Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
моите песни - земјотресни :-)
Автор: lupcobocvarov Категория: Поезия
Прочетен: 343243 Постинги: 738 Коментари: 120
Постинги в блога от Април, 2017 г.

Во 19 век во Велес живеел еден стар ерген што ја имал среќата како единец, од татко му трговец да наследи доволно пари за животот да го минува по меани и во повремени посети на локалниот курварски салон. Но, кога наближил кон педесеттата година од својот нездрав живот, сфатил дека ќе му треба жена за да го двори под старост па по дуќаните и пазарџиите разгласил дека сака да се жени. Чуле за тоа и тројца браќа од едно велешко село. Тие имале сестра која останала стара мома, откако по раната смрт на нивната мајка практично им станала втора мајка но и слугинка на браќата во текот на нивното растење. Иако многу си ја сакале, бидејќи сега веќе не им требала, решиле да ја омажат за велешкиот ерген. Нему тоа му се видело како добра прилика: селска жена, навикната на покорност, без ризик да роди. А тој ќе си тера пак по старо. И биднала работа, се венчале. Жената го трпела ергенскиот живот на својот маж но еднаш тој ја удрил неколку пати со тупаница по главата зашто наводно му подметнала леген со прежешка вода за да му ги мие нозете. За ќотекот разбрале соседите па еден од нив со интригантски табиет, во пазарен ден му кажал на еден од браќата на жената. Овој им кажал на другите двајца и сите многу се ожалостиле за својата сестра па наредниот ден отишле во градот за да му го дотераат умот на зетот. Во градот прв ги видел токму соседот на бељаџијата па сакајќи да ја предупреди ѓурултијата што би настанала во нивното маало, побрзал пред нив и му кажал на женотепачот што му се спрема. Овој му се заблагодарил на соседот и веднаш се облекол како за на подолг пат и на жената ѝ кажал дека ќе оди во Прилеп за да наплати некоја стара вересија и дека таму ќе се задржи цела седмица, сметајќи дека за толку време ќе им помине лутината на неговите шуревци и дека ќе си отидат во селото. А на соседот што пријателски го предупредил, му кажал дека всушност ќе иде само до Превалец, околу еден километар од градот кон Прилеп, каде ќе се засолни во куќата на баждарџијата. Го замолил соседот, преку пазарџиите кои се враќаат кон селата накај Прилеп, секој ден да го известува, дали браќата на жена му се уште во градот. А за пренесувачите на пораката да не знаат за што точно се работи, на соседот му рекол на пазарџиите да им каже дека е доволно само еден збор да кажат „сеуште“ и тој ќе знае дека браќата-одмаздници се уште се во градот. А кога ќе си отидат браќата, пораката требало да биде “безгајле“. И верно, десет дена бељаџијата од разни пазарџии добивал абер “сеуште“ иако здушно и порано очекувал “безгајле“. Но, по десетте дена чекање, браќата-одмаздници се оладиле од лутината а и си имале заостанати обврски дома па единаесеттиот ден се поздравиле со сестра им и заминале в село. Соседот тоа го забележал и по еден пазарџија накај Превалец пратил абер “безгајле“ та вечерта бељаџијата се прибрал дома. Се разбира, благодарение на недодржливо интригантниот сосед, овој случај станал градско мезе и во говорот велешки зборот “сеуште“ се зацврстил како поим за нешто кое “е уште“ иако се очекувало дека нема да биде. Јас зборот “сеуште“ така го пишувам затоа што: 1. “сеуште“ во однос на “си уште“ е три пати полесно да се напише; 2. тој збор значи дека нешто е постоечко иако се надевало или очекувало дека нема да постои. Значи, тој збор е составен од глаголот “е“ и од прилогот “уште“ а не од заменката “си“ и од прилогот “уште“. 3. тој збор, напишан како “си уште“ е глупост бидејќи ако нешто веќе е “си“ не може да е уште повеќе од тоа.
Категория: Поезия
Прочетен: 1533 Коментари: 1 Гласове: 2
Последна промяна: 30.04 15:12
 1
Сношти, додека јас дремливо накај сонот паѓав,
ми дојде таа полусоголена во кошулка од лен,
се огледуваше ко Нарцис, божем стихови ќе раѓа,
а од очите ѝ искреше битка во која јас сум плен,
усните ѝ беа рујно вино но мајтапот ѝ ги гризнал,
дека беше распупена росна роза баш си признав
кога одеднаш таа лекичко в кревет ми се лизна.
2
Полузаспана, ме брецна получујно, со глас чуден,
со мека воздишка помеѓу секој задорлив збор,
“Спиеш ли бе, љубовнику мој стар, или си буден!“
И веднаш за неа се исправив јас цврст како бор,
ѝ го пиев кое и да е вино, не оставав капка фира,
дали вино од меана беше или гроздоберна шира,
беа тоа рајските вина и секако ќе беше многу шубе
ако одбиев вино од неа налиено, светот ќе го грубев
како предавник кон виното и кон таа што ја љубев.
А чистотникот што се буни, во неврат нека зајде,
боговите одредиле тоа вино нам да ни се најде,
тоа е божествен декрет, нема сомнеж ни трошка,
проколнати сме на локање а дадена ни е прошка. 
3

Ах, Хафизу, зар во светов сал твоите грешки беа,
дека покајанието си го ветил а потоа си го згазил;
та кој може, исполнет со вино и при женска смеа,
заробен од страст, такво тешко ветување да пази!
О Гордиев јазлу, исполнет како цвет со опоен мирис,
го силуваш овој покајник што не може да се смири!

Препев од англиската верзија:
https://archive.org/…/o…/odesfromdivanofh00hafiuoft_djvu.txt
******************
Хафиз, 22 препеви за принт, 8 страници А4
http://www.mediafire/file/d6285h3cuu3w6yg/Hafiz_22_prepevi.pdf

Категория: Поезия
Прочетен: 257 Коментари: 0 Гласове: 1
Последна промяна: 18.04 22:16
 1

Љубена, за сето што е скриено од погледот мој болен,

Господ нека се грижи и од бол и неволји да те чува!

Дење и ноќе ми недостигаш, без тебе сум жедно поле,

но сепак срцево и тогаш е со тебе во стварноста сува.

Додека во погребен покров во гробен прав се влечам,

протегам раце да ги допрам полите на твојот фустан,

со надеж дека бар они мојата болка може да ја лечат

кога не може да ми е достапна твојата докторска уста.

2

О, покажи ми ги молитвените лакови на твоите веѓи,

да можам да ги кренам рацеве како во божјиот храм

и да те гушнам наспроти законските и морални меѓи

што одредиле дека невенчано да се љуби било срам.

И, ако е запишано дека за тоа треба да се плати цена,

врз вжештениот вавилонски песок на глава ќе дубам,

како паднатиот ангел Харут, ќе пробам да те пленам,

макар и со магија да ти кажам колку многу те љубам.

Љубена, ако не за друго, подари ми ја милоста твоја

за атер на молитвите на моите до гроб верни колена.

Барем еднаш да те видам, да заврши голготава моја

со милост, со солзи на моето срце од тебе измолена.

3

Моиве тажни очи се обилните извори што ги полнат

стоте липтежни потоци кои во градиве ми се сливаат;

ти праќам семки на мојата љубов со таа река болна,

со надеж дека на брегот на твоето срце ќе допливаат,

дека таму барем една ќе прорти и ќе забие корен јак,

за потоа милионите ливчиња да бидат јасен мој знак

дека ти си моја љубов, мој копнеж прв и последен,

и дека барем за трошка твое внимание сум вреден.

4

Љубена, ти ме прободе со очите твои што се анџар,

крварам и немам надеж а сепак по доктор праќам:

докторот си ти иако знам дека си убиствената манџа

што со очиве ја исркав за сега од земја да се траќам.

О, љубена, неук доктор си, за ваква болка не ве учат,

оди лекувај друг пациент, јас сум безнадежен случај.

5

Ако очиве ми се израдуваат од лицата на некои други,

ако срцево за некоја друга жена породи копнеж поган

искорни ми ги очите кои на неверството станале слуги

а срцето нека ми се пеплоса во жарот на вечниот оган.
Хафиз, Хафиз, за вино, за жена и за песна си гладен

со таа ли љубов сакаш кај Љубената да одиш на гости?

Добро, добро, прави си како ќефот твој ќе ти даде,

со надеж дека Она на блудник како тебе ќе му прости.

********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 194 Коментари: 1 Гласове: 1
Последна промяна: 12.04 09:50
 1

Без добро старо вино, пролетта не е пролет за мене!

Без твоите образи што како лалиња си ги потпалила,

милослив воздух од градини и ливади не ќе се крене

и розите не се рози ако ти со очите не си ги погалила.

2

Половина од неговата милина телото твое секако губи

но кога јас со копнежлививе очи го гушкам, таа е цела;

устата твоја мед лачи само кога мојата сака да ја љуби

инаку за други усти, отров токми како збеснета пчела.

3

Напразно кипарисот за галење на зефирот му се нуди,

само ако славеј слета на него, ќе има кој да го слави.

Умот создава фантастични слики за рајата да се чуди,

ама само сликата на љубената него мудрец го прави.

4

Сигурно е дека добро однегувано вино е лек згоден,

зелената градина без пријател во неа е како загубена.

Хафиз, твојата душа залегна на метал неблагороден,

не копаничари го врз него лицето на твојата љубена.

***********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 101 Коментари: 1 Гласове: 1
Последна промяна: 10.04 19:20
 1

Едно време пред порта ти живеев и не бев згрозен,

очите ми блескаа наросени од невидливиот прав

што се дигаше кога во близина минеа твоите нозе;

а лице штом ти видев, срцево имаше ритам здрав.

Мислата на твојата душа ја повторуваше мојот јазик,

кога разумот срцето мое за доверлив совет го праша,

претпочитав твојата мудрост довербата да ми ја пази,

и не се плашев дека ќе згине таквата блискост наша.

Тука, во тој комшилак, ко во розна градина спастрен,

можеше да се гледа дека Хафиз како здравец расте.

2

Но, за жалост, таквата моја сигурност сега е минато!

Љубена, која е причината што крадешкум те снема?

Прашав сѐ живо зошто пријателството ни е раскинато

но за заздравувачки одговор сечија уста остана нѐма.

Сношти, барајќи си утеха од бедноста што ме снајде,

во меаната отидов и во врчвата со вино се вгледав,

мислев како она од ногарките нема никакво фајде,

во глиненото подножје изгледаше ко сопната беда,

меанџијата со винска крв грубо ја наполнил до горе -

и ете, токму таква врчва полна јадови јас сум сторен.

3 

 

А потоа, мислев на Абу Ишах, мил и побожен човек,

кој две децении на Шираз градоначалник му беше:

сите очекувавме дека со него ќе ни биде убаво довек

а загина од превратници што светов им бил грешен!

Воздигање и пад се темелите на нестабилнава сфера,

сега прȧв е оној што законодавен печат беше вчера!

Хафиз, зар до неодамна ти не беше еребица на раат,

што се кокореше несвесна за несреќата што веќе иде:

заслепена, единствено гледаше пердувите да ѝ сјаат

и дебнечкиот сокол на трагичната судбина не го виде!

***********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 116 Коментари: 0 Гласове: 0
1

Еве го мигот кога низ воздухот чудна сладост се шири,

од љубената е замајувачкиот оддалеку дојден мелем,

и ширум летната ноќ сѐ живо под небесата се смири,

како од нејниот пламен божествена мȧна да сме зеле.

И за момент се осветлени бавноизодените километри,

растојанието потскокнува во дневниот сјај и се светри,

како да е мимолетна насмевка на љубената, го снема,

а јас ги видов камилите како наидоа во поворка нѐма.

2

Камилогоничи, растоварајте, голем одмор нека биде,

богат е товарот што трговците нестрпливо го чекаат,

но ветерот Северец сигурно навести дека таа ми иде

а телово и душава одамна по неа изгладнети пекаат.

Ах, летна молњо, знакот твој за разгатнување е лесен,

вели дека во душата на ова лето радоста ќе се внуши:

кога од едно до друго срце громовниот лак ќе блесне

и сѐ ќе биде добро во длабоката тишина на тие души.

3

Не биди нестрпливо, срце, жалта никому не носи мираз,

иако љубената е многу долго далеку од погледот твој,

ќе дојде таа пак, за тебе и за восхитот на целиот Шираз,

како чудесија на изгрејсонце, заедно со славејниот пој,

ќе дојде за да ги утеши седумте виножита во очите мои,

кои се вцрвени од крвта на солзите што за неа истекоа,

се мешаа боите на розите со крвта на срцето многу често

и висеа како таписерија од солзи за која мнозина рекоа:

мојот ткајачки дуќан треба да се прогласи за свето место.

4

Љубена, болните мисли на изгладнетото срце си ги чула,

кога разгласував дека легендарната уста на лицето твое

ги инспирира математичарите да го воведат бројот нула,

дека бисерот на невидливоста од твоето семе е скроен,

дека сум човек кој животот го потроши во залудна беда

барајќи ја устата толку многу малечка што да не се гледа:

ќе има ли друг ваков горделив бајрактар на лудите чеда!

5

Хафиз, јаремот на љубовта кон љубената тешко се носи,

никој заради твојата величествена љубов не ќе те слуша!

А дали некогаш Хафиза лутина против љубената го коси?

Зар воопшто е можно човек да биде лут на својата душа?

Љубена, од љубов за тебе Хафиз сигурно е скршен молив
не бој се да дојдеш на неговиот гроб зарад твоите злости,

праведно беше што ти неговата крв игнорантски ја проли

на гробот прочитај го неговиот епитаф: Хафиз ти прости!

**********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 134 Коментари: 0 Гласове: 0
Последна промяна: 06.04 11:54
 1 Пролетта изникна со сите спреми, лалињата и трендафилите пак се тука; само ти, спанко мал, остана вземи, безгрижен во сонот за мојата скука. 2 Спанко мал, пролетта сега ми е друшка додека залудно твојот гроб го гушкам; априлскиот дожд по лицето ми ползи но не успева да ги измие моите солзи. 3 Но што ако солзите не залудно течат, ако ти како цвет малечок ми никнеш! Бол и тага нема помалку да ме печат но бар срцево на загубата ќе свикне.
*Се верува дека Хафиз песнава ја напишал по повод смртта на неговиот мал син.
Препев од англиската верзија: https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/odesfromdivanofh00hafiuoft_djvu.txt  
Категория: Поезия
Прочетен: 69 Коментари: 0 Гласове: 1
 1

Црна ноќ ми е секој ден ако не го видам лицето твое,

со него ти на розите им наметнуваш пелерини од роса

и сиот живот е правлива смрт ако со тебе не е скроен,

и за светови не ги сметаат тие што твој белег не носат.

Нажален, заплакав кога неодамна ти збогум ми рече,

силата на моето видело беше испрана од очите мои,

твојата слика, кралица на глетките, кажа реч која сече:

дека руина каква е моето око, за свој дом не го брои.

2

А до неодамна ти беше моја и секој ден бев како нов,

но сега денот на мојата смрт оддалеку веќе ме плаши,

пропаста ми е во најдобро издание а јас, нејзиниот лов,

животот си го мерам со здивот помеѓу винските чаши.

Мракобесниците, што секому удираат последен печат,

за тебе, љубена, далеку нека се од денот кога ќе речат:

 “Од тебе ништо не остана за в море или за на небо!“

 Ах, јас тоа нема да го исползувам како кец од џебот,

да мислам дека си се покајала и дека пак си мој ќар:

та јас тогаш ќе бидам сал здив прашина, сенка на зȧр,

сурова анатомија, облека од пепел и споменик стар.

3

Од толку многу плачење исцедени и суви се моите очи,

и ако ти, љубена, сакаш да го видиш најмачниот врв,

слободно кажи, немој задоволството да си го кочиш,

остана можноста да ти плачам со солзи од мојата крв!

Хафиз, трпението и смеата треба доктори да ти бидат

но како, растворен во слабост, би имал сила трпелива?

И тага и радост немаше денес, а ни во дните што идат,

не може да очекуваш дека, за лек, утехата ќе те целива!

**********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 69 Коментари: 0 Гласове: 0
1

Љубовта е замамното море кое нема ниту еден брег,

на тоа мориште за напомош никој нема да се крене,

кој плови по него веќе нема да види ни песок ни снег

а сепак, ќеф ми е што таа пловидба ми се падна мене.

Ах, колку е убаво по тоа море и најдолго да се плови!

Па што и ако горделивиот брод мора да сведне глава,

мојата љубена на ист тој брод со мене радоста ја лови,

па ако е ред она да тоне, кабил сум и јас да се давам.

2

Со заљубен маж разумен муабет не може да се води,

исто е како да трошиш аргументи против добро вино,

љубовта има мудрост што со мудрост под рака не оди,

разумот не знае како нѐ обира божественото казино.

Среќното срце лесно си го наоѓа својот среќен плен,

не му се потребни патоказни знаци од субјект вишен;

со љубов ќе го исполнам секој момент од твојот ден,

ко што меанџијата со вино го полни грлестото шише.

3

Како што меанџи-Саки ги полни нашите чаши до врв,

така ти твојата чаша наполни ја со живот длабок и јак;

во неа , за смрттта не оставај ни талог од винската крв,

нема човек што заспал а во сонот од чашата пиел пак.

Сал невини очи може да го видат лицето што го сакам,

тоа е лице што, едвај приметно, како месечина млада,

личи на далечен дух кој врз заспаните дрвја немо ака

а неговите сребрени чевлиња сјаат во таа променада.

4

Не прашај кој го отепа Хафиза, очите прашај ги твои,

не криви го Небото ни Фортуната за таа случка бедна;

да бев сигурен дека за мртвите воскресение се крои,

ќе сакав пак да ти дојдам да ме заколеш уште еднаш.

Иако тврдо и ладно, твоето срце восхитот ми го плени,

толку студенило не зрачеле дури ни најстарите стени,

но и покрај тоа јас истрпев тортура и ич не ми е мака

бидејќи повеќе се восхитував на љубовта што те сака.

*************

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 64 Коментари: 0 Гласове: 0
1

Сѐ избледува и се лизга во овој нестабилен свет

и исчезнувајќи длабоко долу, несомнено се топи;

како празен ветар е дури и нашиот животен лет,

прилив и одлив сме, пимплачи што суетата ги опи,

а ни колку прекршен дрвен покрив немаме цена,

заборавени ко виножитен прелив на морска пена.

2

Надежта е самовилска палата но од песок е сета,

дрвото на животот пушта корења во виорен ветар,

исчезнува сето, а ако некој за пријател ме праша,

јасно ќе му кажам: еве го, виното во мојава чаша!

Саки, слуга сум на пријателот, човек ми е тоа вино!

Пред едикојси, на колена клекнат под небото сино,

со дух силен сум, светот нека си оди ако му е фино!

А ти, налеј ми пак и за чудна новост биди спремен!

Минатата ноќ, во меанава чадна, во ниедно време,

додека од виното опиен и слуден, клапнат дремев,

блесок како од Сонцето почна лицето да ми го пече

и пред мене Ангелот на Невидливиот свет вака рече:

3

“Хафиз, велик си, со умот продорен и острото око,

поетски мисли бркаш и ловиш како кралски сокол,

но оваа планета што проблемите ги раѓа без почин,

овој свет на маки и солзи, оваа земја на тажни очи,

не е гнездо за тебе, ти тука стануваш Болен Дојчин!

На седмото небо, со Ангел Габриел тебе ти е место,

во рајскиот предел, во близина на божјиот престол!

Слушни како твоето име на празното небо чест дава,

на рајски брегови ангелите ја опеваат твојата слава,

канат да го напуштиш светов и маките што те штават!

Бегај од невеста која на илјада младоженци им била,

таа древна нацртана жена што со иста лага зема сила,

што ни на еден од нив не му покажала трајна грижа,

додека вљубени славеи ко на розни трној се нижат“.

Да, ангелот блескотен таква беседа на Хафиз му кажа,

во земниот рај кајшто пијаниците маките си ги блажат.

***********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 123 Коментари: 0 Гласове: 1
1

Ветре источно, те молам, намини дома кај љубената

и донеси ми свежи вести за тоа како ги минува дните;

не одбивај ја молбата на бедникот вљубен во жената

на која тој ни колку едно зрно афионско не ѝ е битен.

И тебе, розо од нејзината градина, љубезно те молам,

воздишката на љубената кога таа го впи твојот мирис

пренеси ја на славејот за со песна мисливе што болат

да ги лекува и душата моја барем малку да се смири.

2

Љубена, та јас тебе веќе сум те љубел кога ти беше
сал нежно резне нова месечина на небесниот свод,

мала гола самовила со нос прчлест , малку смешен,

ги следев твоите сребрени чевлиња во лелеавиот тд.

Ах, тогаш те сакав и те придружував со душевна сласт!

А сега ти си возрасна месечина, со цицлеста убавина,

и за твој кавалер саноќ пак да ти бидам се борам јас,

и мислам, тоа би можело да биде вселенска правина!

3

Ама ако и ти ме засакаш, јас ќе го закопам твоето име

далеку, преку пустите мориња, во неоткриена земја;

убавице, стори атер и биди мила умница, за пример,

рацете на поетот наполни ги со злато, сребро и темјан.

Сето идно време ќе мечтае за тоа што чудо ти си била,

со таква магична цврстина и свежина на твојот здив;

Хафиз во песнава ќе го чува твоето лице ко китка мила

наспроти смртта која насекаде го сее заборавот див.

**********

Оригиналот тука:

https://archive.org/stream/odesfromdivanofh00hafiuoft/

Категория: Поезия
Прочетен: 198 Коментари: 1 Гласове: 1
Последна промяна: 01.04 19:29
Търсене

За този блог
Автор: lupcobocvarov
Категория: Поезия
Прочетен: 343243
Постинги: 738
Коментари: 120
Гласове: 491