димитровски.

- Видете, сакам да прашам прелиминарно и анонимно.

- Добро, господине, ви гарантирам дискреција во секој случај!

- Е па види вака: јас сум самец и под старост станав интернет-писател па за мојата вечна слава сакам маестрото да ме  изработи во мермер и во природна големина да ме постави во центарот на Скопје. Колку пари ќе ме чини тоа?

- Хахаха, многу необична замисла, господине! Ама не и невозможна! По правило, статуите на стари луѓе се поскапи.

- Е зошто бе?

- Е па има повеќе работа бидејќи фигурата е веќе искривена, треба да се додаде бастум за потпирање. Натаму, ликот е брчкосан и обично се прикажува натрупан со алишта. Мислам, сфаќате дека тоа се компликации во однос на една мазна младешка фигура која обично се прикажува со минимум алишта.

- Добро, ама кај мене само брчките на лицето малку ќе ја качат цената. Инаку, мене не ќе ми требаат алишта бидејќи вежбам секој ден, исправен сум како пушка, мазен сум а башка пак, и се бричам метросексуално.

- Хммм, а како замислувате да ви биде позата, господине метросексуалец?

- Па би сакал маестрото да ме прикаже обуен во патики, облечен само во шорц и во поза зад неговата статуа “Шмизла“, во обид да ја пофатам за газ.

- Хахаха, малце перверзна ви е замислата, господине!

- Е што бе, баш би била интересна толкувачка приказна: шмизлата на телефон безуспешно лови некој млад богат за да го заведе а ваму зад неа еден пензионер прчовито и`се пушта! Симболика на животните судбини кои обично се криво споени!

- Зошто би било криво споено?

- Па младиот богаташ е и паметен, зарем шмизла ќе земе за жена? Сигурно е дека она ќе си остане стара мома. А да е умна, ќе си го земе стариот, колку-толку обезбедено стан,пензиичка а наскоро и целосна слобода, оти стариот ќе си умре.

- Хахаха, господине, вие навистина имате фантазија.

- Ти кажав, јас сум интернет-писател и се токмам да бидам славен, затоа и ми треба споменик во центарот на Скопје.

- Е па славата чини доста пари, господине. Значи вака: без гаранција дека ќе биде поставена токму на местото кое го посакавте, вашата статуа од италијански мермер ќе ве чини 100.000 евра а од прилепски мермер 50.000 евра.Самото вадење дозвола вашата статуа да биде до “Шмизлата“ ќе ве чини 10.000 евра.

- Леле, ме закопа со воа цените, ебаго! Не бива бизнис со вас! Ќе пробам самиот наживо да се статуирам!

- Како мислите тоа `наживо`?

- Секој ден по неколу саати ќе стојам покрај шмизлата и одвреме-навреме ќе ја пофаќам за газ! Белким така уште повеќе ќе се прославам па градот ќе посака да ме овековечи и со споменик што секако пак маестрото ќе го изработи ама на државен трошок.

- Хахаха, пробајте господине, од мене ја имате сета уметничка поддршка!

- Да бе, ќе го наречам Перформанс “ Старечки апетит“, за да не ме чачка полицијата! Е па фала ти многу, агенту, сепак колку-толку ме оправи и ако навистина станам славен, ќе те земам за мој агент!

===========

Во меѓувреме ми текна како самиот да си направам скулптура a најдов и упатство на интернет.

http://www.wikihow.com/Create-a-Packing-Tape-Sculpture

Категория: Поезия
Прочетен: 348 Коментари: 0 Гласове: 0
 

Мој препев на песната Funeral blues од американскиот поет Вистан Хју Оден, кого пошироко го претставува Шарлот на својот блог.

1.

Запрете ги саатите, телефонот исклучен да е,

спречете кучето лигаво по сочна коска да лае,

клавирите и тапанот тишината да не ја кршат -

изнесете го ковчегот за тажачките да свршат.

2.

Нека пуштат авиони, по Небото да Му нишанат

за веста дека Тој е Мртов да биде испишана.

Беловратните гулаби нека си врзат црна пафта

а сообраќаецот со црни ракавици нека мафта.

3.

Кон сите страни на светот Тој ми беше очи,

моја секојдневна надница но и ден за почин,

пладне и полноќ ми беше и мој омилен чешит,

но дека во љубов ќе сме довека – тоа згрешив.

4.

Ѕвездите не се веќе пожелни, секоја да згасне,

Месечината на шестка – и без Сонце сум јасен,

иссипете го океанот а ветрот шуми нека смете -

нешто добро засекогаш веќе нема да ме сретне.

Категория: Поезия
Прочетен: 416 Коментари: 0 Гласове: 1
Последна промяна: 08.08.2010 22:00
03.08.2010 22:33 - СЛАМЕН ПОКРИВ
 

 

- Здраво батко Милчо!

- Кај си бе Бочвар! Ебате адвокатот, си спаднал на интернет-писател!

- Да бе, токму збирам податоци за напис “Свети Николе во Втората светска војна“.

- И како било?

- Па, според кажувањата, мирно било, немало воени дејствија ни цивилни жртви. Цело време во градот имало стационирано германска единица за врски што ја опслужувала регионалната релејна радио-постројка. На крајот на војната, се спакувале и си отишле.

- Може во градот така било ама кај нас во селото, имаше жртва. Јас тогаш имав само три години ама добро запомнав.

- Е како било тоа?

- Знаеш, нашето село е веднаш до макадамскиот пат од Велес кон Штип. Нашата куќа беше единствената над патот, до главната чешма и школото а сите други куќи беа на падините под патот. Во телото на патот имаше изѕидано околу метар и пол висок и метар широк одводен тунел, ние децата таму си игравме криенка-миженка. Татко ми беше писмен, пред војната имал нешто земја ама претежно бил полски чувар. Имаше негова пушка манлихера која во близина на селото уште како дете во Првата светска војна ја прибрал по еден судир на српските со бугарските војници . По окупацијата во Втората војна, сам се понудил и Бугарите го ставиле да биде кмет на селото. Единствено нашата куќа беше покриена со тенки камени плочи, сите други куќи имаа сламени покриви. Кога го правеле школото, по грешка нарачале повеќе покривни плочи па преостанатите тате ги купил за ефтино.

- Снаодлив бил татко ти а ти на него си се метнал!

- Е што, легално било, борба за живот, ебаго!

- Така е, батко Милчо! И што било понатаму, конкретно за жртвата.

- Е па Германците уште на почетокот на окупацијата издале проглас што бил читан насекаде за секој што има било какво огнено оружје, во одреден рок, да го предаде на воените власти, без страв од последици. Било објавено дека по истекот на рокот ќе се врши претрес на секоја куќа и дека ќе биде стрелан секој кај кого ќе се најде оружје. За оружје најдено во јавни објекти, ќе одговара кметот на градот или селото. На татко ми не му се давала пушката и ја скрил, ја заѕидал во нашата кочина. Потоа, откако цела година немало претреси, се видело дека ѓурултијата се` завршила со повикот. Татко ми се олабавил, си ја извадил пушката и ја користел за лов на крупен дивеч. Арно ама, кога на крајот на војната Германците решиле да се повлечат, за да си обезбедат мирен помин по патиштата, почнале претреси во сите крајпатни села. Без било какво предупредување, ги сардисувале селата и вршеле детален претрес по куќите. Кога дојдоа во нашето село, возилата ги паркираа во дворот на школото а татко ми прв ги виде и разбра што ќе прават. Немаше време пушката да ја крие како порано. Мајка ми ја фана паника, почна да кука ама тате ја смири и рече дека ќе се снајде. Брзо ја зеде пушката од таван и заедно со пачките муниција, затскриен се спровна низ одводниот тунел и пушката и пачките ги боднал во нискиот сламен покрив на првата куќа под патот и пак брзо и незабележано се врати дома.

- Е па нели можел да ги фрли пушката и муницијата во тунелот, немало кај него да ги најдат.

- А бе нели ти реков – во прогласот било кажано дека за оружјето најдено во јавни објекти ќе одговара кметот. Тате морал да игра на сигурно.

- Да, извини, и што било после?

- Што било – кај нас претресоа прво, ништо не најдоа, го проверија и одводниот тунел и во првата куќа под патот го забележаа пресно надуениот сламен покрив и ја најдоа пушката и муницијата. Го прибраа соседот, татко на две деца колку јас што бев тогаш и го доведоа за еден војник да го чува во школото. Човекот ја знаеше пушката на татко ми, молеше и колнеше на цел глас ама само ние го разбиравме, Германците си го гледаа претресот и го завршија. На крајот, двајца го одведоа соседот долу под селото кај што беше дупката за фрлање умрени животни и го ликвидираа по кратка постапка. Ете, тој беше единствената цивилна жртва во германската окупација на светиниколската околија.

- Да, тажна приказна, навистина. Инаку, ти како си, како судиската работа?

- А бе ти кај живееш? Не сум веќе судија, присилно ме пензионираа, мамето нивно комунистичко, а 40 години верно им служев!

- Како мислиш – присилно?

- Па наполнив 40 години работен стаж а имав 63 години. По новиот закон, нема улога стажот, битна е староста од 64 години и требаше уште една година да си работам ама на комунистиве им се брзаше да турат некој млад нивен и без да ме прашаат, ме разрешија, божем правев приговор до Собрание ама ништо, не ми дадоа ни збор да кажам, ме ликвидираа по кратка постапка!

- Добро, па слободен си сега, немаш стрес од работата!

- Каков стрес бе, во наша фамилија нема стрес, јас сум стар волк а примањата ми се преполовени!

- Е па постави се спрема неправдата филозофски – да речеме, прифати ја како еден мал реванш на судбината за постапката на татко ти со криењето на неговата пушка во соседовиот сламен покрив.

- Хмм! Бочвар, понекогаш и ти имаш бистри моменти!

Категория: Поезия
Прочетен: 411 Коментари: 0 Гласове: 0
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 316337
Постинги: 730
Коментари: 119
Гласове: 486